Особено познат е акатистот на Благовештение, кој се служи во четирите петоци од Великиот пост со мало Повечерие.
Инаку, зборот акатист доаѓа одгрчкиот глагол κάθισις, што значи седи, и άκάθισις, што значи не седи, односно молитва при која не се седи. Истиот се состои од дваесет и пет кратки црковнимолитви. Едни од нив завршуваат со зборот: Алилуја!, што значи:
Фалете Го Бога!,
а другите со: Радувај се, Невесто Неневестна!, а во нашиот случај, пак, со:
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Но, да се навратиме како бил создаден акатистот и зошто го служиме во Православната Црква.
Во текот на 627 година, Источното Ромејско Царство било пред пропаст, поради нападот на Персиските и Аварските војски, па дури и главниот град Константинопол бил под опсада.
За да се избегнат големи жртви и страдања, Ромејците на непријателите им предложиле да склучат мир.
Но, Персијците и Аварите, кои биле незнабошци, ги условиле со напуштање на верата во Распнатиот.
„Ќе склучиме мир само доколку императорот и целиот народ заедно со него се откажете од вашата христијанска вера.“
Дури Аварскиот хан Бајан гордо извикал: „Не надевајте се на вашиот Христос Бог. Утре секако ќе го заземеме градот и ќе го сториме прав и пепел“.
Секому му станала јасна безизлезната состојба што ќе ги снајде градот и граѓаните, па решиле да побараат помош од Единиот сесилен Бог.
Народот го замолил Патријархот Сергеј да отслужи молебен кон Бог и Пресвета Богородица.
Била направена литија и притоа биле извадени мошти од светителите, како и ризата и појасот на Пресвета Богородица од Влахернската црква. Поворката поминала низ градските улици, а Патријархот ги потопил краевите од ризата и појасот на Божјата Мајка во морските води.
И само што завршил молебниот опход по улиците, надошле црни облаци и настанала страшна бура, од морето се кревале огромни бранови, и еден по еден непријателските бродови биле проголтани од длабокото море, а непријателите биле погубени до последниот воин.
Со Божја помош, градот и народот биле спасени од непријателот.
Таа случка Ѝ Ја припишале на Пресвета Богородица, чија молитва била проследена со стоење – акатисно, во Божјите храмови, величајќи Ја како Војвотка.