Кога би ги прашале луѓето во црква, кои го празнуваат денешниот празник, зошто сме собрани овде, тие веднаш би одговориле дека денес е Преображение Господово.
Не велам дека одговорот не е точен, но морам да кажам дека бара светоотечко толкување.
Светоотечкото, пак, толкување треба да го бараме и во пишаното предание на Светите отци и во светотаинското предание во нашето срце, а не неоправдано да го превидуваме.
Уште Григориј Палама рекол:
„Да бегаме од оние кои не ги прифаќаат светоотечките толкувања, туку се обидуваат самите од себе да воведат нешто спротивно! Преправајќи се дека ги почитуваат зборовите на Светото Писмо, всушност го отфрлаат нивното побожно разбирање“.
Уверен сум дека особено традиционалните верници не размислуваат многу за значењето на празникот, како и за сите негови сотириолошки димензии.
Ваквиот пристап е многу близок до црвената линија самите од себе да воведат нешто погрешно.
Така што, ако ни е допуштено да говориме само согласно словото на Евангелието, тогаш зборуваме единствено за Преображението на Богочовекот Христос и само тоа го „славиме“.
Ако сме се оспособиле и ако ни е дадено да говориме согласно Духот на Евангелието, и ако сакаме да откриеме дека Преображението Господово има суштинска врска со нас, тогаш зборуваме за преображението на светите Апостоли, и тоа заедно го славиме.
Значи, на овој голем празник станува збор за промена и преображение што им се случува на самите Апостоли;
бидејќи што може да Му се додаде на Оној во Кого пребива сета полнота на Божеството телесно!?
Затоа на овој благден не го славиме пред сè преображението Господово, туку преображението на Апостолите, како и можноста за нашето преображение.
Светите Апостоли се вонредно обдарени од Светиот Дух да можат да ја видат божествената светлина, а Богочовекот Христос само им го покажал тоа што го имал од моментот на Своето воплотување.
Толку се преобразиле и обожиле во тој момент, не само со душата туку и со телото, што и со своите преобразени телесни очи можеле да Го видат Богочовекот Христос во Неговата несоздадена светлина.
Го виделе Богочовекот таков каков што Он Е.
Редовно созерцание, а не вонредно и привремено (како што им се случило на тројцата Апостоли), е возможно само на третиот степен од духовниот раст и развој – обожение, на којшто преку обожителната благодат се гледа божествената несоздадена светлина со преобразените телесни очи.
„Во Твојата светлина ќе видиме светлина“.
Да чуеме што вели свети Григориј Палама.
Тој пишува дека Петар, Јаков и Јован, Христос најнапред ги одвел на високата гора, што значи, над пониженоста на нашата природа.
И натаму продолжува:
„Воведените во тајните од Господ (Апостолите), тогаш преку промената на сетилата, која во нив ја предизвикал Светиот Дух, биле приведени од состојба на тело во состојба на дух“.
И уште вели:
„Христос во моментот на Преображението не примил ништо што дотогаш немал, ниту се променил во нешто што претходно не бил, туку тоа го сторил за да им го покаже на Своите Ученици тоа што Он Е, отворајќи им ги очите и правејќи слепите да прогледаат.
Гледаш ли, дека очите кои физички гледаат се слепи за гледање на Светлината?
Значи, таа Светлина не е тварна и не може да се види со сетилните очи, туку тие со силата на Божествениот Дух биле подготвени да ја видат.
Апостолите биле променети, и само така можеле да ја видат променетата форма; не таа која дури сега се покажала, туку таа којашто Он ја примил од самото соединување со нашата природа, обожена преку соединувањето со Словото Божјо“.
Како и во секој Господов празник во текот на годината, така и во овој учествуваме во Светотроично Богојавление.
Го слушаме гласот на Отецот:
„Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“
Се појавува Светиот Дух во вид на светол облак.
И Го гледаме Богочовекот таков каков што Он Е;
„и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“ (Матеј 17, 2–5).
Важно е да знаеме дека не е проблем за нас догматскиот дел – тој може да се прочита, па дури и напамет да се научи.
Вистински проблем е како со начинот на животот да ја „задржиме“ благодатта!?
Како да ги избегнеме големите осцилации во нашето секојдневно падни-стани!?
И како да обезбедиме барем минимален континуитет во нашето духовно растење!?
И тоа може да се прочита, но само во пракса на конкретно и целосрдечно послушание може да се оствари.
Вистинските богопоклоници ќе се поклонуваат во Вистината, т.е. во Христос (во Црквата како Тело Христово, чија Глава е Он) и во Светиот Дух Господ, постојано преобразувајќи се и духовно растејќи низ трите степени на духовниот развој,
од очистување во просветлување
и од просветлување во боговподобување (обожение).
Средина во духовниот живот нема – или одиме, односно се искачуваме (затоа и на Гората) по овој евангелски и светоотечки Христов пат, или паѓаме низ нивоата на противприродниот начин на живот:
неврози (чувства и помисли без контрола),
психопатија или социопатија (зборови и дела без контрола), и демонизираност.
Да се потсетиме:
според православната антропологија на Светите отци, суштината на умот се наоѓа во срцето – како духовен центар на човекот, а енергијата на умот преку сетилата се расејува по светот.
Насочувањето на енергијата на умот кон светот се нарекува секундарна функција на умот, односно разум.
Значи, потребно е молитвено да ја активираме примарната функција на умот, односно да ја пренасочиме единствената енергија на умот од надвор кон неговата суштина во срцето, а преку неговата суштина таа енергија да се насочи кон Бог.
