СВЕТО БОГОЈАВЛЕНИЕ НА ГОСПОД БОГ И СПАСИТЕЛ НАШ ИСУС ХРИСТОС

ВЕЧЕРНА

По заамвоната молитва, веднаш излегуваме сите кон свештената купел во тремот, или на изворите, преку царските двери.Игуменот или најстариот свештеник го носи на главата чесниот крст, а пред него одат свеќоносците и ѓаконите со кадилници. Чесниот крст се става на добро украсена маса, каде што е подготвен сад со вода, со свеќи наоколу, и на братијата им се даваат свеќи. Настојателот кади околу масата, потоа иконите и на празникот на аналојот, и свештениците и народот, според чинот, пред кого врви ѓаконот со свеќа, а за тоа време певците ги пеат овие тропари. Глас 8.

Гласот Господов на водите вика, говорејќи: Пријдете, примете Го сите Духот на премудрост, Духот на разум, Духот на страв Божји, на Христа Кој се јави. (3-пати)

Денес се осветува природата на водите, и Јордан се разделува, и го враќа назад текот на своите води, гледајќи Го Господа како се крштава.(2-пати)

Како човек си дошол на реката, Христе Цару, и се брзаш да примиш крштение како слуга, Благи, од раката Претечева, заради нашите гревови, Човекољупче.(2-пати)

Слава, и сега, истиот гласː

На гласот од оној што вика во пустинатаː Пригответе го патот на Господа, си дошол, Господи, Ти Кој прими изглед на слуга, барајќи крштение, Ти Кој грев немаше. Те видоа водите и се исплашија, а затрепери и (Јован) Претеча и повика говорејќиː Како (може) свешникот да ја запали Светлината? Како (може) слугата да ја положи раката врз Господарот? Освети ме и мене и водите, Спасителу, Кој го земаш гревот на светот.

Од книгата на Исаија (35, 1-10), читање:

Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин; прекрасно ќе цути и ќе се радува, ќе ликува и ќе се весели; славата на Ливан ќе му се даде, великолепието на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат славата на Господа, величината на нашиот Бог.

Закрепнете ослабени раце и зајакнете колена што треперите; кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се: ете, вашиот Бог иде со одмазда, со отплата Божја:

Он ќе дојде и ќе ве спаси. Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се одзатнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустињата, и потоци во степите.

И водниот привид ќе се претвори во езеро, а жедната земја – во водни извори; во живеалиштето на шакалите, каде што тие се одмараат – ќе стане место за трска и рогозина.

И таму ќе има друм, и патот по него ќе се нарече свет пат; нечистиот нема да оди по него; тој ќе биде само за нив; оние што одат по тој пат, дури и неискусните – нема да се загубат. Лав нема да има таму, и лута ѕверка нема да се качува по него; тој нема да се најде таму, и ќе одат само откупените.

Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат.

Од книгата на Исаија (55, 1-13), читање:

Вие, што жедувате, дојдете сите при водите; дури и вие, кои немате сребро, дојдете, купувајте и јадете; дојдете, купувајте вино и млеко без сребро и без плаќање. Зошто да давете сребро за она, што не е леб, и заработката своја – за она, што не наситува?

Послушајте Ме внимателно и јадете, што е добро, и душата ваша нека се наслади со мрс. Приклонете го увото и дојдете при Мене;

послушајте, и душата ваша ќе биде жива, – ќе ви дадам вечен завет, неизменливи милости, ветени на Давида.

Ете, Него го дадов сведок за народите, водач и заповедник на народите. Ете, ти ќе повикаш народ, што не си го познавал, и народите, кои не те познавале, ќе побрзат кон тебе, заради Господа, твојот Бог, заради светецот Израилев, зашто Он те прослави.

Барајте го Господа, кога можете да Го најдете; викајте Го додека е близу. Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрне кон Господа, нашиот Бог, – и Он ќе го помилува, зашто е многу милостив

Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли.

