ЗA РАСПНУВАЊЕТО НА УМОТ
Што значи тоа да го носиме крстот свој, одрекувајќи се од себе и врвејќи по Богочовекот Христос?
Нашиот ум е основната алатка за комуникација со Бог.
Ако нашиот ум не се распне и ако не умре за овој свет, закован на Крстот Христов, преку целосрдечно, аскетско послушание кон духовниот отец – во исполнување на заповедите Христови, тогаш не е возможно ни негово молитвено погребение во нашето срце.
Ако нема исихастичко погребение на нашиот ум во срцето, тогаш нема ни надеж за дарот на севкупното наше воскресение како личности – уште во овој живот.
На претходно спомнатиот начин, го запираме валкањето на енергијата на умот, го ставаме умот во процес на чистење и исцеление, а со тоа ја чистиме и суштината на неговата енергија во нашето духовно срце; односно го надминуваме внатрешниот дуализам помеѓу чистиот ум и разумот.
Едноставно кажано, енергијата на нашиот ум, во теоретски или практичен допир со гревот, се валка; а во реален допир со Божествената несоздадена енергија, односно во личен однос со Бог, се чисти и преобразува.
Енергијата на умот е таа преку која се валка или чисти нашето духовно срце, затоа што преку неа се валка или чисти и суштината на умот, која е во срцето.
Доволно очистеното од страстите срце станува како гроб на умот, кој молитвено престојува во него – во молитва за целиот свет и за конкретниот непријател.
Молитвата за целиот свет се проверува со молитва за конкретниот непријател. Ако ова не се совпаѓа, човекот се наоѓа во прелест – се лаже самиот себе и му нема лек.
Доколку успееме да го поминеме без пад (односно без предвремено напуштање на молитвениот престој на умот во срцето) периодот во кој непреобразениот дел од страстите ќе биде поттикнуван со реален демонски предизвик за нивно задоволување, тогаш можеме да се надеваме и на дарот на воскресението – и на душата и на телото.
Помислата не е реален, доволен предизвик за оној што се наоѓа на второто ниво од духовниот развој – просветлување, туку конкретните искушенија од областа на славољубието, среброљубието и сластољубието.
Носењето на крстот свој и одрекувањето од себеси, за оние кои пребиваат во просветлување на умот преку дарот на умно-срдечната молитва, се исполнува со доволна љубов и кон непријателите.
За што доволна? За премин на степенот на обожение, кој е вистинско одење по Христос.
А, што значи тоа да останеш нераспнат, т.е. жив за овој паднат свет и без учество во Крстот Христов, т.е. да останеш без христијански идентитет?
Тоа значи да се поистоветуваш со своето паднато, поделено, дуалистичко јас, односно со своите гревовни страсти, кои на колективно ниво се пројавуваат како световни поделби со кои се поистоветуваш – држава, нација, партија и други форми на самочовечко организирано здружување.
Со други зборови, кога се поистоветуваш и ги продлабочуваш поделбите и во себе и во веќе поделениот свет околу тебе, наместо да ги исцелиш тие поделби во самиот себе, како и поделбите во светот околу себе – преку пастирски пристап кон истите.
Митрополит Струмички Наум