ТРИЕСЕТТО ПИСМО

Без Божјата волја не можеме ни да се разболеме,

ниту да умреме

Премудриот Соломон вели:

Почеток на мудроста е стравот од Бога. Jас, пак, вам ви велам: Блажен е и трипати блажен оној човек, што има страв од Господа.

Од тој страв се раѓа довербата во Бога. Човекот со својата душа верува дека, доколку сосема се посвети на Бога, тогаш и Бог во целост ќе промислува за него.

Освен грижата за храна и кров над главата, на која повторно го поттикнува Самиот Бог, тој треба да ѝ се потчинува на потполната едноставност.

Кога таквата вера ќе се вкорени во човекот, тогаш целосно исчезнува она знаење, од кое се раѓа сомнежот во сѐ, кое jа намалува и често сосема ја одзема верата. Нему му содејствува природата, зашто со неа сме одгледани.

Но, кога еднаш после многу искушенија верата ќе победи, знаењето се менува, или подобро кажано, му се дава на човекот дар на духовно познание, кое не ѝ противречи на верата во него, туку напротив, полетува на нејзините крилја и проникнува во длабочините на тајните.

После тоа, овие двете, верата и познанието, познанието и верата, стануваат неразделни сестри.

А ние, кои сме се посветиле на Бога, се испитуваме самите себе и согледуваме, поседуваме ли ние таква вера, или над нас господари знаењето.

Ако ти сѐ Му препуштиш на Бога, гледај, веднаш си jа задобил верата и тогаш сигурно, без никаков сомнеж ќе jа здобиеш за своја помошничка.

Дури и ако бидеш испитан илјадапати, па дури и ако сатаната те искушува за да ја ослаби твојата вера, ти и по илјадити пат, дај ѝ предност на смртта и не потчинувај му се на знаењето.

Со самото тоа, за тебе ќе се отворат вратите на тајната, па дури и самиот ќе се зачудиш, колку порано си бил врзан со оковите на знаењето, додека сега на Божествените крилја, леташ

над земјата. Ти вдишуваш друг воздух, воздухот на слободата, од кој другите се лишени.

Ако, пак, видиш дека знаењето царува, тогаш дури и кога си во најмала опасност, ти се губиш и очајуваш, и знај дека сѐ уште си лишен од верата.

Оттука, следува дека ти сѐ уште на Бога не jа полагаш сета својата надеж и не веруваш дека Тој може да те спаси од секое зло.

Поради тоа, потруди се да се поправиш, или како што ние тоа го велиме, да не бидеш лишен од големите добрини.

Посвети внимание на ова, што сега ќе ти го кажам.

Еднаш, нѐ посети еден човек, кој веќе многу години бил монах.

Живеел во Швајцарија, зашто порано имал три големи, страшни и неизлечливи болести. Го потрошил на лекарства целото свое богатство, зашто бил богат човек.

Некој го посоветувал да дојде кај мене. Тој ми ги откри своите мисли и јас многу се сожалив над него.

Му реков дека веднаш ќе оздрави, штом поверува дека Бог може да го излекува.

Ако сега ви jа пишувам целата историја и колку се изнамачив за да го убедам, ќе ми бидат потребни четири листови хартија. Тој не ме напушташе и не заминуваше, но не сакаше да поверува, сѐ дотогаш, додека не продејствува Самиот Бог.

Јасно чу глас кој му велеше:

„Зошто не послушаш, за да ти биде добро?“

И така се спаси. Барав од него да јаде спротивно од она што требаше (односно, да го јаде она, од што претходно ми велеше дека, ако го јаде ќе умре) и целата надеж да jа положи на Бога, да се одрече од знаењето и да jа следи верата.

Веќе да не јаде по десетпати на ден, како што досега правел, туку само еднаш.

На Бог му беа потребни три дена за да го испита, а јас во тие дни срдечно се молев за него.

Во текот на ноќта, во сонот видов две страшни птици, кои му се нафрлија за да го изедат. Змијата цврсто го обвитка неговото грло, а тој со подивен глас ме повикуваше за да го спасам.

Се борев со сите тие чудовишта, ги истепав и се разбудив. Тој тогаш дојде и ми рече:

„Сосема ми е добро, како повторно да сум се родил!“

И навистина, телото му беше целосно здраво, како на мало дете. Со себе имаше лекови и две торби полни со инјекции.

