ЦВЕТНА САБОТА

ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА

На Господи, повикав, стихири. Глас 6.

Денес благодатта на Светиот Дух нѐ собра и, откако го зедовме Твојот крст, сите велиме: Благословен е оној што иде во името на Господа, осана во висините.

Оној што за престол го има небото и за подножје – земјата, совечното Слово и Син на Бога Отецот, се понижува да седне на бесловесно осле, затоа еврејските деца држејќи во рацете гранки, гласно Го фалеа: Осана во висините, благословен е Оној што иде – Царот Израилев.

Пријдете сите: новиот Израил, и ние кои сме Црква од народите, да извикаме со пророк Захарија: Радувај се многу, ќерко Синова, огласувај, ќерко Ерусалимова: ете, Царот твој доаѓа при тебе, кроток е и спасува, и Кој седи на младо осле, рожба на ослица што тегли јарем; празнувај го како децата кои, држејќи во рацете гранчиња, го фалеа: Осана во висините, благословен е Оној што доаѓа – царот Израилев.

Предобразувајќи го за нас Твоето чесно Воскресение, со Твојата заповед, Благи, си го воскреснал Твојот пријател Лазар, кој лежеше во гробот четири дена веќе смирисан; затоа седнат на осле, носен како на кола, на народите си им дал пример на смирение: поради тоа и Твојот возљубен Израил Ти принесува похвала од устата на доенчињата и незлобивите дечиња, кои Те гледаат Христе, како влегуваш во светиот град, шест дена пред Пасха.

Шест дена пред Пасха дојде Исус во Витанија и пристапија кон Него учениците Негови, велејќи Му:

Господи, каде сакаш да Ти ја приготвиме пасхата да ја јадеш? А Он, ги испрати: Одете во најблиското село и ќе најдете човек, кој носи стомна вода; следете го и во домот на господарот кажете: Учителот вели: Кај тебе ќе ја извршам пасхата со Моите ученици.

Слава: Денес благодатта на Светиот Дух нѐ собра и, откако го зедовме Твојот крст, сите велиме: Благословен е оној што иде во името на Господа! Осана во висините.

И сега: истото.

Вход. Светлино тивка: Прокимен: Господ се зацари, во убавина се облече.

Од книгата Битие (1. Мој 49, 1-2, 8-12), читање:

Потоа ги повика Јаков синовите свои и им рече:

„Соберете се, за да ви соопштам однапред, што ќе се случи со вас во последните денови. Соберете се и послушајте ме, вие синовите на Јакова, послушајте го Израилот таткото ваш. Јудо! Тебе ќе те фалат браќата твои, и рацете секогаш ќе ти бидат врз плеќите на непријателите твои; и тебе ќе ти се клањаат синовите на таткото твој. Јудо, лаве мој мал! Од грабеж се издигаш, сине мој.

Се наведнуваш и легуваш како лав и лавица. Кој смее да те разбуди? Нема да недостасува кнез од Јуда, и водач од бедрата негови, сè дури не дојде Оној, Кому му припаѓа власта, и Он е надеж на народите. Тој го врзува за лоза оселот свој, и прлето на неговата ослица за дебела прачка,; во вино ја пере облеката своја, а во крв од грозје облеклото свое; очите му се повесели од вино и забите му се побели од млеко.‟

Од пророштвата на Софонија ( 3, 14-19), читање:

Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израиле, весели се и радувај се од сè срце, ќерко ерусалимска: Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој.

Господ, Царот Израилев, е посреде тебе: нема повеќе да видиш зло. Во оној ден ќе му речат на Ерусалим: „не бој се” и на Сион „да не заслабнат рацете твои.” Господ, твојот Бог, е посреде тебе. Он е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе биде милостив според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни.”

Оние што тагуваат за празнични торжества, Јас ќе ги соберам; а тие се твои, врз нив лежи тежок укор. Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е хромо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава по целата земја, каде што биле под срам.

Од пророштвата на Захариј ( 9, 9-15), читање:

.Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен е и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата. Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрема и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши убојниот лак; и Он ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од реката до краиштата на земјата.

А што се однесува до тебе, Израиле, заради крвта на заветот Јас ги пуштив затворените од ровот, каде што нема вода. Враќајте се во тврдината вие затворените, кои се надевате!

