Митрополит Антониј Блум – ЗА ПОКАЈАНИЕТО И ИСПОВЕДТА – трет дел

Зборувајќи за покајанието, се допрев само до прашањето за исповедта. Но, прашањето за исповедта е толку важно што сакам подетално и подлабоко да се задржам на него.

Исповедта може да биде двосилна:

постои лична, поединечна исповед кога човекот доаѓа кај свештеникот и во негово присуство ја открива својата душа пред Бога, и постои заедничка исповед, кога луѓето се собираат во поголема или помала група и кога свештеникот ја изговара исповедта за сите, вклучувајќи се и самиот себе.

Прво, сакам да се задржам на поединечната исповед и да ви го свртам вниманието на следново: човекот се исповедува пред Бога.

Во молитвата, што свештеникот ја изговара пред исповедта на секој човек, се вели:

„Еве, чедо, Христос невидливо стои пред тебе, примајќи ја твојата исповед. Јас сум само сведок”.

И ова мораме да го запаметиме, затоа што не се исповедуваме на свештеникот и затоа што тој не е наш судија. Би рекол и нешто повеќе од тоа, дури ни Христос, во тој момент, не е наш судија, туку наш сомилостив Спасител.

Тоа е многу важно затоа што ние, кога доаѓаме на исповед, се наоѓаме во присуство на сведок. Но, каков сведок е тоа? Каква е неговата улога? Знаете, има разни сведоци.

На пример, се случила несреќа во фабрика. Некој човек стоел покрај патот и видел што се случило. Го прашуваат:

„Што се случи?” На него, потполно, му е сеедно кој е во право, а кој во криво.

Тој просто кажува: „Видов тоа и тоа.”

Постои втор вид на сведоци. Еден сведочи против обвинетиот, а друг сведочи во негова корист. Тоа се потполно друг вид на сведоци.

И свештеникот, во извесна смисла, е сличен на овој сведок затоа што стои пред Христа и говори:

„Господи, прими го затоа што Ти дојде на покајание.

Прими го, затоа што ако мене ми е жал, Тебе сигурно ти е многу повеќе жал отколку мене. Јас не можам да го спасам, можам само нешто да поделам со него, со нешто да му помогнам, но Ти можеш да го преобразиш”.

Постои и трет вид на сведоци. Кога се склопува брак, сопружниците, за сведок го повикуваат најблискиот свој човек – кумот.

Тоа е оној што во Евангелието е наречен „другар на младоженецот”. Во нашата практика би можеле да речеме и – другар на невестата.

Тоа е најблискиот човек на невестата и на младоженецот, кој може со нив најпотполно да ја подели радоста од средбата што преобразува и чудото што соединува.

Свештеникот, при исповедта, е ваков вид на сведок. Тој е пријател на младоженецот, тој е другар Христов што покајникот го води кон Женикот – Христос.

Тој е оној што, со длабока пастирска љубов, е поврзан со покајникот и е подготвен да ја подели трагедијата со него и да го води кон спасението.

И кога велам „да ја подели трагедијата со него”,зборувам за нешто многу сериозно.

Се сеќавам на еден подвижник, кого во една прилика го прашале:

„Како тоа, секој човек што доаѓа кај тебе без чувство на покајание и жал, одеднаш го опфаќа ужас, поради тоа каков грешник е и тој почнува да се кае, да се исповедува, да плаче и да се менува?”

А овој подвижник им кажал една исклучителна работа.

Им рекол:

„Кога човекот ќе дојде кај мене со својот грев, јас овој грев го прифаќам како свој затоа што тој човек и јас сме едно.

Оние гревови, што тој ги направил на дело, јас сигурно сум ги направил со мисла или желба или сум имал намера да го направам тоа.

Заради тоа, неговата исповед ја доживувам како своја. Како што говори тој, јас слегувам, скала по скала, во длабочината на неговиот мрак.

И кога ќе дојдам до са-мата длабочина, неговата душа ја врзувам за својата и се каам со сите сили на својата душа за гревовите што тој ги исповедува и кои јас ги признавам како свои.

Тогаш, него го обзема моето покајание и тој не може да не се кае, и си заминува ослободен, а јас повторно се каев за своите гревови, затоа што сомилоста и љубовта не прават едно.”

Ова е пример како свештеникот може најдлабоко да му пријде на покајанието на друг човек, како може да биде другар на Женикот, како може да биде оној што го води покајникот кон спасението.