Како што дождот и снегот паѓаат од небото и таму не се враќаат, туку ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да се зеленее, за да му дава семе на оној, што сее и леб на оној, кој јаде, така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што му е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас.

И така, вие ќе излезете во веселба и ќе бидете испратени со мир; горите и ридовите ќе пеат песна пред вас, и сите дрвја во полето ќе ракоплескаат. Место трн ќе израсне кипарис; место коприва ќе израсне мирта; и тоа ќе биде за слава на Госпдоа, за вечен знак, неразрушив.

Од книгата на  Исаија (12, 3-6), читање:

Вака вели Господ: Тогаш со радост ќе црпите вода од изворите на спасението, во тој ден ќе речете: „Славете Го Господа, повикувајте Го името Негово; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови; напомнувајте дека името Негово е големо;

пејте Му на Господа, зашто Он направил нешто големо – нека го знаат тоа по целата земја.

Весели се и радувај се, жителко Сионова, зашто, голем е меѓу тебе Светецот Израилев.‟

Прокимен, глас 3: Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам?

Стих: Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе стравувам?

Апостол од Првото послание на апостол Павле до Коринтјаните
(1. Кор. 10, 1-4), зачало 143:

Браќа, не сакам да не знаете дека татковците наши сите беа под облак и сите минаа преку морето; и сите во Мојсеја се крстија во облакот и во морето; и сите јадеа иста духовна храна; и сите пиеја исто духовно пиење; оти пиеја од духовниот камен, што идеше по нив; а каменот беше Христос.

Алилуја, глас 4ː Гласот е над водите; Бог на славата грми, Господ над силните води.

Евангелие според Марко (1, 9-11), зачало 2:

А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан. И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува на Него. И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.”

Ѓаконот ја кажува ектенијатаː

Во мир да се помолиме на Господа.

За небесен мирː

За мир во целиот светː

За овој свет храмː

За блаженејшиот (За високопреосвештениотː или За преосвештениот)ː

За овој град (селоː За оваа света обител)ː

За тие што патуваатː

За да се осветат овие води со силата и дејството, и слегувањето на Светиот Дух, да се помолиме на Господа.

За да слезе на овие води очистителното дејство на Предвечна Троица, да се помолиме на Господа.

За да им се дарува благодатта на избавувањето, благословот Јорданов, со силата и дејството и слегувањето на Светиот Дух, да се помолиме на Господа.

За да се скрши веднаш сатаната под нашите нозе, и да се разруши секаков лукав совет што се движи против нас, да се помолиме на Господа.

За да нѐ избави од секаков напад и искушение на противникот, и да нѐ направи достојни за ветените блага, да се помолиме на Господа.

За да се просветлиме со Светлината на разумот и набожноста, преку слегувањето На Светиот Дух, да се помолиме на Господа.

За да ни го испрати Господ Бог благословот Јорданов, и да ги освети овие води, да се помолиме на Господа.

За да биде оваа вода дар за осветување, избавување од гревови, за исцеление на душата и телото, и за секоја особена полза, да се помолиме на Господа.

За да биде оваа вода таа која нѐ води во вечен живот, да се помолиме на Господа.

За да се покаже таа за прогонување на секаков напад на видливите и невидливите непријатели, да се помолиме на Господа.

За оние што црпат и ја земаат за осветување на домовите, да се помолиме на Господа.

За да биде за очистување на душите и телата, на сите што црпат и пијат од неа, да се помолиме на Господа.

За да се удостоиме да се исполниме со осветување од водите, со пиење од нив, преку невидливото јавување на Светиот Дух, да се помолиме на Господа.

За да го услиши Господ Бог гласот на молењето на нас грешните, и да нѐ помилува, да се помолиме на Господа.

