Мир и радост – Старец Тадеј
Мир и радост на секој од Господа, зашто мирот и радоста се најважните богатства на овој и оној свет. За ова сите ние копнееме.
На земјината топка може да имаме сè што ќе посакаме, а да немаме мир и радост.
А мирот доаѓа од изворот на мир, од Господа. Кога Господ им се обратил на своите ученици, кога тие ја затвориле вратата од страв од Јудејците, прво што им рекол било:
Мир вам.
Господ ќе ве награди со мир, ако се помирите и свртите кон Апсолутното Добро, а Апсолутното Добро е Господ Бог. Тој сака ние да имаме една божествена особина – смирението е таа божествена особина.
Каде што смирението царува, без разлика дали во семејството, или во општеството, тоа од себе лачи мир и радост.
Секое добро и зло доаѓа од мислата, бидејќи ние сме мисловен апарат. Влијаеме дури и на растителниот свет, бидејќи и растителниот свет има нервен систем. Сите очекуваат мир, утеха и љубов.
Покајанието е промена на животот. Човекот потребно е да отиде кај свештеникот или неговиот ближен и да му каже што му го ремети мирот. Кога нашите ближни сочувствуваат во нашите страдања, ние добиваме утеха и сила.
Ако ние се свртиме кон изворот на животот, Господ ќе ни даде сила да утврдиме во себе мисли полни со добрина, зашто добрите мисли, добрите желби, даваат мир и утеха насекаде. Мораме да се промениме.
А нашите мисли влијаат не само нас, туку на сè што нè опкружува. Мораме да упатуваме добри мисли. Господ заповеда да ги љубиме своите непријатели, не поради нив, туку поради нас самите.
Треба да простиме сè од срце. Кога ќе се прости сè од срце, сè е простено. Ние сме соучесници на мирот, тогаш мирот прави радост и утеха на сите околу нас. Сите ги чувствуваат нашите мисли мирни, тивки.
Кога домаќинот на куќата е оптеретен со грижи за семејството, никој нема мир и спокој од неговите мисли, па дури ниту малите деца во развој. Затоа оние кои управуваат со куќата, треба да се предадат на Господа, да Му се молат, и да сфатат дека Господ е семоќен, дека нам Господ нè теши.
Мораме сè да простиме од срце. Внатрешниот мир не може да се задржи, доколку нашата совест нешто изобличува. Мораме да ја смириме совеста. Треба на сите да им простиме од срце. Без тоа нема внатрешен мир.
Господ ќе даде благодат. Тоа е божествена сила која дејствува насекаде, особено во душите кои Го бараат Господа, Изворот на живот. Мирот Божји насекаде се сее.
Треба да сме мирни. Подобро е да трпиме наврда, отколку да нанесуваме навреда. Ако претрпиме навреда, Господ ќе ни даде сила и мир. Ако не претрпиме навреда, совеста нема да ни даде мир. Совеста е Божествениот суд.
Ние можеме да правиме сè, но нема да имаме ниту мир ниту спокој. Карактерната особина е основа за премин кон вечноста. Ако ние сме мирни и тивки, одиме во редот на светите и ангелите.
Нив Господ ги награди со бесплатна благодат, и во тие души нема особини од овој свет. Човек може постојано да го навредува, а тој не навредува. Човек може да го удира, а тој не се лути, бидејќи неговата душа е раководена од Светиот Дух.
Божјата енергија насекаде делува, а особено во оние луѓе кои се свртиле кон Господ. Бог е мир, утеха и радост за сите. Затоа вам ви посакуваме мир и радост од Господа.
Мир вам и радост од Бога!