Почеток на индиктот, односно на Новата година.

УТРЕНА

Тропар, глас 2.

Создателу на сите твари, Кој времињата и годините во Своја власт ги положи, благослови го венецот на годината на Твојата добрина, Господи, запазувајќи го благоверниот народ во мир, и градот Твој, по молитвите на Богородица, и спаси нѐ.

Канон на индиктот, творба на кир Јован монахот.

Песна 1, глас 1.

Ирмосː На оној што го ослободи израилскиот народ од горчливото ропство на фараонот, и го преведе како по суво низ морското дно, да Му пееме песна победничка, зашто се прослави.

На Христа – ипостасното Слово, Кој се роди од беспочетниот Бог Отец, Кој го состави светот и непогрешливо го води кон совршенство, да Му запееме сите песна победничка, зашто се прослави.

На Христа, Кој се јави од Дева со благоволението на Отецот, и Кој проповедаше пријатна година Господова, нам за избавување, да Му запееме сите песна победничка, зашто се прослави.

Кога во еден саботен ден законодавецот влезе во синагогата во Назарет, ги поучуваше Евреите за Своето неискажливо доаѓање според Законот, со кој, како милостив, го спасува нашиот род.

Богородиченː Сите верни, пеејќи ѝ на пречудната Дева, низ која на светот му засветли Христос, и со секаква радост и со вечен живот го исполни, непрестајно да ја славиме, зашто таа се прослави.

Песна 3, глас 1.

Ирмосː Утврди ме, Христе, на неподвижниот камен на Твоите заповеди, и просветли ме со светлината на Твоето лице, зашто никој не е посвет од Тебе, Човекољупче.

Утврди го, Боже, плодородното лозје што на земјата, со љубов, го насади Твојата десница, запазувајќи ја, Сесилен, Црквата Твоја.

Господи и Владико, Боже на сѐ, верните што ти пеат, украсени со богокрасни духовни дела, удостој ги да ја минат годинава што започнува.

Дај ми, Христе, годишниот круг да го завршам во мир и насити ме, Штедри, со Твоите божествени зборови, што им ги кажуваше на Јудеите во саботните денови.

Богородиченː Ние секогаш те славиме како единствена која, во својата утроба, ја прими натприродната благодат и Христа, нашиот Бог, Го роди неизменливо.

Кондак, глас 2.

Христе Цару, Кој живееш во висините; Создателу и Градителу на сѐ видливо и невидливо, Кој си ги создал деновите и ноќите, времињата и годините, благослови го и сега венецот на годината, сочувај го и запази го во мир православниот народ наш, градот ( селото) и луѓето Твои, Многумилостиве.

Седален, глас 8.

Боже, Кој им даваш времиња плодоносни и дождови од небото на оние што се на земјата, и сега, примајќи ги молбите на Твоите слуги, избави го Твојот град (село) од секаква опасност, зашто Твоите штедроти се простираат на сите Твои дела. Затоа, благослови ги влегувањата и излегувањата, исправи ги делата на рацете наши и дарувај ни прошка на гревовите; зашто Ти, како сесилен, од небитие сѐ си привел во битие.

Песна 4, глас 1.

Ирмосː Ја разбрав, Сесилен, Твојата промисла, и со страв Те прославив, Спасителу.

Почеток на годината Ти принесуваат Твоите луѓе, Спасителу, и Те слават со песни ангелски.

Како Човекољубец, удостој нѐ, Христе, годината да ја започнеме и да ја завршиме благоугодно за Тебе.

Седржителу, единствен Господи, дарувај му на светот текот на годините во мир да го изооди.

Богородиченː Сите да ја воспееме сега Богородица, како сигурна надеж и пристаниште на душите наши.

Песна 5, глас 1.

Ирмосː Од ноќта поранувајќи, Ти пееме, Христе, собеспочетен на Отецот и Спасител на душите наши. Мир на светот дај му, Човекољупче!

Христе, Кој со својата добрина исполнуваш сѐ, дарувај им на Твоите слуги погодно и плодоносно време во текот на годината, овенчани со благослови.

Нам, кои Те знаеме, Слово Божјо, Кој стана подобен и нам, дај ни оваа смена на годината да ни донесе промена на подобро и во мир да поживееме.

