Гледање на Лицето Божје (извадок од афтобиографијата за растење во духот на Архимандрит Софроние)
…………..

Отецот наш „живее во непрестајна светлина“ ( 1 Тимотеј 6,16).

Тој за нас трајно останува голема тајна, дури и тогаш кога сме исполнети со Неговата близина. Но и човекот кој што е создаден и подобен на Севишниот, исто така е тајна, длабоко скриена.

Бог е Апсолутно Битие, Почеток на сите почетоци, Он, нам ни се откри како – „Аз Јесм“,

како Лице – Ипостас – Персона.

 

Денес Го знаеме преку Синот Единосуштен Кој што нам ни Го објави Отецот:

„ Бога никој, никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот, Он Го објави“ (Јн, 1, 18).

 

Ние Го познаваме Отецот исто така и преку Духот Свет: „А утешителот пак духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое Име, Он ќе ве научи на се и ќе ви напомне, за се што сум ви зборувал“ (Јн.14,26).

 

Ова живо знаење не ослободи нас од сите апсурди на интелектуалниот возлет кон надперсоналниот Апсолут, кон чистото Битие кое што трансцендира над се што постои, и кое е всушност – не – битие. Овоплотеното беспочетно Слово на Отецот и Духот, ја започна својата мисија со повик кон паднатите:

 

„Покајте се, зашто се приближува Царството небесно“ (Мт.4,17).

Тоа нам ни го подари сознанието и за Отецот и за Духот Свет.

При крајот на мојот живот би сакал да отпеам достојна химна за благодатта на покајанието која нам Он ни ја дарува…Ќе ги искористам затоа вдахновените зборови на древниот Псалмопеец.

Боже, Боже мој! големи и преубави се делата

Твои.

Ти,Свети, живееш во светлоста непристапна,

на Тебе се надеваа татковците мои и Ти

ги ибавуваше;

Тебе Те призиваа и Ти ги спасуваше

а јас сум црв, а не човек

подсмев за луѓето и презир за народот,

но Ти си ме извадил од утробата;

и Ти си Бог мој, од утробата на мајката моја,

не одалечувај се од Мене и ќе го разгласувам Името Твое

на браќата свои:

Вие кои се боите од Господа, фалете Го

зашто не ја превиде тагата моја и не ја отфрли

молитвата моја,

Го побарав а Тој не го сокри од мене

лицето Свое.

И сега го фалам на саборот велик.

(псалм 21)

„Дали во тело, не знам, дали надвор од телото, не знам “ (2.Кор.12,2).

Токму така и се случува со оние што пламено се каат. Ожалостениот човечки дух во очајничка жед за спасоносниот Бог, тежнее кон Него со целото свое битие.

Ни самиот не знае кога и како се случила таа промена, но тој го заборава материјалниот свет и своето тело.

И притоа пребива сам по себе како лице – персона, може да се рече силно, огнено како никогаш дотогаш во нормалната секојдневна состојба.

Живее како бестелесен дух.

Во таквите мигови благословот од горе му дава до знаење за вишиот облик на суштествување на битието непропадливо .

Не можам да најдам соодветно објаснување за оваа безгранична сфера. Тука, мојот дух во целост беше обземен во молитва; ништо освен Бог, ниту гледав, ниту знев.

 

Ми паѓа напамет храбра помисла:

Апостол Павле не го напушташе сеќавањето дека тој „ја гонеше Црквата Божја“ (1Кор.15,9); дека ја хулеше и навредуваше; и дури во крајната напрегнатост на покајанието за сето тоа тој „беше вознесен до третото небо“.

Сакам да кажам:

И сам го доживував своето отпадништво од Христа како неподнослив и гнасен престап против Неговата љубов.

Ожалостувајќи се себе си зарди ова безумство пребивав во молитвата која што ме откорнуваше од се материјално за да ме пренесе во другиот свет.

 

Кога вистински ќе го спознаеме нашиот внатрешен мрак, кога нас ке ни се открие инферналната суштина на гревот, тогаш постануваме приемчливи за дејството на благодатта; било да е тоа пребивање во нетварната Светлина, било да е друг вид на искуство, восхит, спознание, откровение.

 

Понекогаш Божествената Светлина ја гледаме на таков начин што човекот веќе ништо не прима што е физичко.

За време на таква молитва , човечкиот дух стапува во сферата на умната Светлина, истовремено губејќи го сеќавањето за предметниот свет што го опкружува, ја губи дури и свесноста за своето физичко тело.

