KАКОВ ТРЕБА ДА БИДЕ НАШИОТ ОДНОС КОН ДУХОВНИОТ ОТЕЦ И ШТО НЕГО ГО РАДУВА И ЖАЛОСТИ КАЈ НАС?
Односот духовен отец и духовно чедо треба да биде духовен и кон тоа треба да ги носиме нашите односи и разговори.
Нешто што најмногу може да го нажалости или повреди духовниот отец е непослушанието на духовното чедо, а нешто што најмногу може да го израдува е послушанието.
Не треба од духовниот отец да се плашиме како од деспот, но не треба да имаме ниту премногу слободен одност кон него. Тоа е како кога имаме однос кон една икона.
Бидејќи духовниот отец е икона на Христос, така и ние треба да се однесуваме кон него. Кога ќе застанете пред иконата, нема да и зборуваме секакви нешта и да барате некои барања кои се неразумни, или да прашувате некои прашања кои се надвор од контекст, туку едноставно, го љубите светителот на иконата и имате љубов и стравопочит кон него.
Многу убава споредба е тоа дека духовниот отец го споредуваме како икона Христова, кога ќе застанеме пред неа, не сакаме да се покажеме и да и угодиме физички, како особено жените кога ќе почнат со дарови да ги мачкат иконите или да стават поголема пара, ќе палат најголеми свеќи и сл. со тоа не можат да Го поткупат Господ, така и кон духовниот отец.
Не треба да се обидуваме да му се умилкуваме, свесно или несвесно да го поткупуваме со нашиот однос кон него, особено со тоа кој поубав подарок ќе му го даде, колку поубаво јадење ќе му направиме, колку поубави зборови ќе кажеме за него и сл.
Тоа духовниот отец ни најмалку не го радува.
Во тој однос духовниот отец го радува начинот или целта со која го посветувате тоа нешто. Состојбата на вашето срце и на вашиот ум. Според тој однос се пропишуваат сите останати правила и односи во релацијата духовен отец и духовно чедо.
Духовни плодови произведени или родени од личносен однос, пред се кон Бога, а потоа и кон него, е она што го радува духовниот отец.
Треба да освестиме дека духовниот отец и духовното чедо пред се` се луѓе и во тие односи секако ќе биде застапен и човечкиот фактор. Не треба да го идолатризираме или прогласуваме за светител, зашто и тој е само човек.
За здрав духовен раст е потребно да го освестиме ова сознание и да знаеме дека најважен е нашиот однос кон него. Духовниот отец подеднакво сите ги сака и сите треба да ги носи кон Господ, а другото, се’ е споредно.
Духовниот Отец најмногу е сакан од оној кој најмногу го извршува неговото слово, од оној кој е најотворен за него.
Не од оној што најмногу вели дека го сака, а постојано се затвара за него, бара внимание, се срди ако не му се даде „потребното“ внимание и не е така како што тој мисли дека треба да е, за се треба да му се објаснува…
Најлошо е кога духовното чедо ќе почне да го советува духовниот отец, ќе почне да се сомнева во него, да го суди и едноставно да му откаже послушност.
Таквиот само му создава мачнотии на својот духовен Отец и таквиот само заради љубовта и смирението на духовниот отец опстојува. Тоа исто е како комуникацијата меѓу главата и раката.
Кога главата ќе и рече на раката да земе нешто, раката веднаш тоа го прави и не чувствува тешкотија. Но, кога раката е повредена, тогаш е тешкото.
Исто така големи маки на духовниот отец му задавате кога имате нерасчистени односи меѓу вас. Пример, треба да цртаме икона. А е најдобар да ги нанесе основните бои на иконата, а Б е подобар да ги потенцира боите.
Ако духовниот отец сака да направи најубава икона, ќе треба да ги искористи способноста на двајцата. Ако црта само А, нема да биде толку убава ако не црта и Б но бидејќи на Б и е проблематична првата фаза, и на него нема да биде исто убава иконата ако црта без А.
Но, бидејќи тие не соработуваат меѓу себе, тогаш рацете на духовниот отец му се врзани. Тој иако ги има нив, исто како и да ги нема и полошо дури.
Знаеш дека имаш, а сепак немаш. Многу мачна ситуација.
Кажете ми дали на тој начин Го славите Бога или го жалостите? Го сакате духовниот отец или не?
Јас ќе речам не, затоа што делата ваши го покажуваат тоа. Тоа е најмачното за духовниот отец и најнеблагодарното нешто од духовните чеда кон отецот.
Не треба само на исповед да дојдете и да кажете дека нешто сте згрешиле и повеќе да зборувате за другите отколку за себе, туку да се има релација, однос, динамика со духовниот отец.
Кога ќе се има чисти личносни односи, тогаш се подобрува духовното чедо. Тоа расте, а духовниот отец уште повеќе се радува и напредува во духовниот живот.
Извор: манастир на св.Прохор Пчински, Донибрук