Вистинското покајание не се состои само во тоа некој да ги исповеда своите гревови, туку и да не се враќа на претходните зли дела, да го води сопствениот живот во правец на постојано исправување; не само во тоа да не се враќа на претходното, туку и со скрушеност на срцето да жали за она што претходно сторил;
не само да жали туку и да ги окае сопствените гревови со голем труд и покајание, кои што не би биле само еднакви на сторените гревови, туку и би ги надминале.
Празно е она покајание кое што со краткото воздржание од храната и еднодневниот пост , сака да ги покрие многубројните прејадувања и пијанства.
Пусто е она покајание кое што со кратко и лесно умртвување на своето тело мисли да се исчисти од долготрајните и тешки смртни гревови.
Неправедно е покајанието на оној, кој со малку воздишки и удирања во градите се надева дека ќе се оправда за многуте неправди, кражби и убиства, грабнувања, грабежи, озлобеност кон братот и сличните гревови.
Сомнително е простувањето на гревот на оној кој се надева дека само со мали солзи (освен други подвизи) ќе ги измие големите валканици и безаконие и дека ќе се избави од вечните маки.
Многу солзи пролија Ниневјаните и покажаа големо покајание (Јон, гл. 3), бидејќи се облекоа во кострет од најмалиот до најголемиот и наредија да се прости не само на луѓето, туку и на животните; и му завапија на Бога, продолжувајќи со молитвата и секој го остави својот зол пат.
Сепак, не им беша познато ништо за нивното спасение, затоа што говореа:
„Кој знае ќе се покае Бог или ќе се смилостиви и ќе го одврати гневот на јароста Своја да не загинеме.“
Ако тие што покажале такво покајание не знаеле дали го смилостивиле Бога и добиле простување за своите гревови, како тогаш може да биде сигурен оној кој се надева дека ќе се очисти со мало покајание и со малку солзи од многуте и тешки гревови?
Ќе речеш:
Ниневјаните биле пагани кои не го знаеле Светото Писмо, кое вели:
„Срцето скрушено и смирено Бог нема да го поништи“ (Пс. 31, 19) и уште:
„Господ е блиску до оние кои се со скрушено срце и им помага на оние кои се со смерен дух“ (Пс. 33, 19)
и уште:
„Реков: ги исповедам на Господа престапите свои; ти ја симна од мене вината на гревот мој“ (Пс. 31, 5).
А ние верниците се надеваме дека и малите солзи со исповедание на гревот можат од Бога да добијат милост која ги простува гревовите.
На ова одговарам – да, можат.
Но, можат само оние кои веќе се наоѓаат на сомртничкиот одар и кои немаат време за големи солзи и откајување на гревовите; кон таквите Господ е милостив и за самата скрушеност на срцето.
Пример е покајаниот, десниот разбојник на крстот, кој пред смртта, со скрушено срце, со малку зборови ги исповедал своите гревови, но истиот момент од Господа ги чул милостивите зборови:
„Денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лк. 23, 43).
Од здравиот човек кој има време за покајание Бог бара многу солзи, многу труд и подвизи, за да ги изедначи трудовите на покајанието со претходните гревови и дури да ги надмине со покајничките подвизи.
За солзите се вели следното: ги има некои кои повремено паѓаат во умиление и плачат, сеќавајќи се на своите гревови, а не престануваат да грешат.
Каква полза на таквите може да им донесе нивната состојба на умиление, ако карактерот им останува непоправлив?
Други доаѓаат на покајание, ги исповедаат своите гревови во солзи, а потоа пак ѝ се враќаат на истата гревовна валканица и каква им е ползата на таквите од измивање во солзи, ако тие пак со страст влегуваат во претходната кал?
Зашто, не се доволни само повременото умиление и скрушеност на срцето без вистинско покајание, со кое не се бара само жалост и плач заради гревот, туку и човек да не се враќа на поранешните гревовни дела, а за сторените гревови треба да се поднесе соодветен подвиг.
Апостол Павле зборува дека Исав, синот Исааков, не го нашол местото на покајанието иако „во солзи го барал“ (Евр. 12, 17).
Зошто солзите на овој грешник не се примени како покајание, не му биле пријатни на Бога и не го исчистиле гревот заради кој овој грешник лиел солзи?
На ова Св. Јован Златоуст вака одговара:
„Тој не го нашол местото на покајанието, затоа што не покажал достојно покајание.“
Врз основа на овој пример, Св. Златоуст нас грешните нѐ подучува, говорејќи:
„Оние кои мислат дека можат без маки да грешат (надевајќи се дека без слично исцрпување и казна ќе добијат простување на своите гревови) нека размислат за следното: зошто Исав не добил простување? Затоа што не се покајал така како што требало.
Ако сакаш да видиш грижливо покајание (вистинско, онакво какво што треба да биде), чуј за Петровото покајание по одрекувањето. Благовесникот (евангелистот), проповедајќи ни за него, ни вели:
„Излегувајќи надвор горчливо плачеше“ (Мт. 26, 75; Лк. 22, 62).
Заради тоа и му бил простен гревот, зашто плачел на соодветен начин.“
Светиот папа Климент говори дека Петар, слушајќи го гласот на кукурикањето на петелот, истиот час се сети на своето одрекување од Христа и падна на земја и пролеа многу солзи горко плачејќи и дека тоа го правеше во текот на целиот живот.
И заради тоа Никифор, писател на црковни дела, пишува дека очите на Апостол Павле секогаш беа како крвави и дека тоа било заради горкиот плач.
А ти кој се надеваш дека за еден час ќе ги оплачеш своите гревови, можеш ли ти горко да плачеш како што плачеше апостол Петар?
Можеш ли ти да поднесеш таков труд и подвиг како што Петар му даде на Христос Господ, кој што заради своето одрекување се претрпе, па дури да го распнат со главата наудолу.
Немој заради тоа да се потпираш во привремената скрушеност на срцето која што од време на време се појавува, немој да се потпираш на својот мал труд и краткотрајниот подвиг кои не се еднакви на твоите гревови…