Собеспочетно Слово на Отецот, си дошол на земјата, навестувајќи од Отецотː отпуштање на заробените, прогледување на слепите и време благопријатно.

Богородиченː Богородице Чиста, нашите надежи и нашите желби ги полагаме на тебеː Милостив нека биде кон нас, Дево, Оној што си Го родила.

Песна 6, глас 1.

Ирмосː Ти си го спасил пророкот од китот, Човекољупче; се молам, изведи ме и мене од бездната на гревот!

Удостој нѐ, Владико, со почетокот на годината, и живот, на Тебе благоугоден, да започнеме.

Штедар Спасителу, оние што Ти пеат покажи ги исполнети со духовни денови, поминати во изучување на Твоите закони.

Богородиченː Богородице Сенепорочна, која си Го родила Господа, избави ги од неволи, оние што ти пеат со вера, Пречиста.

Песна 7, глас 1.

Ирмосː Момчињата, воспитани во набожноста, заповедта на злочестивиот ја отфрлија и од огнената закана не се исплашија, туку среде пламенот стоејќи пеејаː Боже на татковците, благословен си.

Ние, православните луѓе, започнувајќи ја годинава, принесуваме и почеток од нашите песни на Христа нашиот Цар, чие Царство е бесконечно, набожно пеејќиː Боже на татковците, благословен си.

Христе, Кој постоиш пред вековите, а си Господар на вековите и извор на добрина, оваа година исполни ги со дарови на Твојата добрина, оние што Ти пеатː Боже на татковците, благословен си.

Богородиченː Како Твои слуги, Христе, за наша молитвеница пред Тебе ја предлагаме Твојата Пречиста Мајка, за да ги избавиш од секаква неволја, Благи, Твоите луѓе кои пеатː Боже на татковците, благословен си.

Песна 8, глас 1.

Ирмосː Христа Бога, Кој во печката ги спаси распеаните момчиња, и пламенот во роса го претвори, воспејте Го, и превозносете Го во сите векови.

Како Началник на спасението, Христе, чесната Црква Ти го принесува годишниот почеток, викајќиː Пејте Му на Христа, и превозносете Го во вековите.

На Создателот, Кој мудро обнови сѐ и текот на времињата го управува со Своја волја, пејте Му, и превозносете Го во вековите.

Му пееме на Бога, Кој го води светот кон добар крај и времињата ги менува за да ги управува луѓето на многу начини. Фалете го и превозносете Го Христа во вековите.

Богородиченː Богомајко, Дево чиста, во смената на времињата, во кои течат годините, ние, човечките собори, те воспеваме како Богородица и спасение на сите.

Песна 9, глас 1.

Ирмосː Како праслика на твоето чисто рождество ја имаме несогорливата капина; и сега се молиме, изгасни ја вжештената печка на нашите страсти, за да можеме, Богородице, непрестајно да те величаме.

Слово и Сило Божја, Мудрост вистинска и ипостасна, Која го држиш светот и мудро го управуваш, и сега, времето на твоите слуги, кои сега настапува, во мирни услови устрој го.

Сите дела Твои, Господиː небесата, земјата, светлината и морето, водите и сите извори, сонцето, месечината и темнината, ѕвездите, огнот, луѓето и животните – Те слават сите (заедно) со ангелите.

Ти си единствениот предвечен, како Творец на вековите, и Божеството е едно, триипостсано и неразделно, Кое царува. По молитвите на Твојата Пречиста Мајка, годинава направи ја плодоносна за Твоето наследство.

Богородиченː Спасителу на сѐ, Строителу, Градителу и – на тварите – Седржителу, по молитвите на Онаа што бессемено Те родила, мир на Твојот свет подај му, запазувајќи ја секогаш Црквата Твоја невознемирена.

Светилен.

Боже на боговите и Господи, триипостасна природо, непристапен, вечен, несоздаден, Создателу на сѐ и Седржителу, пред Тебе сите се поклонуваме и Тебе Те молиме: Годинава што настапува, како добар, благослови ја, Штедри, а народот наш и сите Твои луѓе во мир запази ги.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, септември – -јануари / (превод и препев од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

 

Претходна статијаГоспод Бог, по молитвите на свети Георгиј, да го утврди ова светилиште во веки!
Следна статија„Зошто, Господи, зошто?“ (за болката)