МАЛ ПОТСЕТНИК  ВО ПЕТ ТОЧКИ КОГА СМЕ ВО ИСКУШЕНИЕ:

Секое искушение, од големо до мало, правилно го надминуваме секогаш на истиов начин:

прво, го прифаќаме како дар Божји;

второ, Му благодариме на Бог за тоа;

трето, се осудуваме себеси како заслужни за уште полошо од тоа што веќе ни се случува;

четврто, не му покажуваме (надворешно) на демонот, ни на лице, ни со збор, ни со некоја постапка дека се наоѓаме во искушение;

петто, ја продолжуваме молитвата, ама не како борба против искушението, туку како градење на заедница со Бог.

 

Како изгледа НЕПРАВИЛНО соочување со искушението или на кој начин се случува нашиот пад при едно искушение?

Прво, не го прифаќаме како дар Божји;

второ, не Му благодариме на Бог за тоа;

трето, не се осудуваме себеси како заслужни за уште полошо од тоа што веќе ни се случува;

четврто, му покажуваме (надворешно) на демонот, на лице, со збор или со некоја постапка, дека се наоѓаме во искушение;

петто, ако и воопшто ни текне на молитва, молитвата ја сфаќаме како борба против искушението.

Секако, за да научиме правилно да дејствуваме во часот на искушението потребно е и време и подвиг на себепринудување, затоа што сме духовно болни односно лошата навика ни станала втора природа.

Значи, вообичаено добродетелта не се стекнува одеднаш и тоа не треба да нѐ обесхрабри.

Што согледуваме преку правилниот начин на надминување на искушенијата?

Прво: дека тоа ни носи покајание и плач како и духовна радост, а не прелест (очај или еуфорија, итн.).

Потоа: дека проблемот не е никогаш надвор од нас, туку тој е секогаш во нас – во нашиот став или однос кон сѐ што се случува.

Дека правилното надминување на искушенијата е исто што и барање на Божја правда, а не човечка.

Дека само преку правилното надминување на искушенијата нам ни се случува процес на преобразување на страстите, а не нивно потиснување или нивно задоволување.

Дека на овој начин не му даваме материјал и право на демонот да ни пречи во молитвата.

Дека на овој начин го избегнуваме самооправдувањето, а го усвојуваме самоосудувањето.

Дека единствен начин да го промениме светот околу нас е прво себеси да се промениме.

И на крај, на овој начин се избегнува замката на себенабљудувањето (дали се чувствувам добро или се чувствувам лошо), кое е производ на нашето самољубие и кое го одредува нашето самољубиво однесување, а нашето постоење и дејствување се насочува само во слава Божја.

Постапувањето или непостапувањето според правилниот начин за надминување на искушението треба да биде содржината на нашата исповед, како и начин на наше преиспитување.

запис на дел од беседата на Митрополитот Струмички Наум (2015 г.)

Претходна статијаБез причест никогаш нема да бидеме верни, туку само суеверни! (На ваши прашања одговара свештеникот)
Следна статијаИКОНАТА НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ: ВИСТИНИТА И ЧУДОТВОРНА!