Слободната волја и раната младост!

Пиејќи го утринското кафе и присетувајќи се на раната младост и своето искуство, ненајавено ме наведе умот на улогата и влијанието во одлуката на младиот човек, кој збунето треба да тргне во животот, приклонувајќи се на својата слободна волја , слободата на избор.

Среброљубието, како страст ме одмина лично и тогаш до денешни дни.

Но, славољубието  ми се наметна, ме зароби во тие  години… !

Штотуку на границата и преминот, дете – полнолетна, слободна личност, мојот татко (мој авторитет), речиси ме наведе и одлучи во мое име, а самата молкум прифатив да се искачувам, во тоа време, до врвот на јавниот живот, потиснувајќи ги своите сништа и љубовта кон уметноста.

Заборавив на својата волја, а ја живеев неговата!

Себељубието, гордоста во сите нејзини форми и нијанси постепено се прилепуваа, се накалемуваа до младата личност, престорувајќи ја во она што таа всушност, не е.

Живеев некој позајмен, туѓ идентиет, глумев некоја друга личност на која дури и се восхитував,  се себеидентификував, насладувајќи се на плодовите на славата кои полека, неосвестено ме влечеа наудолу во јаремот на  ропството.

За последиците од отровот на таа страст, не би говорела.

Добро е кога човек подоцна, во било која возраст ќе се врати кон израмнетиот пат на Божјата волја за себе, кон себе.

Но, се прашувам дали и колку младиот човек кој штотуку зачекорил преку границата, девојка – жена, момче – маж, е во состојба да се пронајде себе си како полезна и креативна личност ?

Колку ќе се вткае себе во своја полза и полза на општеството кое го опкружува?

Што доколку, така кревок, неосознаен, ја прифати одлуката и волјата на родителите како своја?

Која е вистинската мера на влијание на најблиските и општеството за да се упати младата личност на патот, а сепак да не се загрози личната волја, независно дали е тоа секуларен амбиент или амбиент во живот во христијанската вера?

Сте размислувале ли,  како на слободната волја да не и` се одземе својството на слобода?

Мина  Даниловска  (2015 г.)

Претходна статијаЕндогена депресија (од “природата” – примерот на болеста на Н.В. Гогољ)
Следна статијаСтрастите – тие се како гној на душата…