Митрополит Антониј Блум – ЗА ПОКАЈАНИЕТО – дел четврти

Заедничка исповед

А сега сакам да кажам нешто за заедничката исповед. Заедничката исповед може да се одвива на различни начини.

Обично се одвива вака: се собира народот, свештеникот прво кажува некоја воведна проповед и потоа набројува што е можно поголем број гревови за кои тој претпоставува дека присутните ги направиле.

Овие гревови можат да бидат формални. Колку пати сум слушнал:

„Не ги читав утринските и вечерните молитви. Не ги читав каноните, не постев за време на постовите, не го правев ова, не го правев она”.

Сето ова е само формално. Тоа не е формално во смисла дека тоа навистина се гревови на некои луѓе, можеби, дури и на свештеници, но тоа не се задолжително вистински гревови на овие луѓе.

Реалните гревови се поинакви.

Ке ви раскажам како јас ја правам заедничката исповед.

Кај нас таа се прави четирипати годишно. Пред општата исповед, правам два разговора, што се насочени кон тоа луѓето да сфатат што е исповедта, што е гревот, што е Божјата вистина, што е животот во Христа.

Секој од овие разговори трае околу четириесет и пет минути. Насобраните луѓе седат, слушаат, а потоа настапува молчење што трае половина час, во кое време секој треба да размисли за она што го слушнал, за својата гревовност и за својата душа.

А потоа настапува заедничката исповед.

Застануваме на средината од црквата, го ставам епитрафилот, пред нас е Евангелието и јас, обично, го читам покајниот канон кон нашиот Господ Исус Христос.

И под влијание на овој канон, гласно ја изговарам својата сопствена исповед.

Не за формалностите, туку за она за што ме прекорува мојата совест и што ми го открива канонот што го читам.

Секоја исповед е поинаква, затоа што секој пат зборовите на овој канон ме разобличуваат на поинаков начин и за нешто друго, и јас се каам пред сите луѓе, ги нарекувам работите онака какви што се, со своите имиња, не така за луѓето после да доаѓаат и да ме прекоруваат конкретно за овој или за оној грев, но така што секој грев ќе биде откриен пред нив како мој сопствен грев.

И ако тие чувствуваат дека јас не се каам искрено, кога ја изговарам оваа исповед, јас се исповедувам и за ова:

„Прости ми, Господи, ги изговорив овие зборови, но тие не дојдоа до мојата душа”.

Оваа исповед, обично, трае петнаесет минути или половина час или четириесет минути, во зависност од она што можам да го исповедувам пред другите.

Истовремено луѓето се исповедуваат молчеливо, а понекогаш и гласно, како да изговараат:

„Да, Господи, прости ми Господи. Виновен сум.”

Меѓутоа, тоа е моја лична исповед и, за жал, јас сум толку грешен и толку личам на секој друг што се наоѓа во оваа ситуација, така што моите зборови ја откриваат пред луѓето нивната сопствена гревовност. После тоа, се молиме.

Читаме дел од покајниот канон, ги читаме молитвите пред светото причестување, и тоа не сите, туку избрани, што се однесуваат на она за што зборував и како се исповедував, а потоа сите клекнуваат на колена и ја изговарам заедничката разрешителна молитва.

Но, ако некој има потреба да дојде и посебно да исповедува некој грев, тој тоа може слободно да го направи.

Од искуство знам дека таквата исповед ги учи луѓето да се исповедуваат поединечно.

Видов многу луѓе што прво ми велеа:

„Не знам како да се исповедувам. Знам дека згрешив против многу Христови заповеди, дека направив многу лоши работи, но не можам тоа да го соберам во една покајничка исповед”.

А после ваквата заедничка исповед, луѓето доаѓаат и ми велат:

„Сега знам, сега научив како да ги исповедувам своите гревови, потпирајќи се на молитвите на Црквата, потпирајќи се на покајниот канон или потпирајќи се, исто така, и на тоа како вие самите ја исповедувавте својата душа и на тоа како луѓето околу мене истата оваа исповед ја доживеале и ја принесле како своја”.

Затоа, неретко после заедничката разрешителна молитва, оние луѓе што мислат дека треба уште нешто посебно, поединечно да исповедуваат, приоѓаат и тоа го исповедуваат.

Мислам дека тоа е многу важен момент за заедничката исповед да биде лекција за тоа како треба лично, а не заеднички да се исповедуваме.

Понекогаш кај мене доаѓаат луѓе кои ми читаат долг список на гревови што ги знам по список, затоа што ги имам истите книги и јас ги прекинувам.

Им велам: „Не ми ги исповедуваш своите гревови. Ми набројуваш гревови што можат да се најдат во номоканонот и во други молитвеници.

Потребна ми е твоја лична исповед, поточно, на Христос му е потребно твое лично покајание, а не општо, шаблонско покајание.

Ти не чувствуваш дека Бог те осудил на вечна мака затоа што не си го прочитал канонот или не си постел”.

А се случува човекот, на пример, да се обидува да пости, а после да го прекине постот и тој чувствува дека го изгнасил целиот свој пост, дека не преостанува ништо од неговиот подвиг, а всушност, воопшто не е така. Бог на него гледа со други очи.

Ова можам да ви го објаснам со пример од својот сопствен живот.

Кога бев доктор, лекував едно многу сиромашно семејство. Немаа пари, но некаде пред крајот на Великиот пост, што го постев, ако можам така да се изразам, сурово, односно не нарушуваЈки ниту едно правило од уставот, ме повикаа на ручек.

Дознав дека во текот на целиот пост, од својата немаштија собирале пари за да ми купат мало пиле и да ме почестат.

Го погледнав ова пиле и во него го видов крајот на својот посен подвиг. Секако, изедов парче пилешко.

Не можев да ги повредам, но отидов кај својот духовен отец и му реков:

„Знаеш, отец Атанасиј, ми се случи несреќа. Постев целиот пост, ако може така да речам, совршено, а сега, во текот на Страсната седмица, изедов парче пилешко”.

Отец Атанасиј ме погледна и ми рече:

„Знаеш што, кога Бог би те погледнал и кога би видел дека немаш никакви гревови и дека залакот пилешко би можел да те осквернави, Он би те запазил од тоа.

Меѓутоа, Он те погледнал и видел дека толку си грешен, така што никаква кокошка не може да те осквернави”.

И мислам дека многу од нас можат да го запомнат овој пример, да не се придржуваат на уставот туку да бидат чесен и вистинити луѓе: да, изедов парче од оваа кокошка, но работата е во тоа што го изедов за да не ги ожалостам луѓето.

Не ја изедов како нешто гнасно, туку како дар на човечката љубов.

Се сеќавам на едно место во делата на отец Александар Шмеман, во кое се вели:

„Се` на светот не е ништо друго, освен Божја љубов, дури и храната што ја јадеме е Божествена љубов што станала за јадење”.

Со ова ја завршувам својата беседа

Претходна статија„Господи, прими го затоа што Ти дојде на покајание! (Исповед – А. Блум, трет дел)
Следна статијаИ сите ќе бараме, денес, благослов од духовникот да ни го благослови постот, но…