Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Браќа и сестри!
Како да се бориме со темната сила, како да се ослободиме од нејзиното страшно влијание, да се искорнеме од хипнозата на ѓаволот?
Првото средство е – чистосрдечна исповед за сите свои гревови.
Оптинскиот старец Иларион, кога ги прекорувал оние што доаѓале кај него за духовна помош, барал целосна исповед од шестгодишна возраст.
Потоа, неопходно често причестуваье со Светите Тајни. Некој Старец го прашал еднаш демонот: „Што е најстрашно за тебе?”.
Овој одговорил: „Причеста. Кога човек се причестува, тоа е најстрашното за мене”.
Освен тоа, потребна е Исусовата молитва.
Свети Јован Златоуст вели:
„Ние имаме формула против демоните – тоа е името на Исус Христос. Непрестајно, од утро до вечер, а ако можеш, и од вечер до наутро, вели:
Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот! – таа молитва не само што има сила да го изгони демонот туку може и да ги залечи раните оставени од неговите отровни заби во твојата душа”.
Моќно оружје против демонот е – смирението.
Демонот му велел на Свети Макариј Велики: „Ти постиш – jac воопшто не јадам, ти малку спиеш – jас воопшто не спијам, но ти можеш да се смируваш себеси пред другите,
а jac не можам да се смирам – дури ни пред Бога. Со смирение ме победуваш!”. Потоа, големо оружје против невидливите непријатели е – послушанието, послушанието кон својот духовен отец, но целосното послушание.
Послушникот во својот подвиг му се уподобува на Самиот Христос,
Имаме духовни отци, но од тоа не ни е полесно”.
Браќа и сестри, може покрај бунар полн со вода да умреме од жед, ако немаме со што да нацрпиме вода. Значи, во вашите односи кон духовниот отец има некакви неправилности.
Прво, човек кој е во послушание, треба да ja осознава својата крајна немоќ и бессилие. Тој треба да си каже себеси:
„Jас сум – ништо, ништожност сум. Не можам сам да се спасам”.
Човек треба длабоко да се разочара во своите сопствени сили. Заедно со тоа, тој треба целосно да се оддаде на волјата на својот духовник, да стане како камен во рацете на скулпторот или глина во рацете на грнчарот. (Се разбира, притоа услов е заповедите на духовникот да не им противречат на евангелските заповеди, кои се вечни!).
Одејќи кај духовниот наставник, човек треба да има целосна одлучност да исполнува сѐ што тој ќе му каже. Треба да се запомни дека неисполнетиот благослов на духовниот отец (кога ни се чини дека го нарушуваме заради полза, расудувајќи за нештото според својот ум) никако нема да нѐ приближи до Бога, туку ќе нѐ оддалечи од Него, дека тоа неисполнување лежи како камен на нашиот пат.
Послушникот треба во лет да го лови секое слово на духовниот отец, како некоја скапоценост, и да го положува во своето срце како скапоцен дар.
Но постои ваква една грешка на тој пат: човекот оди кај својот духовник со веќе однапред прифатена одлука, не зема благослов за некаква постапка, а побрзо, самиот го наговара духовникот тој да го благослови да постапи така како што самиот сака.
Понекогаш толку силно го убедува во сопственото право, што, мислејќи дека се наоѓа во послушание, самиот го поучува духовниот отец.
Понекогаш, браќа и сестри, неправилноста се поткрадува и во исповедта: таа е сосема студена, човекот повторува едно и исто неколку пати, кажува нешто што воопшто не се однесува на гревот и, на крај, во самата исповед бара убави и впечатливи зборови, наместо на детски начин да jа соголи својата душа и да бара прошка.
Таквата исповед е – плод на суета, и таквата исповед е тежок јарем за духовникот. Духовните чеда, се разбира, треба да се среќаваат со својот духовен отец, но – само заради тоа да ги решаваат своите духовни прашања.
Тоа може да се направи брзо, сепак некои одат кај својот духовен наставник така како што мирските луѓе одат на гости еден кај друг, – тие луѓе се арамии, тие им одземаат на духовниците време, кое им е потребно за молитва.
Браќа и сестри! Некои, чувствувајќи дека им е добро со духовникот, поминуваат време со него не затоа што сакаат на нешто да се научат, туку имено заради тоа да се напојат со сила, благодат.
Тие луѓе се како вампири, тие како да пијат крв од духовникот; не слушајќи го, не исполнувајќи го она што им го кажува, тие веднаш губат сѐ што стекнале во општењето со него.
И потоа пак нешто ги влече кај него, за тој со внатрешна напрегнатост, по цена на огромна внатрешна премореност да го изведе од таа празна, мачна состоба, – и повторно бесцелно, бесполезно.
Човек кој оди кај својот духовник треба да знае дека е обврзан да го исполни она што ќе му го каже духовниот отец. Ако свештеникот зборува со човек кој е внатрешно расположен да ги исполни неговите зборови, тој помалку се уморува од него, а ако зборува со човек кој е зафатен, нахранет со светски дух и дух на надеж во сопствените сили, тој гледа пред себе непробоен ѕид.
Има луѓе, кои добивајќи одговор од духовниот наставник, ако тој одговор не ги задоволува, одат кај друг, кај трет – со истото прашање. Тоа значи да се искушува Самиот Бог. Човек треба да праша – и да го прими приот збор како волја Божја, инаку го лаже Господа.
Некои се фалат со својот духовен отец пред другите: во Патерикот е напишано како некој монах кажувал дека за свој духовен отец има некој велик Старец, па тие на кои им се фалел, му рекле: „
Како такво добро дрво можело да даде таков кисел плод, каков што си ти?”.
Браќа и сестри! Особено сето ова се однесува на жените кои треба кон духовниот отец да имаат длабока почит и дури некој страв, инаку правилни духовни односи не можат да бидат.
Но во стварноста некои духовни чеда одат кај своите духовници како на забава, како да одат на кино или в театар; наместо на театар, доаѓаат кај својот наставник и седат кај него со часови.
Затоа и биваат казнети од Бога: се јавуваат страсти, се појавуваат нечисти мисли во нивните срца, и, наместо да се очистат, тие се осквернуваат.
Тоа е затоа што тие изгубиле страв пред својот духовен отец, страв не пред човек, туку страв пред Бога, чиј посредник е свештеникот.
Запомнете: средбата со духовниот отец треба да биде кратка, само тогаш човек ќе ги разбере словата на својот отец и ќе ги осмисли! Во друг случај тие ќе исчезнат и ќе се растворат во море од непотребни зборови.
Браќа и сестри! Денешното Евангелие ни раскажува за тоа како гадаринскиот бесен беше исцелен од Исус Христос.
Бесовите, излегувајќи од него, влегле во свињите (Марко 5, 1-13). Свињите се оние луѓе кои не го гледаат духовното, не го гледаат небото: свињите не можат да гледаат нагоре.
Свети Атанасиј Велики вели:
„Свињата е – образ на грешник кој се кае, а потоа оди повторно да го направи својот грев”.
И уште: „Ако свињата се исчисти, се измие, се облече во свилена облека и на градите ѝ се стави златно ланче, таа, сепак, ќе го тргне сето тоа и со гровтање повторно ќе се плесне во калта”.
Значи, свињите се оние луѓе кои после неискрено покајание пак се враќаат на своите поранешни гревови. Амин.
Пренесено од книгата ,,Патот на христијанинот” од Архимандрит Рафаил (Карелин)