А сега што ќе воспоставам, ќе ти дадам двојно. Зашто како лак ќе го затегнам Јуда и лакот ќе го наполнам со Ефрема, па ќе ги подигнам синовите твои, Сионе, против синовите твои, Еладо и тебе ќе те направам како меч јуначки. Ќе се појави над нив Господ и како молскавица ќе излета стрелата Негова; ќе загрми Господ Бог со трубата и ќе појде кон јужните бури со гласот на гневот Свој. Господ Саваот ќе ги брани.

На литија стихири самогласнии, глас 1:

Сесветиот Дух, Кој апостолите ги научи да зборуваат други јазици, и на незлобните еврејски деца им заповеда да пеат: Осана во висините, благословен е Оној што доаѓа – Царот Израилев.

Собеспочетниот и совечен Син и Слово на Отецот, седејќи на неразумно осле, денес дојде во градот Ерусалим. Оној што ни херувимите не можат да Го гледаат со страв, децата го прославија со гранчиња, таинствено оддавајќи Му похвала: Осана во висините, осана на синот Давидов, Кој дојде сиот наш род да го спаси од прелеста.

Шест дена пред Пасха, се слушна гласот Твој, Господи, во бездната адова. Затоа си го воскреснал и четиридневниот Лазар. А децата еврејски викаа: Осана, Боже наш, слава Ти.

Глас 2: Господи, кога влегуваше во светиот град, јавајќи на осле, побрза да одиш на страдање, за да го исполниш законот и пророците. А децата еврејски, предвестувајќи ја победата на воскресението, те пречекуваа со палмови гранчиња, говорејќи: Благословен си, Спасителе, помилуј нѐ.

Слава Ти, Христе, Кој седиш на престол во висините, и сега си очекуван со Твојот чесен крст. Затоа се весели ќерката Сионова, се радуваат земните народи; гранчиња држат децата, а ризи учениците, и сета вселена се научи да Ти пее: Благословен си, Спасителе, помилуј нѐ.

Слава, и сега: Глас 3:

Шест дена пред Пасха, дојде Исус во Витанија, за да го воскресне четиридневниот Лазар и да го објави Воскресението; го сретнаа и жените Марта и Марија, сестрите Лазареви, велејќи му:

Господи да беше Ти овде, немаше да умре нашиот брат. Тогаш Исус им рече: Зар веќе не ви реков:

„Кој верува во Мене, и ако умре, ќе живее“. Покажете ми каде го положивте; извика кон него Творецот на сите: Лазаре, излези надвор!

На стиховни, стихири самогласни, глас 8.

Радувај се и весели се граде Сионе, ликувај од радост Цркво Божја, зашто, ете, Твојот Цар дојде во правда, седнат на осле, воспеан од децата: Осана во висините, благословен си Ти, Кој имаш мноштво добрини, помилуј нѐ.

Стих: Од устата на децата и доенчињата си примил похвала.

Денес Спасителот дојде во градот Ерусалим, за да го исполни Писмото, и сите зедоа во рацете гранчиња, а пред Него простираа облека, знаејќи дека е Он нашиот Бог, Кому херувимите Му пеат непрестајно: Осана во висините, благословен си, Кој имаш мноштво штедроти, помилуј нѐ.

Стих: Господи наш, колку е чудно името Твое по сета земја!?

Благи, Кој седиш на херувимите и си воспеан од серафимите, си седнал на осле како Давид и децата Ти пееја богодолично, а Јудеите хулеа против Тебе неправедно, а Твоето седење на осле го предобразува покрстувањето на незнабожците. Слава Ти, Христе, единствен Милостив и Човекољубец.

Слава: Денес благодатта на Светиот Дух нѐ собра и, откако го зедовме Твојот крст, сите велиме: благословен е оној што иде во името на Господа, осана во висините.

Тропар, глас 1:

Христе Боже, утврдувајќи ја верата во општото воскресение, пред Твоето страдање го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и ние, како децата носејќи знаци на победа, Ти пееме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините! Благословен е Оној што доаѓа во името на Господа (2-пати).

Тропар, глас 4:

Погребани со Тебе во крштението, Христе Боже наш, со Твоето Воскресение се удостоивме за бесмртниот живот, и затоа пееме: Осана во висините, Благословен е Оној што доаѓа во името на Господа.

Извор. ПОСЕН ТРИОД

Претходна статијаАду, каде ти е победата? Преподобен Јустин Поповиќ
Следна статијаСРЕДАТА – ДОГОВОРОТ НА ЈУДА ЗА ПРЕДАВСТВО ЗА САМО ТРИЕСЕТ СРЕБРЕНИЦИ!