“Богочовекот Христос нѐ опоменува поради прекумерната грижа за телесното и, општо, за материјалното.
Ваквата загриженост произлегува од заробеноста на нашето срце од страстите; накратко – од самољубието, безверието и барањето сигурност во овој свет.
Најпрепознатлива манифестација на таа заробеност е фактот дека сè помалку време имаме за молитва,
а и ако се помолиме, тоа ќе биде со расеаност и кратко.
Потоа, губењето време и сила во борбата со најразлични помисли и гревовни чувства, со планови и фантазии за материјалното,
како и со една состојба на постојано исчекување нешто да се случи на тој план.
И, на крај, неблагодарност кон Бог и големо незадоволство.
Неблагодарноста и незадоволството од тоа што сме и што имаме е голема пречка да го добиеме тоа што сакаме да станеме и да имаме.
Вистински безизлез.
Господ Исус Христос се обидува да нè отрезни од опиеноста со прекумерната грижа за нашите потреби опоменувајќи нè: „сето тоа го бараат незнабожците…“
Гледате ли, заробеноста на нашето срце од страстите сластољубие, среброљубие и славољубие нѐ става во редот на незнабожците.
Но, Христос се обидува и да ја поткрепи нашата вера и да нè мотивира за подвиг, сведочејќи ја љубовта на нашиот Отец:
„Не грижете се… вашиот Отец Небесен знае дека за сето ова имате потреба…“
Господ ни го покажува и патот по кој треба да одиме за да се ослободиме од заробеноста од прекумерната грижа за световното:
„Но барајте ги најнапред Царството на Бог и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде“. Овој пат е потполно спротивен од она што досега сме го правеле, нѐ свртува кон нашето духовно срце и ни отвора сосема нови хоризонти.
Ова евангелско четиво е едно од најубавите сведоштва за христијанската антиномичност.