ЗА БОЛЕСТА

Евангелието не` учи дека никаква неволја не може да не` снајде без Божја волја – не` учи да Му благодариме на Бога за сите неволји кои неочекувано ќе не` снајдат.

Начинот на кој духовниот разум гледа на телесните болести и на нивните чудесни исцеленија е потполно поинаков од начинот на кој ги набљудува телесното мудрување.

Телесното мудрување болестите ги смета за несреќа, а нивното исцеление, посебно чудесното, за најголема среќа, не грижејќи се многу за тоа дали исцелението е следено со корист за душата или со штета за неа.

Духовниот разум пак и во болестите кои се испраќаат со Божја промисла и во нивното исцеление, кои ги дарува Божествената благодат, ја гледа милоста Божја кон човекот.

Тој учи дека е дозволено да се бара и да се моли Бог за исцеление од бoлести, со цврста намера повратеното здравје и сила да се употребат во служење на Бог, а никако за служење на суетата и гревот.

Во спротивно, чудесното исцеление на болниот ќе му служи само на осуда и ќе навлече на него уште поголема казна, сега, во времето и во вечноста. Ова го сведочи Господ, Кој го исцелил раслабениот и Му рекол:

„Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо“ (Јован 5, 14).

Човекот е слаб и лесно се свртува кон гревот. Ако дури и некои светии, кои имале благодатен дар на исцеление и изобилувале со духовно расудување, биле подложени на искушение од грев и паднале, тогаш уште повеќе дарот Божји можат да го злоупотребат телесните луѓе, кои немаат јасни сфаќања за духовните предмети.

И многумина го злоупотребиле!

 

„Просите, а не добивате – вели апостолот – оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти“ (Јак. 4,3).

Духовниот разум учи дека болестите и другите неволји, кои Бог им ги праќа на лугето, им се даваат по посебно Божјо милосрдие, како горчливи исцелителни лекови на болните и дека помагаат на нашето спасение и се на наша вечна корист многу посигурно отколку чудесните исцеленија…

Светите монаси кога биле подложувани на болести, ги примале како најголема Божја добродетел, трудејќи се да живеат во славословие и во благодарење на Бог и не барале исцеление, иако чудесните исцеленија најмногу се случуваат токму меѓу нив.

Тие сакале трпеливо и смирено да го поднесуваат она што е по Божја дозвола, верувајќи и исповедувајќи дека тоа е многу покорисно од секој доброволен избран подвиг! …

(Од „Енциклопедија на православниот духовен живот“ – Свети Игнатиј Брјанчанинов)

Претходна статијаНикаков труд без Божја помош не успева!( Осумнаесетта недела по Педесетница)
Следна статијаНЕДЕЛА ОСУМНАЕСЕТТА Евангелие за богатиот риболов