Често демонот се обидува да ги збуни подвижниците.

Покрај задолжителната примена на петте контролни точки, кои ако се спроведат правилно, сигурно ќе ни помогнат да го решиме проблемот со кој се соочуваме, можам да ви предложам уште два совета, во случај збунетоста да не поминува.

Прво што треба да се направи е да се провери дали е нарушена хиерархиската линија на послушанието; со други зборови, дали го послушуваме тој што Епископот ни го одредил за старешина или духовен отец.

„Кој го слуша оној што сум го пратил, Мене Ме слуша, а кој Ме слуша Мене, Го слуша Мојот небесен Отец“ (види: Лука 10, 16). И, обратно.

Да се потсетиме: ние не сме дошле за апсолутно ништо друго во Црква или во манастир, освен да го ставиме умот во процес на исцеление сѐ до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва и просветлувањето на умот.

Да повторам: за апсолутно ништо друго, колку и да изгледа тоа побожно!!!

Послушанието е екстремно одрекување од овој свет, туѓинување и распнување на умот, негова смрт и негово молитвено погребување во срцето.

И, уште ова: едно е дарот на умно-срдечната молитва, а друго е просветлувањето на умот.

Послушанието е внатрешна духовна состојба на умот и срцето, а не само надворешно и површно исполнување на заповедите.

Послушанието е „последното место“.

А последното место е сѐ!

Второ што треба да се потсети секој подвижник е дека нашата борба не е против тело и крв, туку против духовите на злобата од поднебесјето.

Така, не само што треба да го одделиме гревот од грешникот, туку треба да го одделиме и човекот што нѐ повредува од демонот кој на тоа го навел.

Да потенцирам: ние никогаш немаме проблем со човек, а секогаш со демонот во нас и со демонот во оној што нѐ повредува!!!

Одделувањето на човекот од демонот е исто што и барање Божја, а не човечка правда.

Секогаш сме ние виновни и никој друг, затоа што сме различни од Богочовекот Христос.

Да повторам: јас сум виновен за сѐ, и апсолутно никој друг!!!

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Претходна статијаЦарот и саканото му чедо! (кратка поука)
Следна статијаЦрквата не е религиозна институција која нуди рецепти за мир…! (СТРЕСОТ ВО ДУХОВНИОТ ЖИВОТ – Јеромонах Атанасиј Арсоски)