За да се избавимеː

Заштити, спаси, помилујː

Пресветата, пречистата, преблагословенаː

Додека ѓаконот ја чита ектенијата, свештеникот тивко ја говори оваа молитваː

Господи Исусе Христе, Единороден Сине, Кој си во прегратките на Отецот, вистински Боже, извору на животот и бесмртноста, Светлино од Светлината, Кој дојде во светот за да го просветлиш, озари ја нашата мисла со Твојот Свет Дух, прими нѐ нас кои Ти принесуваме слава и благодарност за Твоите чудесни и големи дела од памтивек, како и за оние (направени) во последно време преку Твојата спасителна промисла, во кое се облече во нашата бедна природа и прими облик на слуга, Ти Кој си цар на сите, и Кој уште прифати да се крстиш во Јордан од раката на слуга,, та откако ја освети водата, Безгрешни, да ни го отвориш патот за повторно раѓање преку вода и дух, и да ни ја вратиш првобитната слобода.

Празнувајќи го споменот на оваа божествена тајна, Ти се молиме, Владико Човекољупче, пороси нѐ и нас – Твоите недостојни слуги, според Твоето божествено ветување, со чиста вода која е дар на Твоето милосрдие, та прозбата што ние грешните ја направивме над оваа вода,

да ни биде благопријатна, според Твојата добрина, и Твојот благослов на неа да ни се дарува нам и на сите Твои верни луѓе, за слава на Твоето свето име на кое се поклонуваме, со беспочетниот Твој Отец, и со Пресветиот и благ и животворен Твој Дух, сега и секогаш, и во веки веков.

Амин.

Кога ѓаконот ќе ја заврши ектенијата,свештеникот велегласно ја започнува оваа молитваː

Велик си, Господи, и чудни се Твоите дела, и ниеден збор не е доволен да ги испее Твоите чудеса. (3-пати)

Зашто Ти, по Твоја волја, си привел сѐ од непостоење во постоење, со Твојата моќ го одржуваш созданието, и со Твојата промисла ја раководиш вселената.

Ти си ја создал тварта од четирите елемента, кругот на годината си го овенчал со четирите (годишни) времиња.

Пред Тебе треперат сите духовни сили; Тебе Те воспева сонцето, Те слави месечината, со Тебе се ѕвездите, Тебе Те слуша светлината, од Тебе треперат бездните, Тебе Ти служат изворите.

Ти си го прострел небото како кожа; Ти си ја утврдил земјата на водите; Ти си го оградил морето со песок и си го излеал воздухот за дишење; Тебе Ти служат ангелските сили, Ти се поклонуваат ангелските хорови; многуоките херувими и шестокрилите серафими, стоејќи наоколу и облетувајќи со страв, се покриваат од непристапната Твоја слава, зашто Ти си Бог неопислив, беспочетен и неискажлив; си дошол на земјата откако си примил облик на слуга во човечко подобие; бидејќи не си трпел,

Владико, поради милосрдието на Твојата милост, да го гледаш човечкиот род мачен од ѓаволот, но си дошол и си нѐ спасил. Ја исповедаме благодатта, ја проповедаме милоста, не ги криеме доброчинствата.

Ти си ја ослободил природата на нашиот род, Со Твоето раѓање си ја осветил девствената утроба. Сето создание Те воспева Тебе – Кој се јави, зашто Ти – нашиот Бог, се јави на земјата и со луѓето поживеа. Ти ги освети Јорданските води, од небесата Го испрати Твојот Свет Дух и си ги смачкал главите на змиите вгнездени таму.

И, говорејќи го ова трипати, свештеникот со раката ја благословува водата на секој стих.

Ти Самиот, Човекољупче Цару, дојди и сега преку слегувањето на Твојот Свет Дух, и освети ја оваа вода. (3-пати)

И дај ѝ благодат на избавување, благослов Јорданов, направи ја извор на нераспадливост, дар за осветување, за разрешување од гревовите, за исцеление на болестите, да биде убиствена за демоните, непристапна за непријателските сили, исполнета со ангелска крепост, та сите што црпат и се причестуваат од неа да ја имаат за очистување на душите и телата, за исцеление на страстите, за осветување на домовите, и за секоја особена полза.

