“Штом е во прашање „свадба“ на која има промена на местата за седење, тогаш во ова евангелско четиво не се зборува и не се мисли толку на есхатолошкото Царство Небесно, туку на Црквата којашто престојува во времето и просторот на овој свет и на нејзината Света Литургија – како предвкус на Царството;
а посебно се мисли на местата што свештенството ги зазема на Светата Литургија.
Како што е убаво речено: едно е да заземеш место по Божја волја, а друго е да заземеш место по Божјо допуштање.
Исто така, едно претставува последното место што го зазема некој откако ќе го засрамат,
а друго претставува последното место коешто повиканиот на свадбата сам, согласно Господовата заповед, си го зазема.
Кога некого прашале каде е местото на срцето, им одговорил кратко:
тоа е „последното место“. Седни на „последното место“ и срцето само се отвора за умно-срдечната молитва.
Токму тоа „последно место“ е скриениот подвиг на Богородица и жените мироносици, тоа е тајната на есхатолошкото свештенство.
Последното место во нашиот живот се пројавува преку несудењето и неосудувањето на другите.
Нема кого да суди и осудува тој што е подолу од сите други. Тоа е главна карактеристика на последното место.
Погоренаведеното е сосема спротивно од тоа да станеш монах во родната земја, но со претходно ветување дека ќе станеш епископ – без долгогодишен монашки подвиг и автентичен монашки пород, без внатрешно духовно покритие на умно-срдечната молитва, и дотолку да „декомпензираш“ од делузивен месијански порив, така што да сметаш дека со секуларни методи ќе спасуваш цела помесна Црква, или цела држава, или цел еден народ, или сето тоа заедно, и наместо добро, да направиш огромна духовна и општествена штета.
Така, според Господовите зборови:
секој што заради човечка слава се воздига себеси – значи, секој што бара внимание, почести и покорност од луѓе и себеси се смета за некој многу важен – ќе биде понижен; а оној, пак, кој се смирува себеси заради Бог, барајќи последно место низ подвигот на самоосудување, прифаќајќи дури и да биде отфрлен од сите, ќе биде воздигнат од Бог.
Сетете се на мачениците, јуродивите и вистинските монаси…”
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 14:1-11
1. Еднаш во саботен ден влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие пазеа на Него.
2. Одеднаш застана пред Него еден човек, болен од водена болест.
3. И кога одговори Исус, им рече на закониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?”
4. А тие замолкнаа. И како се допре, го излекува и го испрати.
5. Потоа им рече: „Кој од вас, ако му падне в бунар вол или осле, нема да го извади веднаш, и тоа во саботен ден?”
6. Не можеа да Му одговорат на тоа.
7. А кога забележа, како поканетите избираат први места, им кажа парабола и рече:
8. Ако те покани некој на свадба, не седнувај на првото место, за да не влезе некој од гостите со поголема чест од тебе,
9. и, да не дојде оној, што ве поканил и тебе и него, па да рече: »Отстапи го местото на овој!« и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место.
10. Но, кога ќе бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној, што те поканил, штом дојде, да ти каже: »Пријателе, премести се погоре!« Тогаш ќе имаш чест од гостите, што седат со тебе.
11. Зашто, секој што се издига, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде издигнат.”