СВЕТИОТ СЛАВЕН ПРОРОК ИЛИЈА

Боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера.

Родум од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин.

Кога се роди Илија, неговиот татко Савах виде ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Ова беше предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него.

Целата своја младост ја мина во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината за во тишина да размислува и да се моли.

Во тоа време еврејското царство беше разделено на два нееднакви дела: Јудиното царство опфаќаше само две племиња, Јудиното и Венјаминовото, со престолнината во Ерусалим, а Израилевото царство ги вклучуваше останатите десет племиња со престолнина во Самарија.

Со првото царство владееја потомците на Јеровоам, слуга на Соломон. Најголем судир пророкот Илија имаше со израилскиот цар Ахав и со неговата изопачена жена Језавела.

Зашто тие им се поклонуваа на идолите и го одвраќа народот од служењето на единствениот и жив Бог.

Одозгора уште и Језавела, којашто беше Сиријка, го наговори мажот ѝ да подигне храм за сирискиот бог Ваал и да одреди свештеници за тој лажен бог.

Со големи чуда Илија ја покажа силата и власта Божја: го затвори небото, па немаше дожд три години и шест месеци;

спушти оган од небото и Му запали жртва на својот Бог, а жреците на Ваал тоа не можеа да го направат;

низведе дожд од небото со својата молитва;

чудесно ги умножи брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и го воскресна нејзиниот умрен син;

му прорече на Ахав дека кучињата крвта ќе му ја лижат и на Језавела дека кучињата ќе ја изедат, што и се случи;

и многу други чуда изврши и настани предвести.

На Хорив разговараше со Бога и во тивкиот свеж ветрец го чу гласот Божји.

Пред да се вознесе го зеде Елисеј и го одреди за наследник во пророчката служба; со својата наметка го пресече Јордан; и најпосле беше земен на небото во огнени кочии со огнени коњи.

На Тавор заедно со Мојсеј Му се јави на Господ Исус Христос.

Пред крајот на светот Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот (Откр. 11).

УТРЕНА

Тропар, глас 4.

Ангел во тело, темел на пророците, втор претеча на Христовото пришествие, славниот Илија, кој одозгора му испрати благодат на Елисеја, болести да лекува, лепрозни да очистува. Затоа и на оние што го почитуваат им дава исцеленија.

Величание:

Те величаме, свети славен пророче Илија, и го чествуваме твоето огнено вознесение на небо со тело.

Седален, глас 8.

Сите ние, верни, со песни да го прославиме Илија Тесвиќанец – изворот на чудеса и украсот на пророците, бидејќи, сѐ уште бесмртен по тело, како мртов дава уверување во воскресението на мртвите.

Затоа, имајќи смелост пред Бога, им дава исцеленија на оние што со вера просат од него, и на Христа Му се моли постојано да им даде прошка на гревовите, на оние што со љубов го празнуваат неговиот свет спомен.

Кондак, глас 2.

Пророче и предвидувачу на великите дела на нашиот Бог, Илија со големо име, кој со твојот збор ги задржа водоносните облаци, моли Го за нас единствениот Човекољубец.

Икос: Гледајќи го големото беззаконие на луѓето, како и неизмерното Божјо човекољубие, пророк Илија се бунтуваше и, гневејќи се, упати немилостиви зборови кон милостивиот Бог и повика: Судијо праведен, крени се против оние што го кршат Твојот закон! Но милостивиот Бог не ги казни оние што Го навредуваа, бидејќи единствениот Човекољубец очекува од сите покајание.

Песна 9.

Ирмос: Светилникот Бог, Кој засветли пред сонцето и Кој плотски дојде при нас од утробата на Дева, која неизречено Го воплоти: благословена, сечиста, тебе, Богородице, Те величаме.

Откако го одживеа еднонасочниот човечки пат на земјата, ја мина реката Јордан со помош на наметката и, јавајќи низ воздухот, со помош на Духот го заврши својот необичен пат кон небото.

Горејќи од ревност за верата, Тесвиќанецот се искачува на огнена колесница; Елисеј, пак, ја облече наметката што ја фрли Илија, и ја прими Божјата благодат што не можеше да биде скриена.

Тесвиќанецот, кој на Тавор се удостои со боговидение, заедно со Мојсеја, го гледа она што око не виде, уво не слушна, и на срцето човечко не дојде – воплотениот Господ Седржител.

Богородичен: Ти си таа што ја избриша древната осуда, ја исправи грешката прамајкина, измирувајќи го родот човечки со Бога како мост кон Создателот. Поради тоа, Богородице, ние те величаме.

Другиот канон.

Ирмос: Ние, спасените преку тебе, Дево Чиста, навистина те исповедаме за Богородица, со бесплотните хорови величајќи те.

Пророче Илија, ти си обожен од нематеријалниот зрак на Живоначална Троица; затоа сите ние те приведуваме за наш молитвеник пред Бога, за светот, блажени!

Ние те познаваме како ангел на земјата, божетвени пророче, и како човек Божји на небесата, како што и Самиот Господ рече: Бидејќи си жесток човек, Илија, и не можеш да го трпиш Израилот кој греши, качи се ти при Мене, а Јас ќе слезам долу.

Божествени пророче, како бестелесен си поживеал на земјата, и сега, вознесен на небесата, ликуваш со ангелските хорови. Одозгора, надгледувајќи нѐ нас, кои те воспеваме, блажени.

Богородичен: Пречиста, во прегратките Го носиш Бога Кој ја носи вселената, и Го храниш Хранителот Кој нам сличен ни стана. Него моли Го, на сите твои луѓе да им дарува избавување од опасности.

Светилен.

Светлината, која те покажа како патник кон небото на четирикоњска огнена кола, на крајот не те изгоре тебе, Илија, кој со својот јазик го симна огнот од небото, и ги исуши облаците.

Слава: Си се вознел на небесата на огнена кола; и сега, како оној што одблизу ја гледа Светлината, нам кои со вера го славиме твојот спомен, давај ни ја духовната светлина.

И сега, богородичен.

Богородице, која си била причина за добрата на светот, давани од Бога, и сега моли Го Бога, Кој лесно се помирува, за наше заедничко спасение.

Подготви С. Т.

Претходна статијаДедо Наум раскажува за некои моменти и совети од заедничкиот живот со Св. Гаврил Лесновски – Светогорец…
Следна статијаТолкување на Великопосната молитва на свети Ефрем Сирин – о. Гаврил (Галев)