ВОВЕДЕНИЕ ВО ХРАМ НА ПРЕСВЕТА
ВЛАДИЧИЦА НАША БОГОРОДИЦА И
ПРИСНОДЕВА МАРИЈА

УТРЕНА

Тропар, глас 4.

Денес е почетокот на милоста Божја, и навестување на човековото спасение. Во храмот Божји Дева јасно се покажува, и Христа на сите им Го предвестува; нејзе и ние гласно да ѝ запеемеː Радувај се, исполнување на промислата на Творецот.

Седален, глас 4.

Кажи ни, Давиде, кој е овој празник? Дали се однесува на Онаа што во она време си ја воспеал во книгата Псалми, како девојка и ќерка која таинствено ќе му биде приведена на Царот, придружувана од девојки и од нејзините роднини?

Направи го да биде чудесен празник за целата вселена, за оние што викаатː Богородица е нашата застапница и на спасението – посредница.

Слава, и сега, истиот глас и подобенː

Непорочната овчичка и неосквернетата палата – Богородица Марија, во домот Божји преславно се воведува; ангелите Божји ја носат верно, и сите верни ја слават постојано, и со силен глас благодарствено ѝ пеат непрестајноː Ти си нашата слава и спасение, Сенепорочна.

Кондак, глас 4.

Пречистиот храм Спасителов, скапоцената свадбена одаја и Дева, свештената ризница на славата Божја, денес во домот Господов се воведува, со себе и благодатта на Светиот Дух воведувајќи ја; ангелите, пак, Божји пеат: Таа е небесната скинија.

Икосː

Гледајќи како благодатта на неискажливите Божји и божествени тајни се покажува во Дева, се радувам на нивното јасно исполнување, а не го разбирам необичниот и неискажлив начинː Како беше избрана единствената чиста, пред секоја твар видлива и духовна?! Затоа, сакајќи да ја воспеам, се чудам многу и со умот и со зборот. Сепак, се осмелувам да ја проповедам и величамː Таа е небесната скинија.

Песна 9.

Ирмосː Раката на нечистите никако да не се допира до живиот Ковчег Божји, а усните на верните непрестајно да го пеат ангелскиот поздрав на Богородица, и радосно да викаатː Навистина си повозвишена од сите, Дево Пречиста (2 пати).

Ангелите, гледајќи го влегувањето на Сечистата, се зачудијаː Како таа со слава влезе во Светињата на светите.

Богородице Чиста, имајќи пресветла душевна чистота и добрина, исполнета со Божја благодат од небесата, со вечна светлина ги просветлуваш оние што весело викаатː Навистина си повозвишена од сите, Дево Пречиста.

Ангелите, гледајќи го влегувањето на Дева, се зачудијаː Како таа со слава влезе во Светињата на светињите.

Твоето чудо, Богородице, ја надминува силата на зборовите, бидејќи разбирам дека телото во тебе, неискажливо, не е подложно на гревовната нечистотија. Затоа благодарствено ти викамː Навистина си повозвишена од сите, Дево Пречиста.

Ангели и луѓе, да го прославиме влегувањето на Деваː Како таа со слава влезе во Светињата на светињите.

Стариот закон, Пречиста, преславно те предвидуваше како скинија и божествен сад, необичен Ковчег и царска завеса, и жезол, храм неразрушлив и врата Божја. Затоа нѐ учат да ти викамеː Навистина си повозвишена од сите, Дево Пречиста.

Ангелите, гледајќи го влегувањето на Дева, се зачудијаː Како таа богоугодно влезе во Светињата на светињите.

Давид те славеше во своите песни, именувајќи теː Ќерка на Црквата, красота на добродетелите, кога те виде како стоиш украсена оддесно на Бога. Затоа, пророкувајќи, викашеː Навистина си повозвишена од сите, Дево Пречиста.

Ангели со светителите, заедно со девојките, играјте и ликувајте, бидејќи Богоотроковица влезе во светињата над светињите.

