ГИ ЉУБЕВ СВОИТЕ СТАРЦИ – Старец Порфириј Кавсокаливит

Како што веќе реков, моите старци духовници беа отец Пантелејмон и неговиот брат отец Јоаникиј, jас ги љубев, иако беа мошне строги.

Секако, во тоа време тоа не го знаев. Бидејќи ги љубев, мислев дека не се однесуваат строго спрема мене.

Чувствував спрема нив голема почит и искрена љубов. Чувствував спрема нив таква почит како да гледам на иконата Христова. Со такво чувство на стравопочит гледав, значи, на нив. Веднаш после Бог, во мојата душа беа старците.

Двајцата беа свештеномонаси. По потекло беа од Кардица, од некое село високо во брдата. Не можам да се сетам како тоа се викаше, тоа нивно село, но веројатно ќе се сетам…

Ете, се сетив! Тоа е селото Месеникола (од таму имав ќебе со кое до неодамна се покривав кога спиев). Им бев потполно послушен.

Послушност! Што да ви говорам! Знаев што е послушност! Ја прифатив со радост, со љубов. Таа апсолутна послушност ме спаси.

Заради неа Бог ми даде благодатен дар. Навистина, пак ви велам, бев до крај послушен на своите старци.

Не ги слушав со принудна послушност, туку со радост и љубов.

Вистински ги љубев; таа љубов така влијаеше на мене што чувствував и сфаќав што тие сакаат од мене. Знаев што сакаат и како сакаат во секоја работа и пред и нешто да ми кажат.

Итав на сите страни. Им бев предан. Затоа мојата душа со радост иташе кон нив. Не мислев на никого. Веќе не мислев на родителите, ниту на познаниците, ниту на пријателите, ниту на светот.

Мојот живот беше молитвата, радоста, послушноста кон моите старци.

Кога еднаш би ми рекле нешто да направам, јас тоа веднаш ќе го направев. Еднаш, на пример, ми вели Старецот:

– Дете мое, миј ги рацете и пред јадење, но и кога треба да одиш в црква, бидејќи влегуваме во светиња, а тука треба се’ да е чисто.

Ете, ние сме попови. Двајцата служиме Божја служба; затоа нашите раце треба да бидат чисти. Но, треба да бидеме чисти и во се’ останато.

Од тогаш секој час со сапун ги миев рацете. Не беше потребно тоа повторно да ми го кажат. Пред да почнам да јадам, јас веднаш ги сапунам рацете. Одиме во црква за било што, – јас пак сапунот во раце и ги мијам рацете.

Одиме на ракоделие и кога и да е некоја фина работа – јас пак со сапун ги мијам рацете. Тоа го правев во секоја прилика, без некаков отпор во себе. Имајте во обзир дека имав двајца духовници, и многу пати се случуваше тие од мене да бараат сосема спротивни работи.

Еден ден, да речеме, поп Јоаникиј ми вели:

– Земи ги овие камења одовде и однеси ги онаму.

Јас ги носам камењата таму каде што ми е покажано. Тогаш доаѓа великиот Старец. Штом ги здогледа камењата, се налути, ме искара, па ми рече:

– Наопак човеку! Што си направил? Зарем таму треба да бидат тие камења? Веднаш да си ги вратил таму каде што си ги нашол!

„Наопак човеку“ – со тие зборови ме караше кога ќе се налутеше.

Следниот ден од тука наиде поп Јоаникиј. Ги гледа камењата на претходното место, се налути и ми вели:

– Зарем не ти реков да ги однесеш камењата онаму?

Јас се засрамувам, поцрвенувам, правам метанија и велам:

– Старче, прости ми, речиси сите камења ги однесов онаму, но старецот го виде тоа, па ми рече: „Врати ги ваму! Овде ни се потребни“. Така се’ вратив.

Поп Јоаникиј на тоа ништо не изусти.

Ме вежбаа многу пати, на овој или на сличен начин, но јас немав лукавство во себе. Не помислував:

Дали тоа ми го прават за да ме искушуваат? Додуша, ниту забележував дека ме искушуваат. Но, иако ме искушуваа, работите се одвиваа така природно, што јас тоа не го разбирав. Ова што сега ви го зборувам има своја смисла.

