ЗА ПИЈАНСТВОТО

Ужасен порок е пијанството!

Тоа е страст и болест која во телото влегува со попуштање на желбата и како навика добива сила на природна особина.

Тешка страст која што стои непосредно до прождрливоста. Секому е познато колку несреќи насекаде носи оваа страст.

За тоа колку пијанството е погубно за здравјето, за психата, за односите со блиските луѓе – за тоа многу зборуваат и оние кои веруваат и оние кои не веруваат во Бог.

Несреќата е во тоа што човекот што многу пие тешко може да го одбегне поводот за пијалокот и да стои подалеку од алкохолот, бидејќи без пијалок не поминува ниту еден настан – ни мал, ни голем, ни радосен, ни тажен.

Притоа сите мислат дека должност им е да внимаваат ближниот да се напие нешто, бидејќи се плашат дека без тоа нема да има „расположение“.

Така е и сега и меѓу верниците, уште повеќе што за секој христијанин виното претставува особена супстанца, како лебот и маслото, коишто се осветени, зашто често се користат во богослужбата; чисто црвено вино и намерно подготвен леб – просфора, служат за обавување на Светата Тајна Евхаристија.

Поради тоа на христијанските празници секогаш има вино и не е грев ако човек се напие малку, за да се подигне празничното расположение.

Но во нашево време луѓето станаа толку слаби, толку малку се воздржуваат, така што на празничната маса секогаш некој ќе се опие.

Порано дури и во манастирскиот устав на монасите им беше дозволено да испијат до две чаши на трпезата, но треба да се има предвид дека луѓето во тоа време биле многу повеќе снажни и со повеќе воздржување и дека виното врз нив немало такво дејство.

Во ова наше време треба да се биде крајно внимателен и кога човекот знае дека има слабост кон пиењето треба однапред да се подготви многу строго дали ќе отпочне или не со пиењето или дали е во состојба да ја почитува вистинската мера.

Денес виното се пие и за време на постот, што претставува очигледно нарушување на постот, зашто во црквените типици јасно е напишано, кога во постот е дозволено да се употребува вино, а тоа е само на некои празници.

Запомни го, брате, следното: иако виното на почетокот изгледа како многу фина, пријатна и безопасна работа,

демонот многу сака да ги фати луѓето на оваа слаба јадица – често и само една чаша човекот го лишува од будноста и опрезноста и ѓаволот веќе ја подготвува мрежата на гревот во којашто често паѓа оној кој дури и малку се заборавил и се опуштил.

Какви само безумни постапки прават луѓето во пијана состојба, често пати имаат очигледни напади на бес, потпаѓаат потполно во зависноста од злите духови, „играат така како што тие им свират“.

Често пати злите духови ги доведуваат дури и до самоубиство. Господ во Светото Писмо зборува дека пијаниците нема да се спасат.

Пијаниот човек во алкохолот бара радост и расположение, сака да се заборави и да се избави од страдањата на овој свет. Но силата во виното, кое го весели и го грее срцето е само слабо потсетување, слаба слика во споредба со онаа радост и духовна веселба, со која веќе се радува и развеселува секој кој вистински верува и ги извршува заповедите Христови.

Благодатта Божја, го исполнува секој оној што го почитува зборот Божји и живее заради него – тоа е виното кое развеселува и опива и кое води во Царството Небесно!

(Од „Покајание – патот во Царството Божјо“ – Старецот Филотеј Зервакос)

Преведе: Мина Даниловска