ЗА ТОА ДЕКА ЧОВЕКОТ, СОЗДАДЕН СПОРЕД ЛИКОТ БОЖЈИ, Е СОЗДАДЕН КАКО ДОБАР, ДЕКА СПОРЕД ПРИРОДАТА ГО САКА ДОБРОТО
Човекот е создаден како добар и по природа е добар зашто е создаден според ликот на Бога, крајното Добро.
Како добар по природа тој го сака и го бара сето она што е добро, убаво и вистинито.
За оваа негова вродена желба Светото Писмо вели дека Бог дал впишан закон во срцето човеково, и дека законот Божји е добар, убав и вистинит.
Овој закон е даден како впишан во човечкото срце за да стане човекот заедничар на Божјата добрина и блаженство.
На оној што го чува, никако не му е тешко да го држи овој закон заради истоветноста на неговите заповеди co заповедите што постојат длабоко во човековото срце.
Преку оваа истоветност на чувствата и на посакувањата на оној што заповеда и оној што ja прима заповедта, обезбедено му е блаженството на човекот, па човекот е поставен во рајот, во местото на блаженството.
Но ова вродено настојување и тежнеење кон доброто,човекот, како умно и самовласно битие, како етички слободно битие, требал да го посака доброволно и свесно да прави добро, за да се пројави добродетелта на самовласноста и така човекот, co својата волја останувајќи во доброто, на крајот да се покаже совршен.
За да се пројави моќта на големиот и особен квалитет на самовласноста, таа восовршувачка сила, искушувањето на човекот било апсолутно неминовно, затоа што без искушување нема добродетел, а без добродетелта е невозможно восовршувањето кое било смислата на човековото постоење.
Заради ова искушување, според Божјото допуштение, дошло до искушението од страна на нечестивиот.
Човекот згрешил затоа што можејќи да му се спротивстави на ѓаволот не му се спротивставил.
Имено, бил нападнат не во за него непозната работа, туку според нему познатиот и според природата посакуван етички закон, и можел, слушајќи го повеќе својот внатрешен глас отколку гласот на нечестивиот, co својата волја да остане во етичкото добро коешто според природата го сака, та да го одбие нападот и да не згреши.
Причината за попуштањето и потчинувањето на својата сопствена волја била желбата за незаконското стекнување на доброто.
Чул дека ќе биде како Вишниот и секако, восовршувајќи се како икона Божја, на крајот би бил како Вишниот, кон што го повикал нашиот Господ Исус Христос:
„Бог стана човек за од Адама да направи Бог”.
Имено, човекот навистина правилно го посакал стекнувањето на доброто, но тоа е сторено во наполно спротивни услови.
Тој, измамен од нечестивиот, помислил дека без труд и борба ќе стане совршен и ја престапил заповедта Божја што му била дадена токму заради оваа цел.
Држењето на заповедта би го донело токму она во што нечестивиот лажејќи го уверувал.
Така, незаконито трагајќи пo доброто, човекот се нашол како прави зло; ја престапил Божјата заповед заради својата незаконита желба по доброто.
Гревот е казнет затоа што човекот, како битие етички самовласно, пo природа љубејќи го законот Божји и по природа барајќи да ги исполни Божјите заповеди, не постапил според волјата туку против волјата Божја, потчинувајќи ја својата законољубива волја на волјата на нечестивиот.
Така Адам бил казнет зашто co затемнетиот ум бил убеден дека уживањето во крајното добро не се наоѓа во држењето на Божествениот закон туку во јадењето на забранетиот плод, и свесно ја прекршил заповедта Божја.
Значи, тој згрешил преку прелестното трагање по доброто, престапувајќи го во себе добриот Божествен етички закон и ова е причината за сите гревови…
Преземено од списанието ПРЕМИН, декември 2005, двоброј 31-32