Дома Беседи Гревот е рана, а покајнието мелем (Св. Јован Златоуст)

Гревот е рана, а покајнието мелем (Св. Јован Златоуст)

0
909

И постот и молитвата ама покајанието стои највисоко од се`

СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ БЕСЕДА ОСМА  втор дел – За покајанието

Иако вчера се разделив од вас, не беше тоа затоа што така сакав, туку по сила на приликите така мораше да биде.

А се разделив само со телото, а не и со усрдноста; се разделив телесно од вас, но не и со мислите; зашто колку што ми беше овозможено ве опфатив сите вас и во мислите ве зачував и штом оваа стара болест ме остави, поитав желно лицата ваши браќа да ги видам, па иако тегобите на болеста се уште ги чувствував прибегнав кон вашата љубов.

Другите болни кога ќе се опорават од болеста, купатила и умивалници бараат, а јас за подостојно најдов саканите ваши лица да ги видам и копнежот ваш за слушање да го задоволам, да ја видам оваа голема морска широчина без сол и ова море без бранување.

Дојдов, велам, да ја прегледам очистената нива ваша.

Има ли било каде пристаниште како што е Црквата, или такво блаженство како на овој наш собир.

Та овде нема змии кои на човекот непријателства би му чинеле, но Христос е, Кој што тајните ги открива, нема овде Јева, која со себе би спрепнувала, но превасходен е соборот, а не се ниту лисјата, ни дрвата, но плодот на духот; не е ограда од трње, но лоза плодоносна.

А ако и трн пронајдам, во маслина ќе го претворам, бидејќи Црквата со слободна волја е обдарена па и не може да ги трпи недостатоците на природата.

А така и на волк ако наидам, во овца ќе го престорам и тоа не така што природата ќе му ја изменам, но волјата негова.

И заради ова нема да погреши оној кој што Црквата поубава од Нојевиот ковчег ќе ја нарече. Зашто ковчегот ги примаше во себе животните и како животни ги сочува.

Црквата пак, напротив прима животни но потполно ги менува. Така во ковчегот и јастреб влезе и како јастреб излезе, а овде, пак, во Црквата, кој како јастреб влегува, како гулаб излегува,

кој како волк влегува, како овца излегува,

кој како змија влегува, како јагне излегува

и тоа не затоа што природата му се променила, но затоа што злото е протерано.

Затоа и јас често за покајанието говорам, зошто баш тоа му е тешко и страшно на грешникот,

тоа е мелем против секој грев,

тоа безаконието го истребува,

солзите ги брише,

смелост пред Господа дава,

оружје е против ѓаволот,

меч главата што му ја отсекува,

тоа е надеж на спасението и тоа што го одгонува очајанието.

Небото на човекот му го отвара, во рајот го воведува па и на самиот ѓавол му одолеува и токму затоа што тоа надежта ја влева, дека со него ѓаволот ќе го победиме, често за покајанието говори.

Значи, грешен ли си? Немој да очајуваш!

Така со овој елеј нема никогаш да престанам да ве помазувам зашто познато ми е какво оружје против ѓаволот е вашето – неочајување. Имаш ли гревови, немој да очајуваш.

Никоаш нема да престанам за ова да говорам, зашто како што секој ден грешиме, секо ден и мораме да се каеме и како што на трошните куќи им чиниме и на местото на трулото, ново ставаме, па кога било каде нешто гние ние тоа го отфрламе и го менуваме и од таков труд никогаш не бегаме, така , ако овој ден си паднал во грев, обнови се во покајанието.

А дали е возможно, ќе речеш, покајникот да се спаси? Многу е возможно.

Цел живот во гревови го поминав, па дали ќе се спасам ако се покајам?

Ќе се спасиш, секако!

А со што тоа се докажува?

Со човекољубието на Господ твој!

На покајанието твое се надевам јас, а дали е тоа покајание е толку силно за толку дамки да очисти?

Кога тоа само од покајанието би зависело, ти со право би требало да де плашиш, но со покајанието е споена милоста Божја, а човекољубието Божјо безмерно е, па надевај се дека тоа , злобата твоја ќе ја претекне.

