„А во последниот голем ден од празникот застана Исус и извика со висок глас, велејќи: ’Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие! Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода‘.
А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен“.
Светиот Дух Господ на посебен начин влегува и делува во Црквата и во светот на денот од светата Педесетница.
Црквата станува Тело Христово.
Секој што е крстен во Црквата ја прима несоздадената благодат на Светиот Дух во своето срце.
И доколку со својот аскетско-исихастички и литургиско-соборен живот, под надзор и во послушание на својот духовен отец, ја активира и ја актуализира таа благодат, од неговата утроба ќе потечат реки од жива вода.
„А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: ’Зошто не Го доведовте?‘ А слугите одговорија: ’Никогаш човек не говорел така како Овој Човек‘.
Тогаш им одговорија фарисеите: ’Да не се прелагавте и вие? Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет‘.“
Еве уште еден евангелски исечок во кој јасно го забележуваме судирот меѓу словото на законот и Духот на словото;
меѓу формата и суштината;
меѓу институцијата и харизматичната личност;
меѓу формалноста на стариот завет и Духот на Новиот Завет;
меѓу лажните пророци и Вистината Христос;
меѓу секундарната и примарната функција на умот; меѓу дуализмот и исцеленоста;
меѓу схоластицизмот и православниот духовен опит;
меѓу болната логика и здравата мистика;
меѓу затемнетоста и просветленоста;
меѓу паднатата природа и Светата Тајна;
меѓу номичноста и антиномичноста.
Гледаме дека кога некој со слово во сила го допира човековото срце, тогаш човек престанува да дејствува според плановите на својот разум или зададените задачи или колективните несвесни шеми, и почнува да дејствува според своето ново, преобразено чувство и според својот освестен разум – кој ги прифатил новото чувство и новото сознание.
Слугите одбиваат извршна наредба, и тоа во очи и слободно им го кажуваат на своите претпоставени – првосвештениците и фарисеите, без чувство на страв; како нешто најнормално да им пренесуваат.
Гледате ли зошто ви велам дека прво треба преку умно-срдечната молитва да допреме до своето срце, па потоа преку преобразената и просветлена мисла, преточена во слово со сила, да допреме и до срцето на другиот?
„И пак им рече Исус, велејќи:
’Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот‘“ (Јован 7, 37–52; 8, 12).
А врват по Него оние кои ги исполнуваат Неговите заповеди.
Оние кои своето срце и својот ум ги хранат со добри дела, во послушание кон својот духовен отец.
Оние кои сострадуваа и помагаат на сиромашните, затворените и болните.
Оние кои не мислат за себе дека се подобри од кој било друг.
Оние кои вината за сè ја гледаат само во себе.
И врват по Него оние кои начинот на својот подвиг го восогласиле со степенот на духовната возраст на кој се наоѓаат.
Сите тие ќе имаат светлина во животот, откако со таквиот начин на живот ќе го очистат своето срце, ќе го добијат дарот на умно-срдечната молитва и ќе го просветлат својот ум.
И после сѐ, како вообичаено, настана расправија за Него, и меѓу народот, и меѓу началниците и фарисеите.
Меѓу оние со отворено и оние со закоравено срце. А секогаш, при која било расправија, има и такви што не ја почитуваат слободата на другите и сакаат, по секоја цена, да го наметнат своето мислење – без оглед на неговата исправност.