Митрополит Антониј Блум – ЗА ПОКАЈАНИЕТО И ИСПОВЕДТА – втор дел…
Покајанието не се состои во тоа човекот ладнокрвно да го виде својот грев и да го изнесе пред Бога на исповед.
Покајанието се состои во тоа, нешто да не удри во душата така што од нашите очи и од нашето срце ќе потечат солзи.
Се сеќавам како зборува свети Варсануфиј Велики, дека солзите на вистинското покајание можат да не очистат така што, дури, повеќе не е потребно да одиме на исповед затоа што, ако Бог простил, тогаш човекот повеќе нема што да простува.
Има и едно друго место кај ученикот на свети Симеон Нов Богослов, кај свети Никита Ститат, кој вели дека солзите на покајанието можат да му ја вратат на човекот дури и изгубената телесна невиност.
Меѓутоа, иако покајанието мора да биде токму такво, ние не можеме постојано вака да се каеме, немаме сили за тоа. Тогаш што да правиме?
Еве што треба да направиме: веројатно сте читале како се вршат археолошки ископувања – ископувања на стари градови или споменици.
Доаѓа археолог и почнува да ја вади земјата. Прво гледа само обична земја, но постепено почнува да забележува траги од она што земјата одамна го покрила и почнува да гледа работи.
Ова е она прво гледање кога ние во себе забележуваме, макар и во зачеток, нешто што не е достојно ни за нас самите, ни за љубовта и почитувањето со кои сме окружени, ни за онаа љубов што ни ја дава Бог – тоа веќе е почеток на духовното прогледување.
И можеме да одиме на исповед и да речеме: „Сега знам дека под оваа земја, можеби, лежи гревовна бездна, но на самата нејзината површина веќе нешто препознав и сакам тоа да Му го принесам на Бога и да Му речам:
‘Ова го видов, Ти ми помогна да го видам тоа, Господи, и јас се одрекувам од тоа зло. Јас се уште не умеам да се каам, но знам дека мојот грев не се спојува и со пријателството помеѓу Тебе и мене и со начинот на кој се однесуваат кон мене моите блиски и со она што сакам да бидам'”.
Има една стара средновековна молитва, што била напишана уште во времето додека Венеција била православна, и во која разрешната молитва завршува со зборовите:
„И нека ти ги прости Господ сите гревови за кои што вистински се покаја, не она што, просто, го раскажа, туку она заради што ти се стегна душата, она од кое те опфати ужас. Овие гревови нека ти бидат простени, а останатото претставува твоја нова задача”.
Мораме се подалеку и се подлабоко и подлабоко да навлегуваме во себе, во овие ископини и таму да го наоѓаме она што не е достојно ни за нас, ниту за Бога, ни за она што луѓето го мислат за нас.
Исповедта, на тој начин, станува дел од постојаното и се подлабоко покајание.
Може да речете: „Во што, тогаш, се состои животот?
Сигурно не во тоа да понираме во овие длабочини и да го гледаме во себе злото, злото и само злото – и да паѓаме се подлабоко во темнината?
Не може така да се живее”.
Не, така не може да се живее затоа што светлината ја истерува темнината. Ако, во себе, гледаме нешто темно, тоа е заради тоа што светлината проникнала во нова длабочина на нашиот живот.
Еве пример што им го давам на децата, но ни на возрасните нема да им наштети, понекогаш, да слушнат детски пример.
Младите понекогаш ми велат: „Се загледувам во злото што постои во мене и не можам да го искоренам, да го откорнам од себе”.
Им велам: „Кажи ми, те молам, сигурно не мафташ со бела крпа кога влегуваш во мрачна соба со надеж дека ќе го тргнеш мракот, дека мракот ќе исчезне?”
„Секако дека не”. „Но што правиш?” „Ја тргам завесата и го отворам прозорецот”.
Секако, пушташ да влезе светлина таму каде што царувал мракот. Исто така е и овде. Ако навистина сакаш да се каеш, вистински да се исповедуваш и да се менуваш, не треба да обрнуваш внимание само на она што е лошо во себе.
Треба да пуштиш да влезе светлина во тебе, а за да го направиш тоа, треба да обратиш внимание на она што веќе е светло во тебе и, во име на таа светлина, да се бориш со сиот мрак што постои во тебе.
„Но, како да го направам тоа? Сигурно не мислејќи колку сум добар во овој или оној поглед?”
„Не. Читај го Евангелието и забележувај ги местата што те погодуваат во душата, заради кои затреперува твоето срце, од кои твојот разум станува посветол, кои ја насочуваат твојата волја да посака нов живот.
И знај дека во тој збор, во тој лик, во таа заповед, во тој Христов пример си ја пронашол во себе искрата на божествената светлост. И во таа смисла иконата, што е во нас, а која е извалкана и потемнета од гревот, веќе станала малку посветла.
Во поглед на ова, барем малку повеќе личиш на Христа, во тебе веќе почнува помалку да се гледа образот Божји и, ако е така, тогаш запамети го тоа затоа што, ако грешиш против тоа, ќе ја осквернуваш светињата што во тебе веќе постои, веќе живее, делува и расте.
Ќе го гаснеш, во себе, образот Божји, ќе ја гаснеш светлината и ќе ја заобиколуваш со мракот. Немој да го правиш тоа. Ако им бидеш верен на искрите, на оние искри на светлината, што веќе постојат во тебе, постепено ќе се расчистува мракот околу тебе.
Како прво, затоа што таму каде што е светлината, мракот не постои, а како второ, кога веќе ќе ја откриеш искрата на светлината, чистотата и вистината во себе, кога одеднаш ќе погледнеш на себе и ќе помислиш:
„Во поглед на ова јас навистина станав подобар човек, повеќе не сум само подлец, каков што бев”, тогаш можеш да почнеш да се бориш против она што те напаѓа како што непријателите го напаѓаат градот или војската, што ја напаѓа светлината во тебе и се обидува да ја претвори во мрак.
На пример, си научил дека можеш да ја почитуваш чистотата и наеднаш во тебе се јавуваат гнасни мисли, телесни желби и чувства.
Во тој момент можеш да речеш: „Не, открив во себе искра на невиност, желба да засакам некого, а таа личност да не ја изгнасам, дури ни со мисла, а да не зборуваме за допир.
Не, овие мисли не можам да си ги дозволам. Не ги сакам, ќе се борам против нив и затоа ќе му се обратам на Христа и ќе Го повикам:
„Господи, очисти ме! Господи, спаси ме! Господи, помогни ми!” И Господ ќе ти помогне, но нема да ти помогне додека не почнеш сам да се бориш.
Има една случка од животот на свети Антониј Велики за тоа како тој очајнички се борел против искушенијата, толку се борел што изнемоштел и накрај паднал на земјата и лежел без сила.
Одеднаш пред него се појавил Христос, а Антониј, немајќи сили да стане,
Му рекол: „Господи, каде беше кога толку очајнички се борев?”
Христос му одговорил: „Невидливо стоев покрај тебе, подготвен да стапам во борба, ако ти потклекнеше. Но, ти не се предаде. Победи”.
Значи, мислам дека секој од нас може да научи вака да се кае и секојпат на исповед да доаѓа со нова победа и со ново, пошироко и подлабоко гледање на бојното поле.
Можеме да добиеме простување на нашите гревови од Христа, простување за она што веќе почнавме да го победуваме, и благодат, нова сила за да го победиме она што се уште не сме го победиле…
ќе продолжи…