Подоцна ни самиот не може да објасни дали бил во телото, или надвор од телото……….

………..

Јас неможев да го одбегнам прашањето:

Ако јас потекнувам од безпочетниот принцип, како тогаш можеше да се случи таква длабока деградација на моето битие?

Зошто сега со толку мака се обидувам да се одвојам од телото, за повторно да бидам тоа што секогаш сум бил?

Во својата младост и заблуда живеев под влијанието на книгите на индиската мистика и после средбите со луѓето од оние земји каде што со илјадници години се негува оваа врста на мистика.

За да се ослободи човек од вакви талкања, не е воопшто едноставно: пред вас секогаш одново може да се постави прашањето, за наводно се’уште недоволната ослободеност од се релативно што ве одржува во космичкото битие.

Во тежнеењето кон совршенството, велат тие , нужно е во нас , да се совлада принципот на личноста, како привремен облик на битисување…

Со еден збор, треба свесно да се оди на распаѓање или смрт на човечката личност, на непроодниот океан на Чистото Битие, Над- Персоналниот Апсолут.

Медитациите ми носеа мир во хаотичните проблеми од секојдневниот живот; ми даваа мигови на интелектуално насладување, ме водеа во тн. духовни сфери; ме поставуваа над околината….

………

Како дете ме научија да се молам на Бесмртниот Небесен Отец. На каде отидоа сите мои дедовци и прадедовци.

Така христијанскиот персонализам кого го прифатив во младата возраст во еден миг за мене постана суштинското прашање:

Битието, она апсолутното, може ли да биде персонално?

Моети искрено ,„источно“ искуство носеше воглавно интелектуален – одвоен од срцето облик: аскеза на умното ослободување на се – релативно!

Постепено се уверував дека стојам на неправилниот пат: се одалечувам од вистинското – реално Битие во небитие.

Но, на хоризонтот на мојот дух, сеуште не постоеше уверливо знаење…..

Цел тој период за мене беше исклучително напрегнат: состојбата на умот наликуваше на чамец во брановите на темната ноќ: понекогаш умот се наоѓаше на врвот на некој бран, за потоа да биде со гнев фрлен наудолу.

Но, Оној , Кого сум Го оставил наводно како некорисен, не се тргна во потполност од мене и Сам бараше прилика да ми се јави.

Ненедејно, пред мене ми го остави библискиот текст на синајското откровение:„ АЗ ЈЕСАМ СУШЧИЈ“ (Јас сум Оној Кој што Е), (Изл. 3, 14).

– тоа сум ЈАС, БОГ, Апсолутен Владика, на сите ѕвездени светови – ПЕРСОНАЛЕН – Аз јесам!

Со ова Име Божјо, пред мене се разоткрија далечините кои бегаа во недостижното. Не во смисла на апстрактно размислување, туку во животот,

овој Личен Бог за мене постана ОЧИГЛЕДНОСТ кое го живеев со целото свое битие.

Целокупната граѓа на мојот духовен живот се преобрази: мојот дух знаеше, иако не сосема јасно, кон што тежнее.

Светлоста на поларната ѕвезда се всели во мојот видокруг, и мојот ум можеше да се воздига, искачува на кај неа.

Да, Овој Бог е неверојатно далечен, но достижен за нашиот ум.

Да се биде некој друг Бог, надвор од Единствениот, Вистинскиот – безумство е, пострашно, поголемо од сите останати облици на безумие.

И се дадов во очајнички плач, горчлив, очистувачки, бидејќи ја сфатив страотноста на мојот ПАД.

Господ ми даруваше благодатен ОЧАЈ.

И додека се оплакував себеси во длабок плач, не осудувајќи се своите мисли да му ги упатам Нему, ТОЈ Ми се јави во Својата Светлина.

Со тоа Го постави темелот на мојот НОВ живот препородувајќи ме со солзите на покајанието.

Се што дотогаш на овој свет за мене беше привлечно, сега ја изгуби својата магија.

Благодатта на покајанието е возлет на душата кон Бога, восхитена од пројавата на Светлината…

Преведе и подготви: Мина Даниловска,

Претходна статијаМитрополит Наум -Вам ви е дадено да ги знаете тајните на Царството Божјо!
Следна статијаМОЛИТВА НА СВЕТИ ЈОВАН ДАМАСКИН (пред спиење)