Дома Беседи ЗА ПЛАЧОТ – Митрополит Наум

ЗА ПЛАЧОТ – Митрополит Наум

0
6

Луѓето вообичаено плачат поради последиците од својот грев, наместо поради причините.

Кога би заплакале поради причините, тие би престанале да плачат поради самите себе, а би заплакале за спасението на целиот свет.

Луѓето место превентивно, плачат од мака;

а колку ќе беше добро ако солзите им беа барем лек, ако беа од покајание.

Превентивниот плач е плач од самопознание; и обратно – непознавањето на себеси носи плач од очајание. Оној што го краси самопознание, нема потреба да плаче за себе.

Исцелениот ум се грижи за спасението на сите, а болниот само за самиот себе – и тоа напразно.

Што се однесува до Апокалипсата, не знам како некои мислат дека ќе ја избегнат.

Ако не општата, секој ќе ја доживее личната; тежината ќе биде според силите. Нема како да се избегне.

Богочовекот Христос го живее животот на секој еден од нас поединечно и секој еден од нас го живее Неговиот живот.

Никој од нас нема да избегне страдање, крст, смрт и воскресение, но едни ќе воскреснат за живот, а други за суд – кој како сака.

Никој да не ве плаши со нешто што е неизбежно и никој да не ве плаши со нешто чиј крај е Христос.

Ние, во православната вера, го очекуваме со радост тој бескраен Крај.