Но, за да биде така, свештеникот мора да се научи на сомилост, мора да се научи да чувствува и да сфаќа дека покајникот и тој се едно. И така, пред да ги изговори зборовите на разрешната молитва, тој може да изговори поука.

И ова, исто така, бара внимание и искрен однос.

Понекогаш се случува човекот – свештеникот да ја слуша исповедта и очигледно одеднаш, како од Бога, од Светиот Дух му се открива она што треба да му го каже на покајникот.

Може да му изгледа дека тоа нема врска со она што тој го говорел, но мора да го послуша овој глас Божји и да ги изговори тие зборови, да го каже она што Бог му го ставил во душата, срцето и разумот.

И, ако постапи така, дури и кога тоа како да нема врска со исповедта што ја принесол покајникот, тој го зборува она што му е потребно на покајникот.

Понекогаш се случува тој да не чувствува дека тие зборови му се дадени од Бога.

Знаете, така било со апостол Павле – кога тој, во оваа или онаа прилика, во своите посланија говори: „Ова ви го зборувам од Името Божјо, Името Христово, а ова ви го зборувам од свое име”.

„Тоа не е мое измислување, тоа е она што го знам од своето лично искуство и ќе ти го доверам ова искуство, искуството на мојата гревовност, моето покајание и она што ме учеле други луѓе, што се почисти и подостојни од мене”.

А се случува и тоа да не можеме да го кажеме. Во тој случај можеме да речеме:

„Еве што прочитав кај светите отци и што прочитав во Светото писмо. Тоа можам да ти го понудам, на тоа обрати внимание, размисли и, можеби, преку овие зборови од Божественото писмо Бог ќе ти го каже она што јас не можам да ти го кажам.”

А понекогаш свештеникот треба да рече:

„Целата душа ме болеше заради тебе за време на твојата исповед, но ништо не можам да ти кажам по тој повод. Ке се молам за тебе, но не можам да ти дадам совет”.

Пример за тоа ни е свети Амвросиј Оптински, кај кого два пати доаѓале луѓе и ја отворале својата душа, својата несреќа и кои три дена ги држел без одговор, а кога на третиот ден, во двата случаја, дошле кај него по совет, тој им рекол (тоа биле различни случаи, тие не дошле заедно):

„Што да ти одговорам. Три дена ја молев Мајката Божја да ме просветли и да ми даде одговор. Таа молчи. Како можам да зборувам без Нејзина благодат?”

Значи, тоа е она што сакам да го кажам за поединечната, лична исповед – човекот треба да дојде и да ја излие својата душа, да не гледа во книга и да не повторува зборови на други луѓе, туку да си го постави прашањето:

„Кога би стоел сега пред Христос Спасителот и пред сите луѓе што ме знаат, од што би се засрамил? Што не би можел со готовност да откријам пред сите затоа што би ми било страшно луѓето да ме видат онаков каков што јас се гледам себеси?”

Токму тоа треба да го исповедуваме.

Постави си го прашањето:

„Кога мојата жена, моите деца, мојот најдобар другар, моите колеги, би го знаеле ова или она за мене, дали би ми било срам или не?”

Ако би ти било срам – исповедувај го. „Дали би ми било срам да го откријам пред Бога, Кој и без тоа знае се, но од Кого се обидувам да го скријам тоа, дали би ми било страшно?

Би ми било страшно”.

Тогаш, откриј му го тоа на Бога затоа што во моментот кога ќе го откриеш сето ова ти стануваш посветол.

И тогаш можеш да се исповедуваш и да ја изговориш својата исповед, а не шаблонска, туѓа, празна и бесмислена исповед.

А кога станува збор за деца, мораме да запомниме дека не смееме да ги присилуваме на исповед што не е нивна. Не смее да им се вели:

„Запомни, ме налути, во овој случај не постапи добро. Покај се за тоа”.

Треба да му се даде на детето слобода да застане пред Бога како пред другар и со Него да го подели целиот свој живот и душата, дури и својата болка поради родителите, дури и се она поради што понекогаш му паѓа тешко…

Ќе продолжи…

Претходна статија„Господи, очисти ме! (беседа за покајанието А. Блум, втор дел)
Следна статијаЗА ПОКАЈАНИЕТО – Заедничка исповед (А. Блум, дел четврти)