http://www.mpc.org.mk/pouka.asp
Коментар на денешното евангелско четиво:
“Како што трњето е пречка за посеаната нива да донесе добар плод, така и гревовите се пречка за нашето срце да донесе добар плод на добродетелта, после чуеното слово.
Притоа, боцките од трњето личат на грев со сторено дело,
листот – на грев со зборови,
гранките – на грев со помислите.
Трњето има и корен.
Коренот на гревот се страстите вгнездени во нашето срце (главната – самољубие, односно трите подгрупи:
славољубие, среброљубие и сластољубие).
Заробеноста на срцето од страстите не ѝ дава на благодатта на Крштението да се пројави и слободно да дејствува надвор од нашето срце, низ целото наше битие и надвор од нас;
не му дава простор на словото за верата посеано во нашето срце да порасне и да донесе плод на покајание или преумување.
Ако сакаме зрното да донесе плод треба земјата да ја очистиме од трњето, а трњето да го извадиме со корен.
Но, за да стигнеме до коренот, трњето треба да почнеме да го уништуваме од врвот.
Значи, треба да престанеме да грешиме на дело, потоа со збор и на крај со мисла.
„Кој има уши да слуша, нека чуе!“
Што значи: кој верува, нека го спроведе чуеното слово на верата во дело!
Инаку, трњето се појавува кога немаме истрајност во подвигот.
Или сме во подвиг, или почнуваме да грешиме; трето нема.
Делот покрај пат значи дека немаме опит во подвигот.
Духовниот отец ви кажува слово, но демонот доаѓа и ви го брише кажаното затоа што тоа активно се памти само ако се спроведува на дело.
Каменито место е просторот каде што сè уште владеат страстите, самољубието и безверието.
Добра земја е верата во Богочовекот Христос преточена во послушание.“