ТЕШКО НАМ КОИ ГО НАПУШТИВМЕ ПАТОТ НА СВЕТИТЕ ОТЦИ и останавме без духовни дела
+++
Нашите помисли се помисли за нештата.
Некои од нештата се сетилни, а некои мисловни.
Кога е зафатен со нив, умот се занимава со истите во себе.
Благодатта, пак, на молитвата го поврзува умот со Бога.
Соединувајќи го со Него, таа го одвојува од сите помисли.
И ослободен (гол) од нив, умот во разговорот со Бога станува боголик.
Станувајќи таков, тој веќе од Него моли само за она што доликува и никогаш не греши во својата прозба.
И апостолот заповеда:
„Молете се непрестајно“, за постојано соединувајќи го умот со Бога, постепено да ја отфрламе пристрасноста кон минливото.
Божјото Писмо не заповеда ништо невозможно.
И самиот апостол пеел и читал, и служел, и непрестајно се молел.
Бидејќи, непрестајната молитва значи:
да се има побожен ум
, да се има копнеж прилепен за Бога и надеж која постојано се потпира (виси) на Него, во сите дела и случувања.
Наоѓајќи се во таква состојба, апостолот рекол:
„Кој ќе нѐ одвои од Христовата љубов?
Тагата и маката, и останатото?“
И нешто подоцна:
„Затоа што сум сигурен дека ниту смртта, ниту животот, ни ангелите не можат да нѐ одвојат од Него“,
и повторно:
„ Во сè сме навредувани, но не сме притеснети;
во тешкотии сме, не губиме надеж;
нè гонат, но не сме изоставени;
нè кутнуваат, но ние не загинуваме.
И секогаш во нашето тело ја носиме смртта на Господ Исус, така што и Исусовиот живот да се открие во нашето тело“ (2 Кор. 4, 8-10).
Со такво расположение апостолот непрестајно се молел. Затоа што, како што е речено, во секое дело и случување неговата надеж се потпирала на Бога.
И сите светители секогаш се радувале во неволјите за да дојдат до состојбата на Божјата љубов.
Бидејќи и апостолот велел:
„Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите немоќи, за да се весели во мене Христовата сила“ (2 Кор. 12, 9).
И веднаш потоа:
„кога сум слаб, тогаш сум силен“.
Но, тешко нам кои го напуштивме патот на светите Отци и останавме без духовни дела.
Невозможно е умот потполно да Му се потчини на Бога ако не се здобијат трите добродетели:
љубовта, воздржанието и молитвата.
Затоа што, љубовта го скротува гневот,
воздржувањето го суши сластољубието,
а молитвата го одвојува умот од сите мисли и го поставува гол пред Бога.
Тие три добродетели во себе го содржат сето останато и без нив умот не може да направи ништо достојно за Бога.
Свети Максим Исповедник