За (не)простувањето / – Игумен Гаврил
Господарот, во ова евангелско четиво, е Спасителот Исус Христос, кој заради нас на крстот ги прикова нашите гревови и со својата крв ги искупи (прости). Бидејќи Човекот беше немоќен тоа да го направи, затоа Бог тоа го направи за нас.
Заради тоа, ние сме Негови вечни должници.
Заради гревот кој завладеал во светот поттикнат од клеветникот – вечниот искушувач, ние меѓусебно си грешиме и меѓусебно се повредуваме.
Но Христос ни покажува начин како да се намали злото меѓу нас и како што Христос ни прости, така и ние треба да си простуваме. Непростувањето е знак на затемнетост, заробеност и отпаднатост.
Бог е милостив и ни простува. Кога пак не им проштеваме на нашите ближни тогаш Тој од милостив станува праведен. Тогаш Бог ќе ни суди според нашите гревови и тогаш никој не може да се откупи.
Големо зло си нанесуваме ако злопамтиме. Злопамтењето е живот во ропство. Сами себе се заробуваме со мислата да му се врати на оној што некогаш ни згрешил и таа зла мисла не прогонува се додека не ја оствариме.
На тој начин стануваме робови на гревот и сатаната и Тука немаме ништо со Христос, тука го нема Светиот Дух, тука го нема Бог.
Ако сакаме да се ослободиме од тежината и ропството на злопамтењето во нас мора да простиме. Мора да се победиме себе, да умреме за гревот и да простиме. Само простувањето може да не ослободи од таа зла мисла.
Простувањето е врв на добродетелите. Присуство Божјо. Кога простуваме стануваме слични на Христос и само така можеме да се ослободи од оковите на адот и темнината.
Нека нашиот Бог и Спасител Исус Христос посредува меѓу нас и ни даде сили да ги заборавиме сите наши минати гревови, да погледнеме напред и самите себе, еден со друг на Хростос Бог да му се предадеме!