Соломон, гледајќи те однапред како дом Божји, те претстави како Царев одар, жив и запечатен извор, од кого ни излезе чиста вода, нам кои со вера викамеː Навистина си повозвишена од сите, Дево Пречиста.

Ангели и луѓе, со песни да ја возвеличиме Дева, бидејќи таа богодолично влезе во Светињата над светињите.

Мирот на твоите божествени дарови ѝ го даваш на душата моја, Богородице, излевајќи ни живот, нам кои те почитуваме, како што прилега, за да ти пеемеː Навистина си повозвишена од сите, Дево Пречиста.

Друг канон.

Ирмосː Светлоносниот облак, во кој Господарот на сѐ, слезе од небото како дожд на руното и кога Он – Беспочетниот, заради нас се воплоти и стана човекː сите да ја величаме како чиста Мајка на нашиот Бог. (2 –пати).

Величај, ја душо моја, приведената во храмот Господов, и благословена од рацете свештенички.

Од праведните Јоаким и Ана произлезе плодот на ветувањето – Богоотроковица Марија; и, како пријатен темјан, млада по тело, се приведува во Божјото светилиште, за да престојува во Светињата на светињите.

Со песни да ја прославиме Младата по тело, која надумно се покажа и како Мајка Божја, зашто денес Му се приведува на Господа во законскиот храм, од праведните (Јоаким и Ана), како духовен плод и благопријатна миризба.

Ние верните, на Богородица да ѝ се обратиме со ангелскиот поздравː Радувај се, седобра Невесто!, Радувај се, светол облаку, од кого нам, кои седиме во мракот на незнаењето, ни засветли Господ! Радувај се, ти која си надежта на сите нас.

Посвета од сите свети, Богомајко Марие, со твоите молитви, Чиста, ослободи нѐ од замките непријателски, и од секаква ерес и несреќа, нас кои верно се поклонуваме пред твојата света икона.

Сето создание, заедно со архангелот Гавриил, на Богородица ѝ пее достојна песна, викајќиː Радувај се, Мајко Божја сенепорочна! Со твоја помош се избавивме од првата клетва и станавме учесници во нераспадливоста.

Поголема од херувимите, и повисока од серафимите, и поширока од небесата се покажа, Дево, зашто несместливиот наш Бог си Го сместила во утробата и си Го родила неискажливо. Него, за нас, прилежно моли Го.

Троичен.

Припевː Величај ја, душо моја, силата на Триипостасното и неразделно Божество.

Триипостасната природа и неразделната слава, во едно Божество непрестајно воспевана, на небесата и на земјата – да Ја прославиме неразделна Троица, набожно поклонувајќи Му се на Отецот со Синот и со (Светиот) Дух.

Богородичен.

Величај ја, душо моја, почесната и пославна од горните воинства – Дева Пречиста Богородица.

Нас, кои верно прибегнуваме под твоето милосрдие, и набожно Му се поклонуваме на твојот Син, Дево Богородице, како на Бог и Господар на светот, моли Му се, да нѐ избави од распадливост и неволи, и секакви искушенија.

Потоа, и двата хора заедно, го пеат припевот на првиот канонː
Ангелите, гледајќи го влегувањето на Сечистата, се зачудијаː Како таа со слава влезе во Светињата на светите.

Потоа ирмосотː Гледам необична и преславна тајнаː небото (станува) пештера; Дева (го заменува) херувимскиот престол; јаслите се сместувалиште, во кои легна несместливиот Христос Бог, Кого, пеејќи Го величаме.

Светилен.

Верно да ја прославиме Богоотроковица Марија, која во она време ја предвести хорот на пророците, како сад избран и жезол, и таблица со десетте Божји заповеди, гора несечена, која денес се воведува во Светињата над светињите, за да се воспитува во Господа .

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви: Светланка Трајчева

Претходна статијаЖИТИЕ НА ВЕЛИКИОТ СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ!
Следна статија25. Недела по Педесетница (Кој e овој Самарјанин?)