Ако може смирено, без занесување

Потоа се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои Сам ги одбра, и тие дојдоа при Него.

Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат; и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови: првиот Симон, кого го нарече Петар;

па Јаков Зеведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи: синови на громот; потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде (Марко 3: 13-19).

Гледате ли, деца, какви дарови Богочовекот Исус Христос им дал на своите Апостоли и пред завршувањето на севкупниот Очев домострој на нашето спасение, т.е. и пред симнувањето на Светиот Дух Господ на Апостолите?

Но, тоа се дарови кои се должат на вонредната благодат што Господ им ја дава на своите ученици;

исто каква што е и благодатта што Неговите ученици ја примаат на гората Тавор, за да можат да Го видат Христос, колку што можат, во Неговата начелна слава.

Секако, очигледно се тоа големи дарови; не само што го добиле дарот да проповедаат, туку истиот и да го потврдат со дела на ицелување болести и изгонување на досадни бесови.

Затоа што зборови без дела се празни и никого не можат да привлечат; посебно – не, оние што не ни знаат дека се под власт на демоните. Колку потребни дарови и денес…

Денешното евангелско четиво ми дава повод да ја разгледаме разликата меѓу редовната и вонредната благодат во Црквата, како и колку ние треба да бидеме внимателни во разликувањето и во односот кон двата вида благодат.

Зошто?

Затоа што, иако апостолите беа учесници во толку голема благодат, тие сите се откажаа од Христос, а еден од нив и Го предаде.

Ваков пад, од таква духовна висина, е скоро невозможно да му се случи на носителот на редовната благодат.

Тоа е главнат разлика и последица помеѓу двата вида на благодат.

Основно светоотечко начело е:

дај крв – прими Дух.

Сите христијански подвижници што ја примиле, т.е. усвоиле, т.е. поличносниле редовната Божја благодат, претходно многу пострадале – и во внатрешната борба за преобразување на своите страсти и во надворешната борба за љубов и кон непријателите, па се до целосната жртва за Црквата.

Што би рекле, многупати го доживеале и преживеале страдањето што им се заканувало на Апостолите во часовите на Христовото страдање и затоа ја добиле таквата благодат; исто како Апостолите потоа, откако се покајале и откако била проверена нивната верност.

Вистината е дека Црквата денес многу повеќе опстојува врз основа на вонредната благодат за нејзина надградба отколку што има носители на редовна благодат.

Но, сепак ги има.

Проблемот е да не си помислиме дека даровите со кои сме обдарени сме ги добиле по редовен пат – преку голем подвиг; оти тогаш падот ќе биде многу блиску.

А да не спомнувам дека има и демонски дарови.

Како препознаваме што е што?

Секој оној што не поминал низ восогласување на начинот на својот живот со степенот на духовниот развој или душевната состојба во која се наоѓа, како и со местото и задачата што ги има во Црквата и опшеството, нека знае дека не може да биде носител на редовната благодат.

А за демонските дарови на тие што прават неред во Црквата, немам кому да објаснам.

Најсигурно е, смирено да му благодариме на Бог за сѐ и секој да си ја гледа својата работа.

Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Наум

Претходна статија14. Недела по Педесетница! (…зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани…)
Следна статијаДенес е Црковната Нова година! (Беседа – какo штo прoрeкoл Исаија)