Светата великомаченичка Ефимија
Родум од Халкидон.
Татко ѝ беше сенаторот Филофрон, а мајка Теодорисија, обајцата благочестиви христијани.
Ефимија беше прекрасна девица и по тело и по душа.
Кога антипатот Приск устрои празник за жртвопринесување на Ареј во Халкидон, тогаш четириесет и деветмина христијани се засолнија од тоа скверно жртвопринесување и се сокрија. Но ги пронајдоа и ги изведоа пред Приск. Меѓу нив беше и Света Ефимија.
Кога надмениот Приск ги запраша зошто не ѝ се покоруваат на царската заповед, тие одговорија:
„И на царската и на твојата заповед треба да ѝ се покориме, ако не Му се противи на небесниот Бог; ако пак се противи на небесниот Бог, не само што не треба да ѝ се покоруваме туку треба и да ѝ се противиме.“
Тогаш Приск ги удираше на разни маки, и тоа деветнаесет дена наред, секојдневно.
Дваесеттиот ден ја одвои од останатите Ефимија и почна да ѝ ласка за нејзината убавина за да ја придобие за идолопоклонството.
Но бидејќи сите лаксања пропаднаа залудно, заповеда да ја мачат девицата. Ја мачеа прво на тркало, но ангел Божји ѝ се јави и го искрши тркалото.
Потоа ја фрлија во огнена печка, но со Божја сила беше сочувана.
Кога го видоа тоа, двајцата војници Виктор и Состен поверуваа во Христа, заради што беа фрлени пред ѕверовите и така славно го завршија својот живот.
Потоа Ефимија беше фрлена во ров исполнет со вода и со секаква отровна нечистотија, но таа ја прекрсти водата кога влезе во ровот и остана неповредена.
Најпосле ја изведоа пред дивите ѕверови, таа со благодарност Му се помоли на Бога и го предаде својот дух.
Нејзините родители чесно го погребаа телото.
Пострада во 304 година и се пресели во вечната радост.
Оваа светителка се празнува на 11 септември, на денот кога пострада.
На ова место пак се спомнува чудотворноста на нејзините чесни мошти, пројавена на IV Вселенски Собор во Халкидон.
Овој Собор беше свикан во времето на царот Маркијан и царицата Пулхерија во 451 година, по смртта на царот Теодосиј Помладиот.
Повод за свикување на Четвртиот Собор беше ереста на Диоскор, патријарх Александриски, и на Евтихиј, архимандрит Цариградски.
Тие го распростираа лажното учење дека во Христа немало две природи, човечката и Божествената, туку само една, Божествената.
На овој Собор највидна улога играа цариградскиот патријарх Анатолиј и ерусалимскиот патријарх Јувеналиј.
Бидејќи со препирања и докажувања од две спротивни страни не може да се дојде до никакво одредено решение, патријархот Анатолиј предложи и православните и еретиците да го напишат своето исповедање, па да ги положат во ковчегот со моштите на Света Ефимија.
Со ова се согласија сите. Двете вероисповедања, значи, беа напишани и ставени на градите на великомаченичката, ковчегот беше затворен и запечатен со царски печат и уште беше поставена војничка стража.
Тогаш сите поминаа три дена во пост и во молитва.
Четвртиот ден, кога го отворија гробот, го видоа православното исповедање во десната рака на светителката, а еретичкото под нејзините нозе.
Така спорот се реши со Божја сила во корист на Православието.
Во времето на царот Ираклиј моштите на Света Ефимија беа пренесени од Халкидон во Цариград, во црквата што ѝ е посветена, близу хиподромот.
Иконоборниот цар Лав Исавријанин нареди и ги фрлија моштите во морето; но на чудесен начин ковчегот беше пренесен на островот Лимнос и положен во црквата на Светата маченичка Гликерија.
Дури во времето на царицата Ирина ковчегот со моштите беше повторно вратен во Цариград на своето старо место.
Од овие мошти одвреме навреме течеше крв, којашто им помагаше на болните и на неволните.
Тропар на светата Христова великомаченичка Ефимија сефална – за чудата
Жив е Господ и жива си ти света Ефимио, која не го остави стадото Христово, не само што за гревот на ближниот пред Бога се застапуваш, туку за покривање на падовите во Црквата милост имаш.
Нетленото твое тело во вековите,
Бог по твоите молби го остави на верните, чудеса Љубовта преку него подаваше и од застранување народот кон Христа го приведуваше.
Подготви Светланка Трајчева