Вознесение Христово – Спасовден
+++
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Вознесението Христово e круна и кулминација на Домостројот на спасението. И не е само Вознесение Христово, туку и наше лично вознесение, оти сè што е Христово стана и наше.
Во Него, и изгубениот Рај, што го изгубија нашите прародители поради престапот, и таму од каде што бевме избркани поради непослушание, денес, во Христа и со Христа повторно го здобиваме и се враќаме.
Но, ова враќање е уште пославно, поради тоа што не се враќаме во Едемската градина, туку се враќаме и седнуваме од десната страна на величието Божјо.
Оти, денес го гледаме истиот Оној Логос Божји во сè нам сличен, освен во гревот, Кој е роден од Отецот пред сите векови, роден не со човечко раѓање, туку раѓање надумно, кое не може ниту да го опфати, ниту да го разбере умот човечки, ниту да го изговори и искаже јазик човечки. Во Симболот на верата читаме:
„Кој се раѓа предвечно од Отецот“, но никој да не го меша и да не си замислува дека тоа е раѓање човечко, онака како што татковците ги раѓаат синовите свои, туку тоа е божествено, надумно, невештествено, пред постоењето на времето и на вековите.
Она што треба да го разбереме кога го празнуваме овој празник, и да го созерцуваме на таинствен начин, е тоа дека ова е и вознесение наше.
Сето она што Адам го изгуби, и какво било враќање му беше попречено со огненото оружје на херувимот што ја чуваше Едемската градина, денес повторно го добиваме и повторно се враќаме во Новиот Адам, во Христос нашиот Бог.
И, не се враќаме едноставно како созданија и како слуги Божји, туку денес, драги мои, се враќаме како синови Божји, поради тоа што во Христа добивме посиновување.
Стануваме синови на Отецот Небесен и го слушаме ветувањето за Светиот Дух Божји.
Предвечниот Логос Божји се враќа при Својот Отец, носејќи ја човековата природа како украс, а не како срам.
Гледате каква голема тајна е Вознесението Христово, не помала тајна од Воскресението. Слушнавте како гласи денешниот кондак:
„Јас сум секогаш со вас, и никој ништо против вас не може“.
И немојте да се плашите од ништо, плашете се само од гревот, и плашете се да нема нешто во вашиот живот што ќе ве направи неслични на Христос.
Страшниот суд не е ништо друго туку вознесение.
Вознесение и претставување пред престолот на славата на Триипостасниот Бог.
А зошто? Затоа што нашиот Отец Небесен нема да нè суди и ништо нема да бара за да нè осуди на Страшниот суд, туку ќе гледа дали барем маку во нас се наѕира ликот Христов, дали барем малку во нешто сме заличиле на Неговиот Единороден Син.
Тоа е нашиот подвиг во Црквата. Зошто велиме за Светите отци дека се богоносни, христоносни, охристовени?
Во сè станале слични на Христос. Затоа, кога некој лик на светителите од Црквата не го знаеме, тогаш таквиот светител се слика со ликот Христов.
Но сето тоа, сите тие можности ги добивме во Вознесението Христово.
Да му се приближиме на Отецот и, исто така, да се наречеме синови Божји. Добивме можност Бог да Го прегрнеме, Бог да Го допреме и Бог истовремено да стане наш брат и наш Отец.
Голема е тајната на Вознесението. И гледате, народниот јазик секогаш крие длабока вистина, сето ова што ви го кажав – немојте да мислите дека ако Христос само воскреснеше и се завршеше со Велигден ние ќе бевме спасени.
Немаше да бидеме спасени, и народот тоа го знае, затоа Велигден е наречен Велик ден, т.е. Голем ден, но Вознесението Христово е наречено Спасовден – денот на Спасението, денот во којшто се потврдува дека сме спасени, денот во којшто Отецот нè прегрнува и нè препознава како Свои во Христа и со Христа.
Надвор од Христа нема спасение; надвор од заедницата со Христа нема спасение.
Кога сме со Христа, секој ден е Спасовден. Затоа, држете се за Христос – Распнатиот, Погребаниот, Воскреснатиот во третиот ден, Вознесениот, Кој седи оддесно на Славата Божја.
Држете се за Него и не Го давајте за ништо на овој свет. Ништо не може да се спореди со Христа – Христос е последното совршенство, како што вели Старец Софрониј
Овој свет не може да ни даде ништо што е повредно од Христа, а вие, напротив, дајте сѐ, жртвувајте сѐ за Христос, како што направија сите христијани пред нас, сите овие свети личности кои ги гледаме на нашите икони и фрески во црквите.
Оти и сè да добиеме, а на душата своја ѝ напакостиме, ништо не сме направиле (види: Матеј 16, 26).
Во сите празници што ги празнува овој свет, во сите световни настани, во сите славни моменти од човечката историја, ниту еден момент, ниту еден ден не е наречен Спасовден – нема спасение надвор од Христа.
Останете со Христос, а да останеме со Христос значи да останеме во Црквата Божја. Оти, таму каде што се собира Црквата околу својот Епископ на Светата Литургија, таму е и Христос.
А таму каде што е Христос, неразделно се и Отецот и Светиот Дух, таму е Царството Небесно, таму е рајот и радоста, и сè што е добро. Бог да ве благослови!
Викарен Епископ Јаков Стобиски
(транскрипт од аудио запис)
(На празникот Вознесение Христово, во црквата „Светите Методиј и Кирил“, во Струмица, Викарниот Епископ Јаков Стобиски отслужи Божествена Литургија, на која го ракоположи во презвитерски чин ѓаконот Леонтиј Ајтовски. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.)