СВЕТИТЕ ВЕЛИКИ И РАМНОАПОСТОЛНИ ЦАРЕВИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА
ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, стихири, глас 4.
На царот (Константин) си му го дал најсилното оружје, Твојот чесен Крст, со којшто царуваше на земјата праведно, светејќи со благочестие, и со Твојата миолост се удостои за Царството небесно.
Со него и ние ја славиме Твојата човекољубива промисла, сесилен Исусе, Спасителу на душите наши.
На Твојот благочестив угодник, Човекољупче, си му дал мудрост Соломонова, кроткост Давидова, и апостолско православие, како Цар над царевите, и Господ над владетелите. Затоа ја славиме Твојата човекољубива промисла, сесилен Исусе, Спасителу на душите наши.
Ти си првиот кој твојата багреница доброволно Му ја покори на Христа, секогаш споменуваниот Цар, признавајќи Го за Бог и Цар на вселената, и добротвор на сите, Кој дава победа на секое началство и секаква власт надминува.
Затоа, како пријател Христов, го прими царството од Човекољубецот Исуса, и Спасителот на душите наши.
Слава, глас 2 (Византиева).
Откако од Бога ги прими најдобрите од Неговите богати дарови, моќен цару и превелик Константине, сите нив добро ги употреби. Озарен од зраците на Пресветиот Дух, со крштението од свети Силвестер, се покажа непобедлив меѓу царевите, и како дар на Твојот Создател си Му ја дал вселената, и благочестивиот град царски. Затоа не престанувај да Му се молиш на Христа Бога, како оној што смелост има, на сите оние што го слават твојот спомен, да им дарува прошка на гревовите и милост голема.
Стиховни стихири, глас 2.
Константине, ти си првиот цар христијански, кој го прими скиптарот од Бога, бидејќи тебе ти се покажа спасителниот знак што го криеше земјата, со чија помош си ги покорил и сите народи под власта на римјаните, ти кој го имаше животворниот Крст за непобедливо оружје, блажени, кој те приведе при нашиот Бог.
Стихː Го издигнав избраникот меѓу Мојот народ, го најдов Мојот слуга Давид.
Навистина е блажена и света утробата што те носела тебе, цару кој светот те љуби, кој си радост на христијаните, од Бога овенчани Константине, славо на римјаните, богатсво и заштитнику на сираците и вдовиците, покрове на смирените, поткрепа на оние што се во недоумица во неволите, и вистинско избавување на запленетите.
Стихː Затоа Бог, Твојот Бог, Те помаза со миризливо масло на радоста.
Ранета со нежна љубов кон Христа, нежната мајка на овој син, со брзање дојде на Светиот Сион, на светото место на кое доброволно се распна нашиот Спасител, за нас да нѐ спаси, и таму, откако го најде крстот, со радост викаше: Слава Му на Оној што ми го дарува она на што се надевав.
Слава, глас 8.
Пресветлата светлина, незаодната царска ѕвезда, откако од неверување премина во вера во Бога, дојде да го освети градот и луѓето и, кога го виде крстниот знак на небото, оттаму слушна:
Со ова победувај ги непријателите твои. Откако ја прими оттаму науката на Духот и царското помазание, ја утврди црквата Божја; татко на православните цареви, чии мошти точат исцеленија, рамноапостолен Константине, моли се за душите наши.
Тропар, глас 8.
Кога го виде крсниот знак на небото, и како Павле доби позив не од луѓето, туку од Тебе, Господи, Твојот апостол меѓу царевите го предаде царскиот град во Твои раце; него секогаш во мир пази го, по молитвите на Богородица, единствен Човекољупче.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Втор том, Февруари – вгуст /(препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски). – Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.
Подготви Светланка Трајчева