Со ваквото непрелестно кружно движење на нашиот ум, преку умно-срдечната молитва во срцето, се остварува соединување и општење со несоздадената енергија Божја, а на тој начин и преобразување на севкупниот ум.
Со преобразувањето на умот истовремено се преобразуваат и обожуваат и нашата душа и нашето тело, та на крај, и со своите телесни очи да можеме да ја видиме и несоздадената енергија Божја како Божествена светлина и слава – во нас и во сѐ создадено околу нас.
Ова е суштината и целта на покајанието, т.е. преумувањето.
Уште нешто ми го привлекува вниманието:
Петар доби дар на преображение, тој ја гледа со телесни очи несоздадената светлина, но и после тоа паѓа и се одрекува од Богочовекот Христос.
Одговорот е поврзан со духовната состојба на Апостолите пред и после светата Педесетница.
Битно е да запамтиме дека и после вонредното добивање на благодатта, како што читаме во житијата на некои светители, можни се падови, но и повторно покајание.
Согласно редовниот аскетски поредок, на обожителната божествена благодат ѝ претходи просветлувачката, а на неа – очистителната благодат.
Како што ние се качуваме по скалилото на духовниот развој, така присуството, односно пројавата на благодатта во нас станува поконстантна и поинтензивна, а нејзините осцилации се поретки и сѐ помали.
Некаде кај Светите отци сретнав дека Бог не им дава константно интензивна благодат на Своите избраници, за тие да можат да им послужат во Домостројот на спасението на оние што живеат во светот.
Замислете, некој служи Света Литургија и не може да ја заврши во нормално време поради плач. Како таквиот би служел во светот?
Видовме што му се случи на апостол Петар и разбирливо е зошто тој вака чудно Му одговара на Христос:
„Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија“ (Матеј 17, 4).
Зарeм мислите дека овој и ваков збунет и опиен – од благодатта, Петар, е способен трезвено да им служи во светот на оние што сакаат да се спасат?
Нормално дека не е!
Петар, во својата екстаза не е свесен дека како што нему не му требаат сеници, така и на останатите, коишто ги спомнува, не им требаат.
Благодатта на Христовото присуство е сè – и јадење и пиење, и греење и сеница, и сè добро, духовно и телесно, што човек може да замисли дека му треба – за оние што ја имаат вкусено.
Вонредното добивање на благодатта е исклучок во животот на Црквата.
Тоа најчесто го добиваат епископите и свештениците како помош во раководењето со Црквата.
Но, да внимаваме, да не се сметаме себеси за исклучок, особено што тоа не нè ослободува од задолженијата и од правилата на редовниот пат.
И на некои подвижници им е дадена вонредна благодат, како на пример на свети Силуан Атонски, но на свој начин отпосле и тој мора да ја полични, да ја направи сопствена, преку послушание и преку трпење волни и неволни страдања.
Така и светиот апостол Петар, најпрво привремено ја добива вонредната благодат на преобразувањето, па потоа го поминува патот на искушенијата, падот, покајанието и плачот, за на крајот да се удостои со маченичка смрт, со која и го оправдува претходно во него вложениот дар Божји на големата апостолска или обожителна благодат.
Три вистини и овојпат ќе ви предочам и нагласам, коишто сакам да ни останат во сеќавање од овој ден, и дај Боже да ги претвориме во пракса, да останат освестен дел од нашето секојдневие.
Прво, не треба да заборавиме дека не сме енергетски самостојни битија, ниту материјално ниту духовно, и дека нашето вистинско постоење зависи од друг енергетски, благодатен Извор.
А ние, всушност, сосем погрешно живееме како да сме енергетски самостојни битија.
На пример: без молитва, без причест со Христос итн.
Второ, никогаш не можеме толку совршено да се подвизуваме колку што тоа може да ни го „намести“ Божјата промисла.
Само Бог може да направи услови за подвиг во кој ќе се здобиеме со вистинско смирение, а оттука па натаму, и со сите дарови Божји.
Нашите подвизи се поврзани со малку суета, дури и кога се творат во послушание.
И трето, човек треба добро да нагази врз своето самољубие и суета за да може да му послужи на својот ближен, како во потребите од секојдневниот живот така и за неговото спасение.
Кога велам „нагази“, не мислам на потиснување на своите страсти, туку на очистување, односно на преобразување на страстите:
на пример, од самољубие во богољубие и братољубие.
Затоа што потиснатите страсти во поволни за нив услови ќе се вратат назад со уште поголема сила и жестина, а очистените и преобразените ќе функционираат нормално и во најголемите искушенија.
Не ли го восогласиме нашиот живот и подвиг во Црквата со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, со сигурност да знаеме:
се наоѓаме во процес на потиснување на страстите, т.е. во голема илузија дека живееме духовен живот и не сме во процес на преобразување на страстите.
А потиснатите страсти сигурно ќе се вратат во вид на некоја душевна или телесна болест.
Во секој случај, некако ќе се вратат.
Благиот ден Преображение уште еднаш ни потврдува дека учењето за умно-срдечната молитва, очигледно, не е едноставно еден дел од севкупното Свето Предание, тоа е самата срж на Светото Предание на Православната Црква.
Затоа, кога Светите oтци – исихасти имале можност да изградат црква, тие најчесто ја граделе на некој врв и ја посветувале на Преображение и тоа било знак на нивното присуство на тој простор и во тоа време од историјата.
Постот до денес е за овој празник.
После Преображение продолжуваме со постот за Успение на Пресветата Владичица наша Богородица.
Господи Исусе Христе, преку Богородица, и прими нѐ и преобрази нѐ!