„Основен предуслов за молитвата е нашиот однос кон ближниот.
Не смееме никогаш да се поставуваме над некого, да се сметаме поважни, повредни од кого и да е.
Тогаш, напразно се молиме.
Замислете го и најништожниот и најгрешниот човек (жив или починат) за кој вие сметате дека е таков. Е, треба да знаеме дека ние сме и под него, и дека тој е повреден и поважен од нас.
За да успееме да ја оствариме оваа Божја заповед, треба да правиме разлика помеѓу што сум направил или правам и она што сум и кој сум јас.
Треба да сфатиме дека ние, со доброто што го правиме, всушност, му служиме на ближниот, негови слуги сме. И дека се` добро што правиме е дар Божји и го правиме во слава Божја.
Ако така постапуваме, тогаш од тоа што правиме добро нема да извлекуваме заклучок за тоа – што сме и кои сме ние.
Заклучокот за тоа КОЈ СУМ И ШТО СУМ го извлекувам од мојата споредба со Христос Богочовекот, Совршениот.
И уште, заклучокот за самиот себе и мојот однос кон ближниот го извлекувам и од тоа како Бог гледа на мојот ближен – оти Он се поистоветува и со најмалиот наш ближен:
Она што го направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте (сп Матеј 25, 40).“
Наум Митрополит (Не знаете од каков Дух сте)