Дома Останато Kалендар Од Правосл. календар – Пророк Михеј (Ја претскажа и пропаста на Ерусалим…)

Од Правосл. календар – Пророк Михеј (Ја претскажа и пропаста на Ерусалим…)

0
764

Светиот пророк Михеј II

Од племето Јудино, а од селото Мориси, заради што го нарекуваа Морисиќанец.

Современик на Пророците Исаија, Амос и Осија и на јудејските цареви Јоатам, Ахаз и Езекија.

Ги изобличуваше пороците на својот народ и лажните пророци коишто пророкуваа „за вино и жесток пијалок“.

Ја претскажа пропаста на Самарија.

Ја претскажа и пропаста на Ерусалим, којашто ќе дојде зашто поглаварите негови ќе земаат мито, свештениците ќе учат за плата, а неговите пророци ќе гатаат за пари.

„Затоа, заради вас, Сион ќе се преора како нива и Ерусалим ќе стане како купиште.“

Но од сите негови пророштва најважно е пророштвото за Месијата, особено за местото на Неговото раѓање.

Тој го именуваше Витлеем како место на раѓање на Месијата, на Кого исходот му е од почетокот, од вечните времиња.

Не се знае точно дали и овој пророк беше убиен од Евреите или умре со мирна смрт (Еремија 26, 18-19).

Но се знае дека беше погребан во неговото родно село и дека моштите му ги пронајдоа заедно со моштите на Пророкот Авакум, во времето на царот Теодосиј Велики, според некое таинствено откровение што го имал Елевтерополскиот епископ Зевин.

Книга пророк Михеј

7. Малку има побожни. Ветување богата Божја милост.

1. Тешко мене, зашто со мене е сега како по собирање на летните плодови, како по гроздобер; ни зрнце за каснување, ниту зрел плод, што би посакала душата моја.

2. Нема веќе милосрдни по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица.

3. Рацете им се приготвени за да прават зло: началникот сака подароци, судијата суди за поткуп, а големците пројавуваат лоши похоти на душата своја и ја изопачуваат правдата.

4. Најдобриот од нив им е како трн, а справедливиот им е полош отколку ограда од трње.

Денот на Твоите предвесници, денот на Твојата посета наближува; и сега ќе ги опфати смут.

5. Не верувајте му на другарот, не потпирајте се на пријателот; пред онаа, што лежи во твојата постела, не отворај ја широко устата своја.

6. Зашто синот го напаѓа татка си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; непријатели на човекот му се неговите домашни.

7. Јас, пак, гледам кон Господа, а за моето спасение ќе се надевам на Бога; мојот Бог ќе ме чуе.

8. Не радувај се за мене, неријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак; Господ е мојата светлина.

9. Ќе го поднесувам гневот Господен, – зашто сум згрешил пред Него – додека не го реши делото мое и не ме осуди; тогаш Он ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова.

10. И ќе го види тоа мојата непријателка и срам ќе ја покрие онаа што ми велеше: „каде е Господ, твојот Бог?”

И ќе го видат тоа очите мои – и таа ќе биде згазена како кал на улица.

Подготви Светленка Трајчева