Зашто Ти си нашиот Бог, Кој со вода и Дух ја обнови, изветвената од гревот, наша природа. Ти си нашиот Бог, Кој со вода го потопи гревот за времето на Ное. Ти си нашиот Бог, Кој преку морето го ослободи од ропството фараоново народот Еврејски под водството на Мојсеја.

Ти си нашиот Бог, Кој го скрши каменот во пустината и потекоа води, и потоци се наводнија, и жедните Твои луѓе ги насити. Ти си нашиот Бог, Кој со вода и оган, преку Илија, го одврати Израилот од прелеста Ваалова.

Самиот Ти – Владико, и сега освети ја оваа вода со Твојот Свет Дух. (2-пати)

Дај им на сите што се допираат до неа и се причестуваат, и се поросуваат со неа, осветување, здравје, очистување и благослов.

И благослови го, Господи народот Твој.

Спаси Го, Господи, и помилуј блаженејшиот архиепископ наш (Високопреосвештениот митрополит наш, Преосвештениот епископ наш – името) и запази го под Твојата закрила во мир, покори му секаков непријател и противник, дарувај му сѐ што бара за спасение и вечен живот, та и со елементите, и луѓето, и ангелите, и видливото и невидливото, да се слави Твоето пресвето име, со Отецот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во веки веков, амин.

Свештеникотː Мир на сите.

Ѓаконотː Главите ваши приклонете ги пред Господа.

Свештеникот, со приклонета глава, ја чита молитвата.

Наклони го, Господи, увото Твое и услиши нѐ, Ти Кој благоволи да се крстиш во Јордан, и да ги осветиш водите. Благослови нѐ сите нас кои, со приклонувањето на своите вратови, ја покажуваме нашата покорност пред Тебе, и удостој нѐ да се исполниме со Твоето осветување преку причестувањето со оваа вода, и да ни биде, Господи, за здравје на душата и телото.
Зашто Ти си нашето осветување, и Тебе Ти вознесуваме слава, благодарност и поклонение, со беспочетниот Твој Отец, и со Пресветиот и благ и животворен Твој Дух, сега и секогаш, и во веки веков. Амин.

И веднаш потоа, благословувајќи ја водата крстовидно со чесниот крст, го потопува право, спуштајќи го и вадејќи го, и држејќи го со двете раце, пеејќи го овој тропар на глас 1.

Кога се крштеваше во Јордан, Господи, на светот му се откри Света Троицаː зашто гласот на Родителот сведочеше за тебе, именувајќи Те возљубен Син. И Духот, во вид на гулаб, ја потврдуваше вистинитоста на неговите зборови. Христе Боже, Кој се јави и светот го просветли, слава Ти.

На истиот начин, со крстот, се благословуваат и другите садови со вода (ако ги има), истиот тропар пеејќи го само настојателот со другите свештеници. Потоа и народот го пее истиот тропар.

А настојателот, откако ќе земе осветена вода во сад, и свртен кон запад со лицето, во левата рака држејќи го чесниот крст, а во десната босилек, крстовидно ги наросува сите страни.

И приоѓаат кон настојателот најнапред свештениците, два по два, и го целиваат чесниот крст, а тој ги поросува со босилекот по лицето со осветената вода крстовидно. Потоа приоѓаат сите браќа (монаси) и народот. За тоа време сите го пеат тропарот многупати, додека не се осветат сите браќа и народ со поросување и пивнување од водата.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епарх

Подготви Светланка Трајчева

Претходна статијаOнтолошкиот темел на човекот – боголикоста – Авва Јустин Ќелиски
Следна статијаБОГОЈАВЛЕНИЕ – Те величаме, Христе, Извору на животот…!