Преподобен Јоаким Осоговски

Преподобен Јоаким се подвизувал во втората половина на XI век, на Осоговска планина, на местото Сарандопор (затоа е нарекуван и Сарандопорски).

Сакајќи го од младоста подвижничкиот живот во осаменост, тој тргнал од родниот крај кон пустината на Осоговската гора.

Воден од Божји ангел, една вечер Јоаким пристигнал во домот на еден болјарин во селото Градец. Во малата црква на тоа село, тој најпрво топло се помолил на Бога, па седнал пред црквата да се одмори од долгото пешачење.

Кога го виделе таму некои болјари, му пристапиле. Tој ги замолил да му покажат некое место во планината, што би било погодно за подвиг и осамување. Тие му укажалe на подножјето на Осоговската Планина, покрај реката Скупица.

Tаму, крај потокот наречен Бабин Дол, се наоѓала една осамена пештера, погодна за живот каков што посакувал преподобниот.

Кога слушнал за тоа место, свети Јоаким му се заблагодарил на Бога и на Пресветата Владичица, па тргнал кон тоа место. Кога стасал на местото наречено Сарандопор, се населил во пештерата и останал таму до крајот на животот.

Во таа пештера преподобниот се подвизувал многу усрдно и строго, минувајќи ги деновите и ноќите во постојана молитва, бдеење, коленопреклонувања и топли солзи.

Пред крајот на земниот живот, го посетиле некои ловци. Светителот ги благословил, па тој ден тие уловиле многу богат лов.

Тогаш преподобниот ги замолил повторно да го посетат.

Кога дошле повторно, го нашле мирно упокоен во Господа. Тие чесно го погребале, а и подоцна доаѓале на гробот.

Преподобен Јоаким се упокоил, како што тој соопштил во свое јавување на сон, „осум години пред големиот мрак (т.е. затемнување на сонцето)” односно 1115 г.

Во времето на византискиот цар Михаил I Комнин (1143-1180) преподобниот Јоаким бил многу прославуван, па тогаш било обновено и местото каде што се подвизувал.

Таму пристигнал и вдовецот свештеник Теодор од с. Осмидол, овчеполско.

Тој се замонашил со името Теофан и собрал многу браќа. Тие изградиле црква и манастир посветен на свети Јоаким.

За прв игумен на братството бил избран јеромонахот Теофан. Потоа, светителот му го открил на Теофан местото каде што биле неговите свети мошти, а му покажал и дрво во шумата, од кое требало да направи ковчег и во него да ги пренесе светите мошти во манастирот.

Сето тоа отец Теофан го извршил со беспрекорна послушност. Браќата со свечена литија ги пренеле моштите на преподобниот Јоаким во манастирот.

Светите мошти ги положиле во црквата посветена на свети Јоаким. Преку нив почнале да се случуваат многубројни чуда, како во тоа време, така и подоцна, до денешни денови.

Најраните зачувани икони на св. Јоаким се од 14 век, во Земенскиот манастир, Лесновскиот манастир, во црквата во кривопаланечкото село Псача.

Тропар

Пустински жител и во тело ангел, и чудотворец се покажа, богоносен оче наш Јоакиме.

Откако со пост, бдеење и молитви прими небесни дарови, ги лекуваш болните и душите на оние што со вера приоѓаат кон тебе.

Слава Му на Оној што ти даде сила; слава на Оној што те овенча, слава Му на Оној што, преку тебе, на сите им дава исцеленија.

Кондак

Преку молитвените бдеења си примил сила против непријателот, оче Јоакиме, а со своето трпение си се искачил на небесата.

Кога го остави распадливиот земен живот, се пресели во нераспадливоста. Затоа те прославуваме.

Икосː Гората осоговска те исповеда, отче Јоакиме, кој ги лекуваш болестите на душите наши, како помошник и застапник за светот.

Затоа, фалејќи те, викамеː

Радувај се, светла славо на монасите! Радувај се, јасен столбу на целомудрието!

Радувај се, толкувачу на храброста!

Радувај се, показателу на премудриот разум!

Радувај се, сигурно правило на правдата!

Радувај се, уму кој се насладуваш со неискажливи мисли!

Радувај се ти, преку кого се посрамија бесовите!

Радувај се, помошнику на сите нас што верно ти викамеː

Радувај се, отче Јоакиме.

Светилен.

Радувај се, горо пустинска!

Веселете се, сите народи земни поклонувајќи се пред моштите на пустинскиот отец Јоаким, велејќиː

Помоли Го Господа со Богородица, да нѐ просветли нас кои ти пееме, преподобни!

Претходна статијаОд Правосл. календар – Пророк Михеј (Ја претскажа и пропаста на Ерусалим…)
Следна статијаНавлезениот страв е подготовка за предавство!