ПРЕЛЕСТ НА СРЦЕТО! (28.07.2018 18:08)
Има лажна состојба (прелест) на умот, но има и прелест на срцето. Едната прелест станува поради прифаќање и усвојување на лажни мисли, а другата од лажни чувства. Оттука произлегува и прелеста во нашиот говор, како и во нашите дела.
Прелеста е повреда на човековиот ум, како и на човековото срце, со лага.
Прелеста е состојба во која, помалку или повеќе, најчесто несвесно, се наоѓаме сите ние – без исклучок. Освестувањето на овој факт е најдобра заштита од прелеста.
Најголема прелест е кога некој се смета себеси за ослободен од прелеста.
Двете состојби на прелест заемно се поврзани и се надополнуваат. Поделбата е формална, но ни помага попрецизно да ги разликуваме едната од другата.
За да се подослободиш од прелеста на срцето, не создавај при молитвата лажни чувства: дека Бог ти се лути или дека е задоволен од тебе – и чувството на очај, и чувството на еуфорија го прекинуваат православниот духовен подвиг, а посебно молитвата.
Бог само нѐ љуби, и ние, исто така, треба Него – преку себепринесување, но само на подолуопишаниот начин:
„Од сите чувства на срцето, само едно, во неговата состојба на пад, може да биде употребено во невидливото Богослужење: тагата поради гревовите, поради гревовноста, поради падот и својата пропаст – наречено плач, покајание, скрушеност на духот“.
Со еден збор – плачот поради изгубената заедница со Богочовекот Исус Христос.
Покајанието, плачот и смирението се знаци за правилноста на духовниот подвиг. Нивното отсуство е знак за прелест и бесплодност.
Свртеноста кон надвор и решавањето на световните проблеми со запалена крв, пред просветлувањето на умот и дарот на аскетската умно-срдечната молитва, го руши покајанието.
Ваквата состојба се нарекува поистоветување со човечките стихии, за разлика од пастирскиот пристап.
Постои свесно и несвесно опрелестување. Откако ќе прочитате – станува свесно. Кој е дотолку глуп свесно да се опрелестува?
Затоа што „оној што мисли за себе дека е бестрасен, никогаш нема да се очисти од страстите.
Оној кој за себе мисли дека е исполнет со благодат, никогаш нема да добие благодат.
Оној кој мисли дека е свет, никогаш нема да достигне светост“.
Митрополит Струмички Наум