СПОМЕН НА СВЕТИ ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ, АРХИЕПИСКОП КОНСТАНТИНОПОЛСКИ
ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА
Пеемеː Блажен е оној човекː првиот антифон.
На Господи, повикав, стихири на 8, глас 1ː
Отче Григорие, гробот кој заборав носи не ги покри ни твојот глас, ни твоите усни, зашто се покажа како уста на богословието, проповедајќи ги и сега догматите на верата. Затоа моли се, да им дарува на душите наши мир и милост голема.
Отче Григорие, ти мудро ги отстрани непријателските звери против телото и, откако седна на четирикоњската колесница од добродетели, која води на небото, одлета кон неискажливата убавина. Наситувајќи се од неа, сега на душите наши им даваш мир и милост голема.
Преподобен отче Григорие, ти преку благодатта стана верен застапник за луѓето пред Бога. И сега, откако со твоите смели молитви Го умилостиви Хроиста, не престанувај да Го молиш Господа да им дарува на душите наши мир и милост голема.
Други стихири, глас 2.
Дојдете, со свештени песни да го восфалиме красноречивиот Григорија, кој е око на благодатта и семудра уста на Светиот Дух, светол светилник на вселената, голем учител на Црквата, слава на православието, сечудесен поток на богословието, непресушна река на божествените догмати, извор кој постојано излева божествени води на нераспадливоста.
Со духовна љубов денес да го воспееме свештеноначалникот, кој е рамен со апостолите и бранител на верата, поплава од красноречивоста, мошне сладок поток на учителството, сигурност на високоумни зборови, небогромовна уста, јазик што со оган дише, ризница на премудроста, проповедник на Словото и украс на верните.
Со должни песни сите да го восфалиме Богословот, стража на Христовата паства, ловецот на волците и семудриот истребител на непотребните плевели, а сечудесен сејач на првите догмати, мошне силниот изгонител на еретиците, кој со божествена будност вистински ги умножи Христовите таланти сосема добро, и со светлината на Божјата наука ја просветли вселената.
Слава, глас 8ː
Твојот буден јазик за поучување, кој одекнува во ушите на срцата, ги крева и душите на мрзеливите, а во твоите богогласни зборови наоѓаат скала што од земјата кон Бога ги води. Затоа, Григорие Богослове, не престанувај да се молиш на Христа, да ги спаси од неволи душите наши.
И сега, богородиченː
Царот небесен од човекољубие се јави на земјата и со луѓето поживеа, бидејќи, Оној што прими тело од чиста Дева и со применото мина низ неа, Тој е единствениот Син, двоен по природа, но не и по ипостаси.
Затоа, вистински проповедајќи дека е Он совршен Бог и совршен човек, Го исповедаме Христа нашиот Бог. Него моли Го, Мајко незаневестена, да ги помилува душите наши.
Стиховни стихири, глас 5.
Радувај се, боговдахновен (Григорие), извору на богословието и живеалиште на врвното богосозерцавање! Зашто, откако со набожниот ум ја испита врвната бездна, на сите јасно им го покажа единството на едната Светлина во Три Сонца, соединета во единство на истото Божество, а Троица поради одделните Ипостаси. И со чистотата на твоето живеење, и со светлината на зборовите учејќи нè да Ја чествуваме Сесвета Троица, Моли се, од Неа да ни биде испратена милост голема за душите наши.
Стихː Устата моја ќе кажува мудрост, а мислата на срцето мое – поука.
Со зракот на твоето богословие си го разурнал мрачното лудило на ересите, зашто со твојата набожна и богомудра мисла, Богослове, си стигнал до Изворот на озаренијата, и си ги пресретнал тамошните светлости; а кога твојот ум го направи светол како огледало, си ја примил, отче, Троичната и неразделна светлина на Божеството, и во себе си го сместил единствениот Зрак изобилно. Него сега моли Го, да им дарува на душите наши милост голема.
Стихː Устата на праведникот кажува мудрост, а јазикот негов изговара правда.
Радувај се, реко Божја, зашто во секое време си полна со водите на благодатта која го радува секој град на Царот Христа со божествени зборови и учења! Сладосен потоку, бездно неисцрпна, сигурен и законски чувару на догматите, најревносен бранителу на (Света) Троица, на Светиот Дух органу, буден уме, богогласен јазику, кој ја предаваш длабочината на Писмата! Моли Го сега Христа, да им дарува на душите наши милост голема.
Слава, глас 8ː
Со твојот јазик, Григорие, обработувајќи ги срцата на верните како земја, во нив си израснал плодови кои вечно цутат за Бога, сечејќи ги од корен трнливите ереси, и давајќи им ја на мислите нивната најчиста убавина. Затоа, Богослове, божествен кавалу, будно око, пастиру над пастирите кој ги бркаш волците од своето стадо, примајќи ги нашите похвали, моли се на Словото, за душите наши.
И сега, богородиченː
Безбрачна Дево, која неискажливо Го зачна Бога по тело, Мајко на вишниот Бог, прими ги молбите на твоите раби, Сенепорочна, давајќи им на сите очистување на гревовите; примајќи ги и сега нашите молења, моли се, сите ние да се спасиме.
Тропар, глас 1ː
Пастирскиот кавал на твоето богословие, ги победи трубите на реторите; а кога бездната на Духот ја испита, и убавината на говорот ти се даде изобилно. Но, моли Го Христа Бога, отче Григорие, да се спасат душите наши.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.
Подготви С. Трајчева