Свети великомаченик Ѓорѓи Кратовски

Македонец од градот Кратово. По занает златар. Во срцето и со сета душа христијанин.

Имаше осумнаесет години кога Турците сакаа да го потурчат, но остана тврд во верата како прекрасен дијамант.

Тогаш Турците го мачеа со најлути маки и најпосле жив го запалија.

Пострада за Христа на 11 февруари 1515 година во Софија, во времето на царот Селим и се прослави со невенлива небесна слава.

Тропар, глас 4.

Во трпењето на многу искушенија во Твоите подвизи, Георгие, си ја претрпел и смртта огнена, и по својата смрт си примил нераспадлив венец со маченичките хорови, и сега достојно се населуваш во земјата на кротките, блажени. Моли се на Христа Бога за нас, кои со вера се поклонуваме на гробот од твоите мошти.

Седален, глас 8.

Како фиданка од благочестиви родители, си процветал од родот македонски; воден од Светиот Дух, си ја оставил татковината и роднините во Кратово, си отишол во градот Сердика, украсувајќи се со набожност и со правда; кога безбожните Агаренски началници ти позавидеа, со твоите зборови си го посрамил нивното безбожно дрдорење.

Поради тоа со оган си ја завршил својата трка, Георгие, храбар маченику. Моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите, на оние што со љубов го слават твојот свет спомен.

Стихира самогласна, глас 6.

Пријдете собори на православните, старци и момчиња и девојки заедно, кои живеете во градот што го носи името на Премудроста, со сите околни места! Пријдете, и за пример да го земеме маченикот, според своите сили!

Главата мудро да ја сочуваме, дури и ако целото тело ни биде здробено, зашто Го имаме Создателот Кој сигурно пак најсветло ќе го состави, за да не го посрамиме нашиот позив што се именуваме Христови;

да не се откажуваме од својот Господ, туку да постапуваме како и овој непобедлив воин;

не само да слушаме, туку и со дела да ја извршуваме Христовата заповед, и да го купиме скапоцениот бисер – Христа, Кого што тој Го придоби, не штедејќи го своето тело.

Затоа и ние достојно да поживееме, и да побрзаме и неговата храброст да ја изобразиме на плочките од нашите срца, како на восок; да не одиме по широкиот пат, за да не ги слушнеме зборовитеː

Својата награда си ја примил за време на твојот живот (на земјата), но да нѐ загрее лоното Аврамово, и со смелост на Христа да Му повикамеː Господи, по молитвите на Твојот страдалник Георгија, удостој нѐ за небесните блага, како Човекољубец.

Седален, глас 3.

Создателот те покажа красен по убавина уште од младоста, но кога завидливецот ја забележа твојата внатрешна убавина, затворена во телото, посака да ти ја украде и да те направи тебе своја храна.

Но добриот Создател невидливо те поткрепи тебе, а злобниот лажливец го посрами и изобличи заедно со оние што му служеа, и славно ги прослави оние што Му служат на Бога Создателот.

И сега радосно ликуваш на небесата во Неговите дворови, насладувајќи се со Неговата неискажлива красота, каде што ликуваат маченичките хорови, и се населуваат соборите на праведниците. Со нив, свети Георгие, моли Му се на Господа, да бидат заедничари на вашата радост и оние што ги слават вашите храбри подвизи.

Кондак, глас 2.

Посакувајќи ја небесната слава, преблажен и многустрадален (маченику), си ја посрамил и уништил персиската заблуда, и си примил венец на победата, славен Георгие, веселејќи се заедно со ангелите, и живеејќи заедно со мачениците, имењаку на воинот со исто име (Георгија). Со нив, моли се на Христа Бога за сите нас непрестајно.

Икосː Сонцето посилно засветли, блажен Георгие, просветлувајќи ги верните луѓе со твоето молитвено торжество, и прогонувајќи ја темнозрачната сила на бесовите, и сполнувајќи ги прозбите на оние што бараат со вера.

Затоа и јас, кутриот, приоѓам, и се молам од душа и со болникаво срце, да го примам она што го барам, и да го најдам она од што имам потребаː

претворање на жалоста во радост, и мирно живеење во тихување, прошка на гревовите и поправање на мојот осквернет ум, за да можам да ти пеам постојано како што доликува, и со вера да викамː

бидејќи сега си на небесата со ангелите и со мачениците, и со нив јасно Го гледаш Христа на непристапниот престол, за Кого и својата крв си ја пролеал, со нив моли Го непрестајно за сите нас.

Светилен.

Процвета како слатковиден цвет во долините, и добро роди како дрво при водени извори; светло болсна со различните мириси на добродетелите и страдањата, споменот на маченикот Георгија.

Затоа, душевно благонамирисани, со светло лице кон него да повикамеː Радувај се, печату на страдалците и застапнику на верните!

Радувај се, зашто си го утврдил торжеството на древните маченици, и со нив си примил еднаков венец од Царот на сите – Христа Бога. Него моли Го, за душите наши.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Втор том, Февруари – август (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви Светланка Трајчева

 

 

 

 

Претходна статијаВеликиот канон на св. Андреј Критски
Следна статијаДури тогаш колкава ли е темнината на душата!