(Омилено)

КАКО БОГ НЕ’ КАЗНУВА (2014)

Луѓето најчесто си го поставуваат прашањето:

„Зошто Бог ги казнува?“, а многу, многу ретко – согласно истата логика, се прашуваат: „Како Бог ги казнува?“.

Кога би го знаеле одговорот на прашањето што не си го поставуваат, би го знаеле и одговорот на првото прашање – кое често си го поставуваат.

Да се обидеме да одговориме, значи, прво на второто прашање.

Како Бог нè казнува?

Никако – Бог никогаш не нè казнува!

Ние сами се казнуваме своеволно отпаѓајќи од животворната личносна заедница со Него, отпаѓајќи од Неговата благодат.

Значи, точно формулираното прашање треба да гласи:

„Како ние самите себе се казнуваме?“

Со ваквата формулација отпаѓа како неумесно првото прашање, но новопоставеното – сѐ уште чека одговор.

Како ние самите себе се казнуваме?

Одговорот на ова прашање зависи од нашиот однос со Бог.

Прво, да се потсетиме. Ние со Бог воспоставуваме три вида на односи: робовски, наемнички и синовски.

Секако, Он има само еден однос кон нас – како Отец кон Своите деца, така што Неговиот однос кон нас не зависи од нашиот однос кон Него. Бог, просто, нас нè љуби.

Оној што од страв кон Бог гради со Него робовски однос, кога ќе згреши нешто пред Бог, се самоказнува со страв од Бог (и од луѓето).

Страв – главно, дека ќе биде казнет некако (дека ќе го изгуби тоа кон кое е најстрасно приврзан) уште во овој живот;

и страв – нејасен, дека ќе биде казнет и во идниот век.

Таквиот, згрчен од стравот, не е способен веднаш да ја види љубовта со која Бог му одговара. Што ова точно значи, бесполезно е да се објаснува.

Оној што за награда од Бог гради со Него наемнички однос,

кога ќе згреши нешто пред Бог, се самоказнува со недоверба кон Бог (и кон луѓето).

Недоверба – главно, дека ќе ја изгуби овоземната награда заради која Му работи на Бог; и недоверба – нејасна, дека ќе ја изгуби и наградата на идниот век.

Таквиот, згрчен од недовербата, исто не е способен веднаш да ја види љубовта со која Бог му одговара.

Што ова точно значи, бесполезно е да се објаснува – исто така.

Оној што од љубов кон Бог гради со Него синовски однос, кога ќе згреши нешто пред Бог, се самоказнува, главно, со тага по Бог (и внатрешен срам пред луѓето).

Тага, дека Го изневерил Него, и тага дека соодветно ги губи љубовта Божја, односно благодатта Божја, односно Него.

Неговата тага по Бог е сосема оправдана, но одговорот на љубовта Божја кон него на почетокот изгледа чуден, но потоа е многу засрамувачки.

Опитот покажува дека Бог Своите деца најчесто ги „казнува“ со љубов – со брзо, неочекувано или лесно исполнување на некои нивни желби, и со исто такво решавање на некои нивни проблеми.

Во смисла:

Не можам да ти дадам благодат со сила – затоа што сам си се откажал од неа со својот грев, но ќе ти покажам љубов каква што на недозреаните деца им се пружа.

Тоа е љубов која секој може да ја препознае. Човек, просто, да си помисли дека е добро да греши.

Но, ќе грешам ли намерно за да бидам вака наградуван?

Да нè чува Господ од таква прелест – Крстот Христов и Неговото Воскресение, односно таговната-радост или радосната-тага, односно личниот однос со Него да го замениме само со некакви си овоземни радости и успеси.

Просто речено, таков е одговорот на Божествената љубов од која секој вистински воин и дете Божјо ќе се засрами и ќе се покае.

P.S. Пишувам на темава во општи црти. Со овој текст не можам и немам намера да навлегувам ниту во бесцелни и бесконечни лавиринти на некаква психоанализа ниту да опишувам некакво конечно и неменливо духовно правило, превидувајќи ги притоа Божјата Промисла и неискажливите Божји судови – конкретно и лично, за секој од нас поединечно; особено кога се во прашање Неговите деца.

Митрополит Струмички Наум
Претходна статијаСветиот апостол и евангелист Лука (Од Правосл. календар)
Следна статијаСТРАНЕЦОТ КОЈ НЕ ВЕРУВАЛ ВО БОГ…