Здраво почитувани!

Можеби нема начин, но би сакала да прашам.

Годинава треба, здравје, да се венчаме и да направиме свадба.

Но, со нашите кумови и старосвати што ги имаме, некако не чувствуваме никаква блискост од нивна страна.

Дали е во ред да се откажат и да одбереме нови кумови ?
Дали би се огрешиле?

Дали е дозволено според правилата на црквата, пред Господ, според библијата, итн да се постапи така?

Благодариме

ОДГОВОР од Презвитер Бобан Митевски:

Поставеното прашање често циркулира во општиот контекст.

Уште на почетокот би рекле дека истото е производ на сугестија која произлегува од некакви дефиниции во фолклорната, односно народната традиција, која неретко се испреплетува со христијанското предание.

Правејќи сублимат од литературата што ни е достапна, можеме да посочиме дека оваа ситуација не е регулирана во канонското или брачното право.

Но имајќи предвид дека во народното обичајно право циркулира тврдењето „дека кумот не се менува“,

би посочиле дека тоа е непотребно генерализирање, кое преминало во суеверие.

Значи, постојат околности под кои кумот може и треба да се замени, и тоа:

1. Доколку не е крстен, е атеист, припадник на друга конфесија или религија;

2. Доколку го напуштил живеењето по евангелските начела и е познат по неморален живот;

3. Доколку не ги исполнува задолженијата кои произлегуваат од кумството и не се грижи за духовното воспитување на својот приемник;

4. Ако самиот изразува волја дека не сака да продолжи со таквата обврска;

5. Ако физичката и просторна оддалеченост не дозволуваат комуникација, секако и доколку постои прекин на односите од сосем други причини.

Во некои православни традиции, на пример, постои правилото да се одбира нов кум при секое крштение.

Претходна статијаВелики понеделник – Спомен на блажениот Јосиф и исушената смоква
Следна статијаЦВЕТНИЦИ – Да одлучиме на кое царство ќе бидеме слуги! (Дедо Наум)