Собор на Пресвета Богородица (07.01.2022 19:25)
„Што да Ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на земјава?
Секое Твое создание Ти принесува благодарење; ангелите – песна; небесата – ѕвезда; мудреците – дарови; пастирите – радоста своја; земјата – пештера; пустината – јасли; а ние – Мајката Дева…“
Ме замисли оваа стихира од вечерната служба за Рождество Христово и ми беше повод да ги напишам редовите што следуваат.
Барам голема прошка и од Бог и од вас што воопшто се осмелувам да пишувам на тема Богородица; многу ми е полесно да пишувам за што било друго.
За некои работи, едноставно, треба достојност – како реално и континуирано покајание.
Но, таква е учителската служба – нож со две острици:
човек бланко потпишува дека ја прифаќа пресудата за него, согласно критериумите што ги проповеда.
Ние, целото човештво, во личноста на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија Му го принесуваме на Бог нашиот највреден дар.
Таа, за нас, е сѐ што имаме, односно, ние и ништо немаме освен Неа.
Оваа последна (претходна) реченица ќе ја оставам секој од нас да ја размисли и да си ја доживее на свој личен начин, во зависност од односот со Неа.
Што се однесува до мене, ќе звучи малку соблазнително без толкување, ама ќе го речам: мене ништо и не ми треба освен Неа…
Што е теолошка и практична последица од фактот дека ние, целото човештво, во личноста на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија Му го принесуваме на Бог нашиот највреден дар?
Богословска и аскетско-исихастичка последица од тој факт е дека ние, сепак, не се спасуваме безлично, како цело човештво или како цела човечка природа, туку лично-соборно, како единствени и неповторливи личности во Црквата на Богородица и на сите Свети: предавајќи, односно, принесувајќи се, евхаристиски, самите себе, еден со друг и целиот наш живот на Христос Богочовекот, во благодатта на Светиот Дух.
Се поставува прашањето:
Што е тоа што ние како личности, конкретно, подобно на Богородица и Секогашдева Марија, треба да Му го принесеме на Бог за да имаме надеж дека нашиот принос може да биде примен од Него?
Не дека Бог нема да го прими нашиот принос; но, зошто велам, за да имаме надеж дека може да биде примен?
Заради непреминливиот, од наша страна, онтолошки јаз што постои помеѓу Создателот и созданието, што само Божјата љубов може да го премине.
Значи, тоа што ние треба да Му го принесеме на Бог, подобно на Богородица, за да може Христос да се роди во нашето срце е девственоста на нашите души, и тела.
Согласно погоре кажаното, Он се раѓа во нас кога сака и затоа што сака, а не просто заради нашата девственост.
Затоа Неговото раѓање во нашите срца е дар, а не заслуга – дар пројавен конкретно и недвосмислено како аскетска умно-срдечна молитва.
Самиот дар на аскетска умно-срдечна молитва е сведоштво дека нашата душа, и нашето тело, се во одреден степен девствени, целомудрени.
Формулацијата „одреден степен на девственост“ значи исто што и (кога ќе се изразам) дека срцето е доволно очистено и ослободено од страстите, а со тоа и ние од пресудното влијание на демоните во нашиот живот.
Јасно ви е дека ви зборувам за вториот степен од духовниот раст – просветлување на умот.