За комфорот (26.09.2020 12:11)
Од една страна, постојано тежнееме да ни биде убаво – што е нормално, затоа што Бог не нѐ создал за да страдаме; а од друга страна, ние често страдаме (ако не физички, тогаш психички) – што е, исто така, нормално, поради падот.
Прашањето е како да најдеме рамнотежа помеѓу овие две состојби – помеѓу тежнеењето кон физичката и душевна благосостојба и реалноста во која страдаме?
Тука, навидум, не ни помага и една друга состојба. Имено, од една страна, луѓето се повеќе заинтересирани за материјалната благосостојба – и мислат дека од неа извира и душевната, а од друга страна, распределбата на материјалните блага во светот е таква што несразмерно повеќе се наоѓа во рацете на малкумина отколку кај повеќето од останатите заедно.
Има ли решение?
Има, ама како да е многу полесно остварливо за сиромашните отколку за богатите. Во продолжеток ќе видиме зошто.
Целиот наш живот е дар Божји.
И сиромаштвото е дар Божји, кога сиромавиот со смирение и трпение Му благодари на Бог за него, и го препознава овој дар.
И богатството е дар Божји, кога богатиот со смирение и трпение им служи на сиромасите со своето богатство, и на тој начин Му благодари на Бог за него и го препознава овој дар.
Кога луѓето би ги препознавале даровите Божји и нивната смисла, и кога со смирение и благодарност би се однесувале кон нив, даровите Божји би служеле како средство за нивно лично и соборно надградување и остварување на нивната заедница во Богочовекот Христос – Кој е нашиот најголем дар Божји – и би служеле како средство за наше духовно богатење и преобразување.
Овој однос на благодарење на дело се исполнува со нашето редовно учество и причест во Светата Евхаристија (Благодарење), т.е. Литургија на Црквата Божја.
Тука, ние својот живот на Бог Му го предаваме, а Он нам Својот, во Телото и Крвта Христови.
Со други зборови, само на таков начин и можеме да Му благодариме на Бог, кога Неговите дарови повторно Нему Му ги принесуваме:
„Твои дарови од Твоите, Тебе Ти ги принесуваме за сите и за сè“.
Гледаме дека Господ се поистоветува (дури и најмногу) со секој еден страдалник. Затоа, секогаш кога со своето материјално богатство ќе му помогнеме на еден од овие најмали Христови браќа што страдаат, ние Нему Му помагаме (види: Матеј 25, 40).
Така, никој не може да се нарече богат, односно подобен на Бог, без да ја прифати Божјата промисла за себе, односно без да ги збогатува и другите околу себе – пред сѐ, во духовна, но и во материјална смисла на зборот.
Но, животот нѐ научил дека мала е надежта т.н. богати да нѐ разберат и да ни помогнат, односно да го восогласат својот живот со Христовите заповеди.
Со прашањето – зошто е тоа така? – се враќаме на почетокот од беседата.
Тежнееме да ни биде убаво, што и од аспект на пад и од аспект на подигање е нормално природно движење – затоа што Бог нѐ создал да ни биде убаво;
само што од аспект на пад тежнеењето кон убаво значи задоволување на страстите, а од аспект на подигање значи духовен раст, од икона кон Богоподобие, т.е. обожение.
Во тоа се состои и искушението на богатиот – ако не е верен кој работи на себе:
тој оди по патот на задоволувањето на страстите, а на тој пат сѐ му е малку.
Затоа што славољубието никогаш не се задоволува;
среброљубието никогаш не се задоволува;
и сластољубието никогаш не се задоволува.
Самољубивиот човек тешко да помогне некому, а и ако го направи тоа, ќе биде за задоволување на неговото славољубие.