Jас му реков да го фрли сето тоа врз камењата и тој тоа го направи. После сето ова, тој живееше како здрав човек и јадеше само по еднаш на ден.

Гледате ли како деіствува верата?

Немојте да мислите дека јас тоа го направив. Не. Јас не сум на толку висок духовен степен, со толкава вера и сила, за да правам такви чуда.

Чујте го сега и ова.

Една монахиња многупати ми пишуваше дека ќе умре, доколку не оди на операција.

Jас ѝ одговорив уверувајќи ја во спротивното.

Таа повторно ми вели дека докторот кажал, ако не биде оперирана за неколку дни, ќе дошло до перфорација и дека таа ќе умрела. Јас пак ѝ повторив:

„Имај вера, остави сѐ на Бога и дај ѝ предност на смртта!“

По не многу дни оттогаш, ми прати одговор дека болеста се повлекла.

Гледате?

Сум го испробал тоа илјадапати.

Кога смртта ќе ја поставиш пред себе и кога секој момент ја очекуваш, таа бега далеку од тебе.

Меѓутоа, кога се плашиш од неа, таа непрестајно те следи.

Погребав тројца мои браќа кои умреа од туберкулоза, гаејќи во себе надеж дека и јас ќе се разболам од нив.

Jа облеков облеката што ја соблеков од упокоениот, но тогаш смртта побегна и отиде кај оние, кои се плашат од неа.

Jac боледувам целиот мој живот и никогаш не сум се лечел. Упорно го јадам она што ми е забрането, и каде е

смртта?

Ова ви го пишувам, затоа што тежнеете кон совршенство. Мирјаните не грешат владеејќи се според знаењето, зашто тие не бараат друг пат.

Со сето ова, сакам да ви предочам, дека без Господовата волја не можеме ни да се разболеме, ниту пак, да умреме. Оди си далеку од нас, маловерие!

Кога, на почетокот ќе Го спознаеме Бог како Творец на секое добро, како Отец, Кој промислува за нас и Кој нѐ заштитува, тогаш во Него мораме да поверуваме со сета своја душа и со целото свое срце.

И сета своја надеж jа полагаме на Него.

Тогаш ќе Го засакаме, зашто на себе ќе ги почувствуваме Неговите добри дела.

Кога, од сѐ срце ќе Го сакаме Бога, како наш Создател, тогаш и ближниот ќе го љубиме, како што се љубиме самите себеси, знаејќи дека сите сме браќа, во Адам според својата природа, а во Христос според благодатта.

Затоа што се посветил на Бога, духовниот човек не смее да го признава сродството по тело, туку сродството по духот.

Човекот и жената, односно телото, постојат само заради продолжување на родот, од што ние сме се одрекле и се подигнавме над тоа.

Ако сме духовни, мораме и духовно да гледаме. Што се однесува до душата, не постои машка или женска душа, ниту пак, млада или стара душа, туку над сите нив е Христовата благодат.

Поради тоа, ве молам:

допуштете му на вашиот ум слободно да jа созерцува таа голема тајна, која е сокриена во зборовите кои вам ви ги говорам.

Не држете го своот ум според законот, зашто ние сме според благодатта.

Нека jа вкуси непорочната љубов и нека полета до созерцание на единствениот Бог, нашиот благословен Отец.

Затоа што сите сме браќа, Божји дух и Божји здив, како и затоа што нашиот Животодавец и Отец е помеѓу нас, сите наши дела, движења и мисли се отворени за Неговиот суд и се јасни за Неговите очи.

И пред да станеш, или нешто да помислиш, било тоа да е добро или зло, душата, како дух, како Божја воздишка, ќе го извести Бога за тоа. Тој однапред знае што ќе направиш, а дури потоа правиш движење со душата или со телото.

Сега, посвети внимание на зборовите на пророкот:

„Го гледав Господа пред себе, секогаш“ (Псалм 16, 8).

Дали очите на твојата душа се постојано отворени, или пак, сметаш дека, ако ти не Го гледаш Бог, и Тој тебе не те гледа?

Или можеби, ако твојот ум е затворен, сметаш дека можеш нешто да направиш во тајност и да го сокриеш тоа од Него?

Меѓутоа, Тој те гледа тебе и се разжалостува, но е многу попустлив и замижува пред твоето маловерие и затемнетоста на умот…

Зарем не знаеш дека Исус за секого е исцеление и за секого потреба?

