РАЃАЊЕТО НА ЧЕСНИОТ СЛАВЕН ПРОРОК, ПРЕТЕЧА И КРСТИТЕЛ ЈОВАН ВЕЧЕРНА
Јоване преславни, и вселенски апостоле, Гаврилово благовестење, на неплодната (жена) процветување и, на пустината – добро воспитување; искрен пријателу на Младоженецот Христа!
Него моли Го, да ги помилува душите наши.
Слава, глас 6.
Денес Светилникот на Светлината, како светла ѕвезда, подготвува пат за доаѓањето на Словото Божјо.
Денес му се враќа говорот на Захарија, како што ангелот претскажа, зашто не прилегаше да биде нем таткото на Гласот кој излезе од неплодна утроба и кој, со голема слобода, на целиот свет му благовести избавување.
И сега, глас 6. Елисавета го зачна Претечата на благодатта, а Дева – Господа на славата: двете мајки се целиваа и Младенецот заигра; во утробата, слугата го фалеше својот Господар; зачудена, мајката Претечева почна да вика: Од каде тоа, Мајката на мојот Господ да дојде при мене!? За да ги спаси луѓето од очајание, бидејќи има милост голема.
Слава, глас 5. (Од Андреј Критски):
Денес Елисавета го раѓа крајот на пророците и почетокот на апостолите, небесниот човек, гласот на Словото, воин и Христов Претеча, кој порано заигра (во утробата) поради ветувањето, и проповедаше пред раѓањето на Сонцето на правдата, и таа се радува; се чуди Захарија во староста, откако се ослободи од оковот на молчењето и, како татко на Гласот, јавно претскажува:
Ти, младенецу, ќе се наречеш пророк на Севишниот, ќе врвиш пред Него и пат ќе Му подготвиш. Затоа, ангеле, пророче, апостоле, воине, претечо, крстителу и проповеднику на покајанието, и наставниче, како глас на Словото на Светлината, непрестајно моли се за нас, кои твојот спомен со вера го славиме.
И сега, богородичен глас 5.
Дево сечесна, ти си храм и врата, палата и престол Царев, низ која мојот Избавител – Христос Господ, Кој е Сонце на правдата, им се јави на оние што се во мрак, сакајќи да ги просветли оние што ги создаде со Својата рака.
Затоа, Највоспеана, имајќи смелост пред Него како Мајка, непрестјно моли Го да ги спаси нашите души.
Слава, глас 8. (Од Касија монахињата):
Гласот на пророк Исаија денес се исполни со раѓањето на Јована, најголемиот меѓу пророците; Ете, вели тој, ќе го испратам мојот ангел пред лицето Твое, кој ќе го подготви патот пред Тебе. Тој е воинот кој трча пред Царот небесен, бидејќи навистина ги исправаше патеките пред нашиот Бог.
Навистина човек по природа, а по живот – ангел; откако ги прегрна чистотата и целомудрието, најпосле ја надмина природата, откако се подвизаваше натприродно.
Сите ние, верни, подражавајќи ги неговите добродетели, се молиме, тој да се моли за нас, за да се спасат душите наши.
И сега, богородичен, глас 8.
Еве, што Елисавета ѝ говори на Дева Марија: Зошто си дошла при мене, Мајко на мојот Господ! Ти Го носиш Царот, а јас – воинот; ти ( Го носиш ) Законодавецот, а јас – исполнителот; ти ( Го носиш ), Словото, а јас – Гласот кој го проповеда Царството небесно.
Тропар, глас 4.
Пророче и Претечо на пришествието Христово, не умееме достојно да те пофалиме, ние што со љубов те почитуваме, бидејќи со твоето чесно и славно раѓање се разреши неплодството на онаа што роди, и немоста на таткото, и на светот му се проповеда воплотувањето на Синот Божји.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски). – Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.
Подготви С. Трајчева