…Откако ги укори сите присутни поради маловерие, Господ заповеда да му го доведат болниот:

,,Доведете Ми го тука! И му нареди Исус на бесот, и тој излезе од момчето, и тоа оздраве во тој час!”

Така раскажува евангелистот Матеј.

Другите
двајца евангелисти раскажуваат и други поединости, што се случија непосредно пред исцелението на момчето.

Тоа се главно три поединости:

прво, Христос го прашува таткото од кога синот е болен од таа болест;

второ, Христос ја истакнува верата како услов за исцеление;

трето, при самото приведување на синот до Христа, исплашениот ѓавол со тешки маки го остава детето и бега.

,,Колку време има откако станува тоа со него?” го прашува Господ таткото на болното момче.

Тој тоа не го прашува поради себеси, но поради оние околу себе. Тој сѐ јасно провидувал и знаел дека болеста во момчето е стара.

А таткото одговори: ,,Од детинството”.

Сите да слушнат и да разберат каков ужас поднесуваат луѓето од злите духови и колку е моќна
Божјата заштита на човекот, без која многу одамна злите духови сосема би ги упропастиле и телото и душата на момчето.

И најпосле, колкава моќ има Синот Божји и над најсвирепите зли духови. „Смили се над нас!” му вели на Христа таткото на болниот син.

Вели ‘над нас’, а не само над детето. Оти страдањето на синот е страдање за таткото, и за целата куќа, и за целото семејство.

Ако оздрави момчето, товарот ќе се симне од многу човечки души.

А Исус му рече:

,,Ако можеш да поверуваш? Сѐ е можно за оној што верува.”

Спрема секоідневниот начин на Божјото постапување Господ Исус Христос и тука сака наеднаш да направи што е можно повеќе добрини.

Една добрина е тоа што ќе му го врати здравјето на момчето. Но зошто да не направи и друга добрина?

Зошто да не ја утврди и верата во таткото на момчето?

Но зошто едновремено не направи и трета добрина:

што посилно да ја искаже својата моќ, за да поверуваат луѓето во Него? И зошто да не направи и четврта добрина:

зошто да не го разобличи неверувањето и расипаноста и дволичното однесување на луѓето спрема злото, спрема злите духови и гревот?

И зошто да не направи и петта и шеста и седма добрина, и сите оние добрини воопшто, кои ги повлекува само едната добрина?

Бидејќи едно добро дело секогаш со себе носи и други добрини.
Но погледнете уште еднаш, колку мудро Господ ги поврзува строгоста и снисходливоста.

Кога строго го разобличува неверувањето, Тој зборува обопштено, будејќи ја верата во сите, а
не понижувајќи никого лично.

А сега, кога му се обраќа лично на молителот, Тој не зборува строго, туку сосема внимателно и снисходливо: ако можеш да поверуваш?

Ваквата Христова внимателност и снисходливост го предизвикала очекуваното дејство.

Таткото заплака и во солзи рече:

„верувам Господи, помогни му на моето неверие!”

Ништо толку не го топи мразот на неверието како солзата. Во часот кога овој човек заплака пред Господа, тој во своето срце се покаја за неверието и во него, во
присуството на Бога, наеднаш дојде верата како потоп од надојдена силна река.

И тогаш тој ги изговори зборовите кои им останаа како гласна поука на сите поколенија човечки:

“Верувам Господи, помогни му на моето неверие!”

Овие зборови покажуваат дека човекот без помош Божја не може дури ни до вера да
дојде.

Само до маловерието човекот може да дојде сам, односно до верување и во доброто и во злото, или со други зборови: да се
сомнева и во доброто и во злото.

Но од маловерието до вистинската вера патот е многу долг. И тој пат човекот не може да го помине сам без Божја рака.

Помогни ми Господи, да верувам во Тебе!

Помогни ми, да не верувам во зло!

Помогни ми сосема да се избавам од злото и да се соединам со Тебе!

Тоа значат зборовите: ,,помогни му на моето неверие.”
i
Пренесено од книгата “Омилии” Недела десетта по Духовден