Дека Тој е храна за гладните, вода за жедните, сведоштво за молитвениците и на сите сѐ, за спасение.

Верувај ми, чедо мое, без разлика од што страдаме, Христос за сѐ е најдобар исцелител на душата и телото.

Доволно е само да се има целосното одрекување и совршена вера, и да се биде непоколебливо предаден на Христос.

Ако нашиот сладок Исус е толку добар, милостив и благ, тогаш зошто очајуваш?

Кога од Него бараме нешто малку, Тој ни дава толку многу. Од Него бараме само еден мал зрак светлина, а Тој ни се дава Самиот Себе – целосната Светлина, Вистина и Љубов.

Според тоа, смири се и целата своја надеж положи jа на Него.

Верувај ми мене, кој ти говорам вистина. Откако станав монах, колкупати и да боледував, никогаш не сум се грижел за самиот себе. Никому не допуштав да се грижи за моето телесно здравје и целата моја сила ја полагав на бесплатниот Лекар.

Во почетокот ми беше дадено тешко искушение.

Целиот грб, одозгора па до долу, ми беше прекриен со чирови, големи колку лимон. Бев вкочанет како дрво и не можев ниту да се наведнам.

Се борев со оваа болка и не ги менував ниту алиштата.

На плеќите носев една вреќа и така ја поминав целата Света Гора.

Одев, сѐ додека чировите не испукаа.

Потекуваше гној, кој ми се сливаше дури и низ ногавиците.

Како што реков, алиштата не ги менував и се борев со ужасни болки, сѐ додека од течноста што истекуваше, алиштата не станаа дебели колку еден прст.

И во моите рани можеше да се стави прст. Меѓутоа, ништо не ми се случи.

И до ден денеска, кога и да се разболам, јас секоја болест ја дочекувам со најголема радост: можеби таа ќе ми го донесе вечниот сон и ќе се најдам пред Господ Исус. Тој час сѐ уште не дошол, но во секој случај, наскоро ќе дојде.

Смртта, која за многумина е голема и страшна, за мене е само одмор, најслатка работа, која штом дојде, ќе ме спаси од тагата на овој свет.

Ja очекувам во секој момент. Таа е навистина голема.

Но, голем е и подвигот, на себе да се прифати целиот товар на денешниот свет, кога секој еден човек од другиот бара исполнување на заповедите.

Такво е нашето време. Поради тоа, неопходно е големо трпение, за да можеме до последната воздишка да останеме во исправена положба.

Значи, биди храбар и твојата душа нека се закрепнува во сѐ што било и да се случува.

Токму поради тоа и поради сето останато, јас станав мртовец. Го молам Бога да ме земе, за да се одморам.

Jа просам вашата љубов да се моли за мене, зашто има многу души кои ја очекуваат мојата помош.

Верувајте ми дека токму поради таквите души, кои од мене добиваат помош и сам ја искусувам нивната војна, коа тие ја водат.

Повторно ви пишувам, охрабрувајки ве, да не се плашите од болеста, дури и ако страдате до последниот ден.

Ако Бог е секогаш близу, тогаш зошто да се вознемируваме?

Во Него живееме и за Него се движиме.

Тој нѐ носи во Својата прегратка. Со Бог дишеме, во Него се облекуваме, Бога Го достигнуваме, Него Го вкусуваме во тајната.

Каде и да се свртиш, каде и да погледаш – насекаде е Бог: на небесата, на земјата, во бездната, во дрвјата, во камењата, во твојот ум, во твоето срце.

Зарем Тој не гледа дека ти боледуваш и страдаш?

Кажи Му што те мачи и ќе ја видиш утехата, ќе го видиш исцелувањето, кое нема само да ти го излекува телото, туку во уште поголема мера, страста на твојата душа.

Ми пишуваш дека сѐ уште ги носиш во себе обележјата „на стариот човек“.

А јас ќе ти кажам дека во тебе сѐ уште нема ниту една капка од новиот Адам. Ти си цел „стариот”.

Кога во тебе ќе започне да се обликува новиот Адам, сам ќе ти напишам за видовите вообличувања на новиот човек, се разбира, ако бидам жив.

Пренесено од книгата „Старец Јосиф Исихаст“

Претходна статијаСобор на сите македонски светители!
Следна статијаАСКЕТСКИ НИХИЛИЗАМ – „Ништо“ води кон „сѐ“.