Свети Ефрем Сирин

За борбата со гневот

138. Кој од себеси ги прогонува гневот и раздразнувањето, – тој е далеку од војна и метеж; духот негов секогаш е спокоен, лицето му е весело и умот здрав; тој е живеалиште на Светиот Дух.

139. Кроткиот се радува и кога е навреден; благодари кога е понижен; разгневените – со љубовта своја ги скротува; прима удари, – не се срди; кога го потчинуваат – се весели; туѓата гордост не го повредува; во унижувањата се радува; за заслугите свои не се воздигнува; со сите е во мир; на началниците свои тој им е послушен; за работа е приготвен; далеку е од лукавството и не ја познава зависта.

140. Незавидливиот чест не бара, со радосните се радува, на тие што успеваат и својата помош им ја дава, со задоволство ги гледа оние што одат по добриот пат, пофалбата своја им ја даваат на оние што живеат добро; тој никому не му завидува и на успесите од своите браќа од срце им се радува.

141. Беден е оној што завидува и што успехот на другите го измачува; таквиот соучесник му е на ѓаволот, – „поради завист од ѓаволот смртта влезе во овој свет“. (Мудр. Сол. 2, 24).

Срцето негово секогаш од жалост се измачува; телото негово бледило го јаде и силите негови биваат истоштени. Зависта и соперништвото се страшен отров; од нив се раѓаат клеветата, омразата и убиството.

142. Кој својот јазик не го наранил со лоши зборови, тој ги запазил чисти срцето и совеста. Кој останал неуловен од духот на лошите зборови, тој вистински познал дека и самиот е телесен човек и од злопаметење се запазил.

А кој не е со злоречивите – тој со ангелите живее. Кој уште и јазикот свој со лоши зборови не го затровал, тој е исполнет со лекарствата на љубовта. Кој устата своја со лоши зборови не ја извалкал, устата негова е исполнета со благоухана миризба од плодовите на Светиот Дух.

143. Кој против другиот зборува, себе се осудува. Во лошите зборови има клеветништво, омраза и озборување; со право тој се смета за братоубиец.

144. Омразата и зависта под покривот на побожноста – се исто како горчлива вода во златни садови. Дрвото на живот стави го во неа и таа ќе стане слатка. Крстот на Спасителот ги уништил сите напади на лукавиот демон.

145. Духовните очи љубовта ги просветува; кој сака непријателство и караница, тој раката своја во змијско гнездо ја става.

146. Ако во срцето свое злопаметењето го скриваш, – ќе бидеш живеалиште на лутината и незнаењето; жалоста ќе биде вгнездена во тебе и изгледот на лицето твое ќе се измени.

Зашто е реченоː „По патот на правдата има живот и во нејзината патека нема смрт“ (Изрек. 12, 28).

147. Кој во своето срце скрива злопаметење, тој е како оној што во своите пазуви одгледува змија.

148. Гневливиот ја вознемирува душата на браќата свои, а долготрпеливиот во љубовта своја се плаши од Бога.

149. Северниот ветер морето го бранува; гневливоста мислите ги заматува.

Великодушноста гневот го изгонува; без раздразнетост и гневот се прекратува.

150. Незауздениот коњ јавачот свој на непријателите им го предава; разгневениот во несреќи паѓа.

151. Монаху, не слушај ја зависта; не прави му стапици на твојот брат и со имиња лоши не нарекувај го. Сакајќи да го прогониш од местото негово и копајќи му дупка, гледај ти самиот да не паднеш во неа. Слушај што е напишано во Светото писмоː

„Кој копа јама (на ближниот) сам ќе падне во неа“ (Проп. 10,8) иː „Грешниците нека паднат во своите мрежи“ (псал. 140,10).

152. Не измислувај причини и не говориː „Тој брат лошо му прави на нашето братство“. И така да е, ти на другиот не прави му зло и не здружувај се со оние што прават зло, зашто Бог „ги испитува срцата и утробите праведно“ (Псал. , 10).

153. Кој го нашол патот на долготрпеливоста и незлобивоста, тој патот на животот го нашол.

154. Кој завидува на успесите на братот свој, тој од вечниот живот се одделува; кој на братот свој во доброто му помага, – во вечниот живот со него ќе биде. Ако судот ги накажува оние што зло прават и оние што во злото им помагаат, тогаш Господ ќе ги награди и оние што на ближните свои им помагаат Неговата волја да ја извршуваат.

155. Подобро е гневот со насмевка да го пречекуваме, отколку нескротливо на гневот со гнев да враќаме.

156. Димот пчелите ги прогонува, а злопаметењето знаењето од срцето го отстранува.

157. Моли Му се на Господа и солзи пролевај пред добрината Негова и злопаметењето нема да се настани во тебе и молитвата твоја ќе биде „како темјан“ пред Него (Псал. 140, 2).

158 Оној што сака да живее мирно на секое место, тој нека не го бара својот спокој, туку на другите спокојот во Господа, – тој само на тој начин ќе најде спокој на својата душа. А лошиот и нетрпеливиот – никаде не може да најде.

159. Ако некогаш браќата се скараат, тој прв што ќе се покае ќе добие победнички венец, но и другиот ќе биде овенчан, ако го прими неговото покајание и ако направи сѐ што е потребно за мирот меѓу нив.

160. Лутината е јама отворена пред нас; кој ќе ја победи лутината во себе – тој преминал преку јамата.

161. Во едномислието на браќата обитава Господ, а кавгата ѓаволот го вселува.

Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том I.

Претходна статијаМОЛИТВА кон Чесниот Крст Господов!
Следна статијаКога христијаните се во некоја мака, тие не тажат и не се јадосуваат… (кратка поука Св. Макариј Велики)