Црквата не проколнува, туку благословува (20.02.2014)

Кога ќе нè заболи забот, одиме на заболекар. Кога ќе ни се расипе автомобилот, го носиме на автомеханичар, итн.

Кога е во прашање пак, Црквата, сите мислиме дека знаеме сè.

Тоа, од една страна, и не е така лошо, бидејќи е сведоштво дека на ниво на потсвесното постои интерес за Црквата. Но, многу нешта од животот на Црквата сепак не им се познати на луѓето иако тие често му подлегнуваат на искушението да дискутираат или да пишуваат за нив.

На пример, една дилема која понекогаш се наметнува во мислите и во дијалогот меѓу луѓето е дали Црквата може да проколнува и во кој случај, и што е тоа проклетство. За прашањето што е тоа благослов, обично не се размислува.

Луѓето мислат дека тоа им е добро познато, дека благословот е само некое земно (материјално или душевно) добро.

Иако, благословот е пред сè духовно добро, и се стекнува со многу труд и подвиг; а проклетството е пред сè духовно зло и често е секојдневна и одомаќена состојба.

Како „стручно лице“, ќе се обидам накратко да го објаснам учењето на Црквата за ова, за да нема после пак недоразбирања…

Црквата, како заедница на љубов и слобода, е место и време на благослов.

Благослов е заедницата со Бог. Проклетство е отпаѓањето од таа заедница. Човекот што ги исполнува Божјите заповеди стапува во заедница со Бог.

Оној што ги нарушува Божјите заповеди отпаѓа од заедницата со Бог. Човекот е создаден според Божјиот лик, како словесно (свесно, разумно) и слободно битие.

Главни карактеристики на човекот се правото и слободата да се определува за доброто или за злото.

Исполнувајќи ги Божјите заповеди, човекот го избира доброто.

Нарушувајќи ги Божјите заповеди, човекот го избира злото и ги исполнува желбите на ѓаволот. Може да заклучиме: човекот самиот себеси се проколнува творејќи зло, или самиот, творејќи добро, создава услови да биде благословен од Бог.

Значи, секој треба да се плаши само од себеси и од своите зли дела со кои отпаѓа од Бог и од Божјиот благослов, а не од проколнување на Црквата. Затоа во претходниот текст, „Станавме легенди, а сè уште сме живи“, го потенцирав фактот дека самите себе се казнуваме кога твориме зло, а не дека Бог казнува.

Тоа важи најнапред за мене, потоа за тебе, драг читателу, и на крај за сите луѓе. Кој твори добро, нека биде спокоен.

Понекогаш, многу ретко, Црквата или епископот на локалната Црква (на некоја епархија) може, од педагошки причини, јавно да соопшти дека некој човек со својот грев отпаднал од Бог и не може да учествува во животот на Црквата, односно не може да се причестува со Телото и Крвта Христови сè додека не се покае.

Значи Црквата не го проколнува, туку само става на знаење дека тој човек со своите зли дела отпаднал од Бог.

Црквата дури не мора ни да знае, ниту пак кој било друг, за гревот на некој човек, но таквиот и да учествува во нејзиниот живот, тоа ќе биде само напразно и за уште поголема осуда, односно за поголемо отпаѓање од Бог и за поголемо проклетство.

Без оглед на тоа дали луѓето го виделе и знаат за злото што некој го направил, Бог секогаш гледа и знае.

Духовниот отец, за време на Светата Тајна Покајание и Исповед, насамо, исто така може да предочи некому дека заради неговите гревови (на пример, абортус), времено, додека да се покае не смее да се причестува.

Да повториме уште еднаш: човек со своите зли дела самиот отпаѓа од Бог и се проколнува, а Црквата или епископот или духовниот отец може отпаѓањето само да го соопшти јавно, за сите да знаат (што е многу ретко) или лично, на знаење на конкретниот човек (што е вообичаена пракса).

Црквата или нејзиниот епископ или пак духовниот отец немаат власт да проколнуваат, ниту по грешка.

На пример, ако епископот или духовниот отец неправедно или по грешка му соопштат на некого дека заради некој грев е отпаднат од Црквата, а човекот не го сторил гревот, таквата нивна изјава не значи ништо пред Бог.

Се случувало, во историјата на Црквата, по грешка или неправедно обвинети луѓе всушност да се светители, луѓе најблиски до Бог.

Секој човек пред Светата Тајна Крштение, односно пред соединувањето со Христос, се одрекува од ѓаволот и од сите негови мисли, зборови и дела, како и од сите негови помошни сили.

Кога човек се крштева како дете, во негово име се одрекува кумот, кој презема и дел од обврските за негово правилно духовно растење.

Ако човек и после крштевањето свесно и слободно се приклони кон злото, кон лошите мисли, лошите зборови и лошите дела, тогaш тој му остава простор на демонот да завладее со неговиот живот.

Демонот е лажго, татко на лагата и човекоубиец, уште од почетокот, а конечното отпаѓање од Бог и смртта се крајот на патот по кој тој го води човекот.

Грижата на совеста, обременетоста со лоши мисли, немирниот сон, разните несреќи, зависности и болести на луѓето се само знаци за тоа дека патот по кој тргнале е погрешен.

Како ќе се наближува крајот на патот, тие знаци ќе бидат сè почести.

Секој човек од Бог добива и време за покајание, но колку повеќе и поголеми гревови прави, толку тоа време му се скратува. Кога му простуваме на оној што ни греши, ние можеме со нашата љубов и молитва да му го продолжиме времето одредено за покајание.

Епископите или духовните отци имаат и обврска да ги опоменуваат луѓето дека патот по кој тргнале не води кон добро. Голем грев прават свештените лица доколку одвреме-навреме не ги опоменуваат и потсетуваат луѓето за тесниот пат до Царството Небесно.

Тоа можат да го прават и како некои што заглавиле на погрешниот пат, или како некои што се враќаат од погрешниот пат. Најдобро е ако тоа го прават како некои што го поминале правиот пат и со сигурност го покажуваат.

Не треба да им се лутиме, како што не му се лутиме ни на лекарот кој заради наше здравје понекогаш ни причинува болка. Во секој случај, им должиме благодарност…

Колку понавреме се сфатат овие духовни закони, толку подобро.

Господ да ни прости и да нè помилува сите!

Митрополит Струмички Наум

Црквата не проколнува, туку благословува (20.02.2014)

Претходна статија„Над децата кои често се причестуваат нема дејство дури ниту законот на лошиот наследен фактор“
Следна статијаКолку ли само животот би бил прекрасен кога луѓето би ја слушале совеста?! (Старец Сампсон)