Замисли искра која во море паднала, може ли таа таму да опстои и како таква понатаму да се појавува, и како што е мала искрата спрема морето, така, мал е и гревот спрема човекољубието Божје, па дури ниту толкав, туку уште помал, зашто и морето и колку да е големо граници свои има, а Божјото човекољубие, безгранично е.

Не ви го говорам ова за да постанете небрежни, туку сакам уште поревносни да постанете.

Зашто често советував во театар да не одите, ти советот мој го презре, иако го слушна и одеше таму погазувајќи ја науката моја. Но немој да се срамиш пак тука да дојдеш и да слушаш.

Слушав – ќе речеш – но не го сочував, па како можам и понатаму да доаѓам?

Ти сам признаваш, значи, дека не го сочува тоа и затоа се срамиш, а тоа значи исто како ти самиот и без мојот укор, узда врз себе со таквото признание си ставаш и дека зборот мој, корен фатил, па скоро и без присуството мое, поуката моја те исправува.

Не си се сочувал?

Но бидејќи себе си така се осуди до половина си сочувал, а ако и не си сочувал, одново си признал дека не си.

Зашто кој самиот себе се прекорува дека не исполнил, тој веќе се труди да исполнува. Дали си фрлил ти око на некаво зло, дали си извршил безаконие?

Дали заробеник кај блудница си останал и подоцна, бидејќи од театар си се вратил и си размислил, си се засрамил? Дојди, дали под тежината на своето злодело си се ожалостил?

Помоли се на Бога, зашто од поправањето не си далеку.

Тешко мене јас слушав, но не исполнив, не сочував , па како во Црква да одам, и со каков образ уште и да слушам, ќе рече некој.

Токму затоа што не си се сочувал, дојди во Црквата, за откако повторно ќе чуеш да го сочуваш.

Зарем нема и лекарот ако со првиот мелем не те излечи, следниот ден , друг мелем да ти стави?

Па не зема ли и дрвосечачот кога сака некое дрво да отсече секира и не удира ли со неа под коренот? И ако по првиот удар тоа бесплодно дрво не падне не удира ли и по втор и по четврти и по десети пат?

Па и ти така постапувај зашто дабот е блудница, или она бесплодно дрво кое носи храна само за желудниците на безумните свињи. Таа во срцето твое во текот на долго време се вкоренила и во дрвена ограда совеста ти ја затворила.

Зборот е мој – секира, а ти еден ден го слушаше.

Но како само за еден ден да падне тоа што после толку долго време се вкоренило?

Затоа што и два пати и три пати и сто илјади пати да си чул, ништо чудно не би било, таква силна и голема работа како што е таа зла навика, да ја пресечеш.

Мана Јудеите јадеа и пак мисирски кромид барале говорејќи. „добро ни беше во Мисир“. Толку е гнасна работа, лошата навика!

Дури и десет дена добродетелно да си живеел, па и дваесет и триесет, јас нема воопшто да бидам задоволен, ниту ќе ти благодарам, ниту со тебе ќе се побратимам, зашто јас едно сакам, а тоа е да не слабееш, да се срамиш и самиот себе да се осудуваш.

Порано јас за љубов говорев, а ти и после чуеното, кога од тука излезе, отиде и не научи и со дело не исполни. Но немој повторно да се срамиш пак во Црквата да дојдеш.

.
Или срами се од себе, но при грешењето, а не при покајувањето.

Гревот е рана, а покајанието – мелем!

И како што е телото со рани на лекови е изложено, така исто и душата во гревовите и покајанието. Но гревот со себе го носи срамот, а покајанието блага надеж за подобро.

Послушај ме те молам , со внимание следи ги поуките за користа да не ја изгубиш, а јас ќе морам поредокот на работите малку да го изменам.

Рана и лек, грев и покајание.

Раната се содржи во гревот, а лекот во покајанието.

Во раната е трулеж, а во лекот очистување од трулежот.

Во гревот е гнојот, во гревот презрението, во гревот потсмевот,
во покајанието пак храброста,

во покајанието слободата во покајанието е очистувањето од гревот!

Свети Јован Златоуст