Бидејќи, кога знаеш дека те искушуваат, можеш да ја извршиш и најтешката работа за да изгледа дека вршиш послушание, дека си послушен. Но, кога не знаеш дека некој те искушува, па тој другиот уште и се лути, тогаш невозможно е во себе да не се побуниш и не кажеш:

„Ма гледај, што е сега ова? Па тој човек толку години е калуѓер, а сеуште се лути? На што личи тоа? Зарем може монах да биде гневлив, а притоа да се моли? Како тоа сеуште да не се ослободил од гневот? Многу се несовршени овие луѓе…“

Јас, меѓутоа, не размислував така, ниту знаев дали ме искушуваат или не ме искушуваат. Напротив, на се’ се радував затоа што ги сакав. А и тие спрема мене чувствуваа голема љубов, иако тоа не ми го покажуваа. Јас ги сакав двајцата старци духовници.

Особено бев приврзан кон духовникот старец Пантелејмон. Како што кажува псалмопоецот Давид „се прилепи душата моја кон Тебе, а мене ме прифати десницата Твоја“ (Пс. 62:9).

Така и мојата душа се беше приврзала за мојот старец. Вистината ви ја зборувам!

Моето срце беше заедно со неговото срце. Јас гледав во него, ја чувствував неговата душа. Ме земаше со себе и заедно одевме во соборната црква, а од таму пo разни работи. О, како ја чувствував неговата душа!

Тоа ми донесе осветување од Бога. Фактот дека духовно се приврзав за него – тоа ме доведе до осветување. Тоа што моето срце се приврза за неговото срце, ми донесе голема духовна корист. Тој беше голем светител!

Но, старецот ништо не ми говореше. Не само што не кажа од каде е по потекло, туку не ми кажа ни кое му е презимето, ниту нешто друго… Никогаш не искажа зборови како што се:

„Во моето семејство“, или: „Моите родители и моите браќа“, и слично на тоа.

Секогаш беше молчелив, секогаш се молеше и секогаш беше благ и кроток. Ако некој пат и се налутеше, и неговата лутина и неговите гневни зборови, сето тоа беше привидно. Јас го сакав и верувам дека и мене благодатта Божја ме посети, затоа што му бев послушен и чувствував љубов спрема него.

Внимавав на неговите постапки за да нешто превземам, за да се угледам на него. Го сакав, го почитував, гледав на него и чувствував духовна корист. Ми беше доволно само да го видам.

Чекоревме долго, цел пат. Се искачувавме од Кавсокаливија во планина, за да сечеме гранки од грмушки, кои кај нас се викаат пурнари.

Целиот пат молчење. Старецот не изговара ниту еден единствен збор. Се сеќавам како притоа ми покажуваше кои гранки да ги исечам. Штом една ќе исечев, со радост му довикнував:

– Старче, ја исеков!

Тој одговараше:

– Дојди ваму!

Или:

– Оди онаму со пилата!

Го чистев наоколку џбунот, за пилата да може да помине. За тоа време тој одеше да најде друго погодно место. Разменувавме по два-три збора:

– Сечи во еден здив!

Јас веднаш викав:

– Старче, ја исеков!

Јас, јадничкиот, работев со радост. Тоа не беа обични, природни работи. Тоа беше мојата љубов. Тоа беше благодат Божја, која зрачеше од старецот на мене бедниот.

Сфаќам колку е вистинито она што го зборуваат – дека монасите оделе кај некој познат пустињак, го опкружувале и му поставувале разни прашања. Во еден таков случај, некој монах седел покрај старецот и ништо не говорел. Го гледал старецот во лице. Сите по нешто прашувале, а тој – ништо. Пустиникот го прашал:

– Зошто ти, чедо, ништо не ме прашуваш? Зарем немаш некаква недоумица?

Тој одговара:

– Јас не сакам ништо друго; доволно ми е само да те гледам, старче (авва Антониј, Старечник, Атина 1961, стр. 4).

Тој, значи, благодатно ја впивал душата на старецот, превземал благодат Божја преку него.

И св. Симеон Нов Богослов ги наведува истите зборови. И тој признава дека примил благодат од својот старец.

Извор: Живот и поуке старца Порфирија Капсокаливита

МПЦ ОА